
На официјалниот сајт на раперот 50 Сент, кој на 31 март треба да настапи во Скопје, а на 1 април во Белград, завчеравечер е направен упад од хакери кои очигледно од политички цели до името Скопје имаат додадено Грција, а до името Белград имат додадено Југославија. Промените се направени во делот за тур-секцијата, каде што е најавена целата светска турнеја, велат организаторите на скопскиот и белградскиот концерт, Авалон продукција.
"Веднаш реагиравме до европскиот дел на менаџментот на 50 Сент, од каде што не известија дека од самото поставување на датумот на концертот на веб-страницата каде што стоеше Скопје, Македонија биле бомбардирани со мејлови од Грција дека Македонија не постои и дека треба место Македонија да стои ФИРОМ. Очигледно е дека сајтот е пробиен од некои луѓе кои размислуваат во тој правец. Исто така, тие ветија дека веднаш ќе биде вратено името Македонија и дека ќе се обидат да го заштитат сајтот, но ќе треба да поминат неколку часови затоа што веб-страницата се ажурира во САД", велат од Авалон продукција.
Од оваа продукција, која кај нас носи светски музички имиња, додаваат дека за 50 проценти од концертите имаат слични проблеми, затоа што со секоја објава на уставното име на нашава држава следат низа навреди и заканувачки мејлови во кои Грци инсистираат да стои името со кое сме признаени во Обединетите Нации.
Извор: Вечер