Нашите најдобри ватерполисти се во екот на сезоната од Светската лига. Селекцијата на Грција која ни го нанесе петтиот пораз по ред во групата „Е“ одличен противник за лечење на раните, за брз реванш и прво славје во оваа конкуренција.
Воскреснатото македонско ватерполо досега веројатно имаше и потешки предизвици, сепак политичкиот елемент кој го обвива претстојното соочување придонесе во него да се гледа повеќе од натпревар.
Селекторот и репрезентативците за среќа се на сосема друга бранова должина. Ова за нив е само уште еден дуел.
„И досега настапите во Светската лига беа еден вид подготовки за Евро-квалификациите во мај. Сепак, доаѓа Грција и ние ќе се потрудиме да дадеме се од себе, да го одиграме досега најдобриот меч и да ја оствариме првата победа во натпреварувањето“, изјави Стеван Нонковиќ селекторот на македонската ватерполо репрезентација.
Големите очекувања би можеле да бидат дополнителен товар за ватерполистите кои и досега беа прозивани за својата „Македонштина“. Затоа пак триумф би разрешил голем дел од тие дилеми еднаш засекогаш.
„Имаме голема желба да играме пред полни трибини и во фер атмосфера да ја победиме Грција. Нема да биде лесно, но знаеме дека македонскиот народ би дал се утревечер да триумфираме и се надевам тоа ќе ни биде дополнителен мотив“, вели Далибор Перчиниќ.
Вашиот придонес со фер навивање ќе можете да го дадете утревечер од 19 часот во Олимпискиот базен.