ФИРМИТЕ СО НОВА ДАВАЧКА
Од 100 до 150 евра за процена на секое работно место
Секоја фирма во Македонија мора да направи процена на ризиците на работните места, а документот ќе треба да содржи мерења на физичките, хемиските и на биолошки штетности во работните простории
Секоја фирма во Македонија мора да направи процена на ризиците на работните места. Документот ќе треба да содржи мерења на физичката, хемиската и на биолошката штетнос во работните простории, да се определи заштитна облека и да се предвидат сите можни опасности од машините на кои работат работниците. Истовремено, фирмите треба да им организираат обука на вработените како да работат безбедно и да се заштитат од можните ризици и потенцијални болести кои ги носи работното место.
Ваквите елаборати ќе може да ги подготвуваат 12 фирми кои вчера добија лиценца за работа од Министерството за труд и социјална политика.
"Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, субјектите кои денеска добија дозволи за работа, ќе го проценуваат ризикот при вршење на работа во компаниите. Процената ќе се прави по работно место, а не по работник", изјави министерот Бајрами.
Министерот не кажа колку пари ќе треба да дадат фирмите за оваа нова обврска. Но неофицијалните пресметки кажуваат дека цената се движи од 100 до 150 евра за секое работно место.
"Чекавме да се пријават повеќе правни субјекти за да не дојде до тоа, ако се во помал број, да формираат повисоки цени за процена, кои не би можеле да ги издржат компаниите", додаде министерот за труд и социјална политика.
Директорот на Трудовата инспекција Горан Јовановски вели дека казната за неизвршена процена е од 5.000 до 8.000 евра за фирмата и 500 до 1.000 евра за одговорното лице.
Инспекторите ќе прават контрола, но нема веднаш да казнуваат.
"Нема краен рок до кога фирмите ќе треба да го спроведат ова. Ние ќе ги потсетуваме дека тоа е обврска која треба да се исполни. Доколку и по дадените задолженија обврските не се исполнат, ќе бидеме принудени да изрекуваме казни", вели Јовановски. (Р.Ф.)