Македонија и Русија наскоро ќе потпишат Договор за пријателство
Македонија и Русија се очекува наскоро да потпишат Договор за пријателство и соработка, а постои и голема можност рускиот претседател Дмитриј Медведев да ја посета Македонија.
Ова денеска во интервју за руската агенција ИТАР ТАСС го изјави Дарко Костадиновски, Државен советник за надворешна политика на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
„Оценка и определба на раководствата на двете земји е дека односите на нашите две држави се стигнати на ниво кога треба да се официјализираат со Договор за пријателство и соработка, односно дека веќе подолго време се созреани условите за еден таков чекор“, изјави Костадиновски.
Тој истакна дека оваа иницијатива, за која што е неопходна политичка волја, е стара и дека претседателот Иванов веќе и дал поддршка.
„Таква волја кај нас е присутна бидејќи веруваме дека таквиот договор ќе биде поттик за континуиран политички дијалог и секако за уште поинтензивна соработка во повеќе области, пред се во економијата, енергетиката, културата, образованието, туризмот, и друго“, вели Костадиновски.
Тој изрази надеж дека потпишувањето на тој Договор ќе се случи наскоро и тоа од страна на двајцата претседатели при средба во Македонија.
„На средбите кои Претседателите Иванов и Медведев ги имаа во Русија, можеше да се забележи дека Претседателот Медведев е запознат за големото духовно, културно, христијанско наследство со кое изобилува нашата земја, и искажа желба доколку неговата агенда дозволува одблиску да се запознае со Македонија, што за Република Македонија и нејзините граѓани ќе биде особена чест и задоволство“, рече Костадиновски.
Тој укажа дека Македонија особено го цени тоа што Руската Федерација како еден од најзначајните фактори на светската геополитичка сцена, е земја која безрезервно го поддржува уставното име на Република Македонија.
извор -
http://tocka.com.mk/