ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО МАКСИ ЏЕЗ ОД FAITHLESS
Денс легендите Faithless кои длабоко се врежани во историјата на електронската музика доаѓаат по трет пат во Скопје. ИДИВИДИ направи ЕКСКЛУЗИВНО телефонско интервју со еден од пионерите на денс музиката, Макси Џез. Фронтменот открива каде беа Faithless изминативе години и зошто беа отсутни од музичката сцена, но и го дава одговорот дали планира неговиот бенд да стане The Rolling Stones на електронската денс сцена.
Британскиот електронски бенд ќе ја започне својата турнеја „Calling All the Faithfull“ на 23 април со концерт на Скопски саем - хала 5 .
Поминаа четири години од вашиот последен студиски албум „To All New Arrivals“ и пет години од вашиот платинест Greatest Hits албум „Forever Faithless“. Каде бевте и што работевте во меѓувреме?
Па, не знаев дека поминало толку време. Од 2004 година, да, веројатно сте во право, повеќе од три години. Бевме на турнеја во 2007 година, а во 2008 и 2009 година си зедовме одмор, бидејќи тоа е прилично интензивен животен стил и сметам дека тоа не е нешто што можеш да го работиш постојано, година за година и сепак да бидеш креативно свеж. Си зедовме малку слободно време и одлучивме дека сега е време да снимиме нов албум и да се вратиме на сцената.
По третпат ќе дојдете во Скопје, тоа е голема чест за македонската публика која е нестрплива да ве види и да ве слушне. Зошто го избравте Скопје како почетна точка на вашата европска турнеја?
Морам да бидам искрен, немам поим, затоа што ние како бенд одиме секаде каде што луѓето сакаат да нè слушнат. Немаме ограничувања, одиме секаде каде што имаме фанови што сакаат да нè слушнат. Имаме промотор и агент кои ни ја организираат турнејата. Поради некоја причина тие сакаа да тргнеме од Скопје или Белград или било каде од таа област и среќни сме што ќе дојдеме.
Какво е вашето искуство и што мислите за македонската публика? Можете ли да изберете кој концерт повеќе ви се допадна, оној во 2004 година или оној дождливиот во 2005 година?
Невозможно е да се избере. Тоа е исто како да треба да избереш помеѓу две девојки. Прашањето е чудно. Македонската публика е секогаш многу позитивна. Очигледно е дека го сака настапот и дека ја сака музиката, речиси како да те сака лично.
Какви настапи преферирате, големи или помали, поинтимни настапи каде што можете да воспоставите поблизок контакт со публиката?
Двата вида на настапи се многу различни. Да, со помала публика може да се воспостави подобра врска, поинтимна. Но, исто така е можно да се воспостави многу интимна врска и со голема публика, и тоа дури и дава поголемо задоволство, кога свириш пред голема публика. Од публиката пред којашто свириш добиваш енергија. Кога свириш пред 500 души, врската е интимна и нивото на енергија е многу високо. Но замислете, кога сте на голема сцена пред 100 000 луѓе, енергијата доаѓа од сите 100.000 и тоа не може да се опише. Тогаш имате доволно енергија да трчате по големата сцена и да дадете 100% од себе. Сфаќате дека давате максимумот од себе и постојано добивате енергија, а тоа е енергијата што доаѓа од публиката. Тоа е неверојатно искуство. Не правам разлика меѓу двата вида на настапи.
Што да очекуваме овој пат? Планирате ли да ги свирите вашите најголеми хитови или ова ќе биде промоција на новиот материјал?
Ќе има сè. Секогаш свириме дел од новите песни, затоа што сме горди на нив. Но, исто така ќе свириме и дел од старите песни кои луѓето ги сакаат.
Како што се “Insomnia”, “God is a DJ“…
Точно, песни коишто мора да се отсвират.
Публиката ги обожува тие песни.
Тоа ми е поентата. И јас ги обожувам. Луѓето често ме прашуваат дали ми се здодеани. Јас им велам дека воопшто не ми се здодеани.
Каков звук нуди новиот материјал? Дали се држите до стариот добар рецепт на Faithless или ќе промовирате некој нов, поразличен звук?
На некој начин да, но го следевме и рецептот на Faithless. Сакам овој албум да биде албум за нашите фанови. Фановите ја сакаат добрата промена. На албумот има 6 или 7 денс песни, им ги посветуваме на фановите.
Дали сте задоволни од новиот албум и дали очекувате големи хитови какви што беа “Mass Destruction”, “Insomnia” и “God is a DJ”? Кои песни од албумот сметате дека би можеле да го надминат успехот на споменатите песни?
Успехот на песните како што се “Insomnia” и “God is a DJ” е огромен и јас сум многу благодарен за тоа. Би бил пресреќен ако од новиот албумот излезе поголем хит. Имаме албуми кои луѓето ги сакаат доволно за да ги купат и да уживаат во нив. Благодарен сум поради тоа. Албумот е фантастичен. Единствениот одлучувачки фактор што го имам за секој вид на музика што го правам или продуцирам е тоа дали ми се допаѓа. Доколку предизвика интерес, тогаш ќе бидам задоволен. Не можам да кажам дали на луѓето ќе им се допаѓа повеќе, помалку или еднакво како претходната музика што сме ја правеле. Знам дека мене ми се допаѓа и ова е еден од нашите најдобри албуми.
Дали во иднина планирате соработка и со кого би соработувале?
Да, би сакал да соработувам со некој музичар како на пример Herbie Hancock или некои јамајкански музичари како на пример Winston Riley. Има неколку музичари со кои би сакал да работам. Би сакал да одвојам време и да видам што се случува на музичката сцена во моментов, бидејќи сум многу зафатен за да слушам радио и да разберам што има ново. Би било убаво да поработам со некои нови музичари, да добијам некои свежи идеи.
Музиката се менува од генерација во генерација. Дали сметате дека електронската денс музика го достигна својот врв? Имајќи толкаво искуство, дали би го прифатиле стилот на новата генерација?
Не, не планирам да го прифатам стилот на новата генерација. Ако имаш стил, тогаш тој е твојот стил. Ако го менуваш стилот, тогаш стилот не те отсликува тебе. Ќе се појават нови генерации, а ние ќе заминеме. Не сакам да останам предолго на сцената. Луѓето одат понатаму, се појавува нов звук, сцената се менува. И тоа е природно. Сè си има почеток и крај. Ќе дојде време кога ќе запреме и ќе речеме „добро е дечки, ви благодарам многу, доволно беше.“ Ќе ја ослободиме сцената за новите генерации со надеж дека сме инспирирале дел од нив, дека сме им пружиле задоволство на некои од нив. Но, дефинитивно не го менувам мојот стил.
Какви се вашите планови за во иднина? Што по промотивната турнеја? Дали ќе ја насочите креативната енергија на вашата соло кариера или планирате да бидете “The Rolling Stones” на електронската музика?
Како што реков, последно нешто што ќе бидеме е “The Rolling Stones” на електронската музика. Во еден момент во иднината ќе речеме „доста е“ и ќе запреме. Подобро е да прекинеме додека луѓето не сметаат за големи отколку да дојде време кога луѓето ќе почнат да се прашуваат зошто сме уште присутни. Што значи, не сакам да нè прегази времето. Споменавме дека доаѓаат нови генерации. Нови генерации на љубители на денс музиката, на електронската музика. Тие доаѓаат со нов звук, со нови стилови, така што нашето време ќе заврши. Па би сакал да си заминеме пред тоа да се случи. Ќе заминеме подготвени.
Би сакал да ви го поставам последното прашање. Господине Џез, Дали ќе дојдете повторно во Скопје?
Ќе видиме. Не би можел да кажам. Кога ќе тргнеме на турнеја, ќе дојдеме и во Скопје. Можам да ви ветам дека кога ќе свириме во Европа, сигурно ќе свириме и во Скопје.