Азилантите го предадоа херојот Садула Дураку
Во овие 20 години независност белгиски премиер нема стапнато на тлото на this beautiful country. Сега, без многу процедури, ќе ни дојде прекутрупа, и тоа не сам, туку со еден од министрите. И двајцата, се разбира, како и другите нивни колеги од ЕУ, се наши големи пријатели. А кога да ви дојдат пријатели, ако не кога имаат мака
Изгледа дека рамковниот договор од 2001 година бил грешка, а великиот „командант“ Садула Дураку, познат по својата безгранично префинета и раскошна интелектуалност, летото 2001 година бадијала ги оставаше „кумановске девојке“ без вода „пред вечерњи излазак“. Сето тоа за да можат Албанците во парламентот да зборуваат на албански јазик, за да можат да го веат знамето на Република Албанија во Македонија и за да можат некои од нив да добиваат државна плата, сеедно дали го познаваат македонскиот јазик, како што е сеедно и дали воопшто доаѓаат на работа. Да, и за да може самиот Дураку да биде министер, а сега градоначалник.
Сега, по излетите на луѓето од Липково до Белгија, се гледа дека тоа не им значело ама баш ништо. Како што ниту херојството на Дураку не е некоја посебна причина за да останат дома. Сакале работа и плата. А во таа воена 2001 година, имаше и такви, како авторот на овие редови, кои велеа дека проблемот не е во Преамбулата на Уставот на Македонија, туку во цената на зелката од еден денар. Ама разни шарлатани, кои и денес се обидуваат да продаваат памет, го тврдеа спротивното.
Чудно, ама сега на овие од Липково, новата преамбула на Уставот и рамковниот договор изгледа не им вредат многу. Наместо да си седат на слободната територија, да пијат чај и на раат да виткаат тутун, зашто првпат во историјата се свои на своето, без некоја српска, југословенска или македонска власт да ги тероризира и да им ги ограничува правата, тие си ги спакувале пљачките и тргнале на пат. Решиле луѓето да бегаат од земјата во која е доволно да кажеш дека си Албанец и да добиеш статус на бела мечка, и да се обидат да се скрасат во земја во која ќе ги понижуваат, ќе ги тераат да спијат по прифатни центри, бесконечно ќе ги испрашуваат за причините поради кои бараат азил, за на крајот како исцедена мокра вреќа да ги вратат назад. А дури и да ги пуштат внатре, ќе ги остават да живеат со неколку стотини евра, кои едвај ќе им бидат доволни за леб и вода. Речниците за учење на некој од јазиците што се употребуваат во Белгија ќе ги добијат бесплатно. Оти таму, во Брисел, го нема оној Брисел што овде веднаш дотрчува на секое плачење за наводно загрозените права на Албанците врз етничка основа.
Тие неколку стотици липковчани, заедно со уште понекој Ром и Македонец, очигледно ја кренаа Белгија на нозе. Во овие наши 20 години независност, белгиски премиер нема стапнато на тлото на тхис беаутифул цоунтрѕ. Сега, без многу процедури, ќе ни дојде прекутрупа, и тоа не сам, туку со еден од министрите. И двајцата, се разбира, како и другите нивни колеги од ЕУ, се наши големи пријатели. А кога да ви дојдат пријатели, ако не кога имаат мака. Тогаш не треба да ги молите да испијат кафе со вас, дури ни тие самите пет пари нема да даваат дали со тоа што ќе стапнат на „Александар Велики“ нема да налутат некој друг што живее малку понајуг од нас.
Од истата таа Белгија, која сега е стаписана од безобразноста на „азилантите“, во изминатите петнаесетина години, во нашава земја севкупно се инвестирани нешто помалку од 1,2 милион евра! Не треба многу за да се сфати дека и тоа веројатно се пари од некои овдешни шеми, а не некакви белгиски инвестиции, кои на годишно ниво се помали и од 100.000 евра. Истата таа Белгија немаше ништо против осиромашувањето на Македонија за време на блокадата од Грција. Истата таа Белгија е солидарно арогантна со другите земји од ЕУ и во однос на штетите што Македонија ги трпи од последните блокади. Како и другите, и таа остава проблемот да се реши така што ќе чека во Македонија бројот на приврзаници на опцијата „наведната глава, сабја не сече“ сé повеќе да се зголемува, надевајќи се дека еден ден тој број ќе достигне критична маса. Во меѓувреме ќе игра на картата што овде веќе некое време пропагандно се емитува, а таа е дека ако продолжат да бидат вака тврдоглави, Македонците можат одново да го добијат липковскиот фронт како во 2001 година. Патем, во таа 2001 година, за оружје, за полиција, за војска, за резервисти, за крадење и којзнае за што уште не, беа потрошени повеќе пари отколку што Белгија, ако продолжи со ова темпо, ќе инвестира во Македонија во наредните 200 години.
Во овие изминати 15 години од потпишувањето на Привремената спогодба со Грција, Македонија можеше да го измине патот од заостаната земја до членка на НАТО и ЕУ, која не спаѓа во групата на сиромашни земји. Наспроти тоа, два милиони луѓе се дават од една политика што, да бевме седум децении поназад, веројатно ќе завршеше со окупација на Македонија.
Денес белгискиот премиер има каменчиња во чевлите поради неколку стотини луѓе што му барале азил. Голема работа! Ќе се понервираат малку неговите служби, ќе потрошат некое евро повеќе за сендвичи и ќебиња и ќе ги вратат луѓето назад. Повеќе ќе чинат трошоците за неговиот пат до Скопје, вклучувајќи ги во нив и трошоците за хартија на која беа испишани тревожните реакции на македонските новинари за наводниот нов срам на македонската држава.
Сето тоа, се разбира, не ја ослободува македонската влада од задачата, не само на белгискиот премиер, туку и на домашната јавност да и објасни како е можно тоа, пред нејзиниот нос, некој со денови да измамува стотини граѓани на оваа држава со лажно ветување дека ќе им обезбеди влегување во ветената земја. За такво нешто, колку што е познато од учебниците што се учат на оној факултет во Скопје што сé уште се нарекува Правен, итно се оди пред истражен судија. И тоа со вклучени камери и без замаглување на лицето.
Автор: Дарко Јаневски
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=32101529167&id=13&prilog=0&setIzdanie=21924