... официјална историја.
еве добар текст од нова македонија. за нашата официјална историографија, за тоа како не лажеле, не лажат и ќе не лажат
Младотурска револуција: Го славиме бегот што ја спречи автономијата на Македонија
Нема човек во Македонија што не чул за тоа како со Младотурската револуција конечно сме почнале да се ослободуваме од јаремот на султанот и Османлиската Империја. Нема човек што не чул за славниот марш на Јане Сандански во Истанбул на бел коњ, за да го спречи превратот и да ја спаси власта на Младотурците. Но колкумина чуле дека Младотурската револуција всушност почнала за да се спречи автономијата на Македонија договорена меѓу британскиот крал Едвард и рускиот цар Николај?
Денешното време, тоа веќе не е никаква тајна, е време кога отворено се манипулира со светското население. Од наводното глобално затоплување, кое ни ја донесе конференцијата во Данска, преку паднемијата на свински грип за која дури и Би-би-си почна да прашува каде е, до последното распрашување на Тони Блер во Лондон за арсеналите на биолошко и хемиско оружје на Садам Хусеин, поради што ја одведе Велика Британија во војна во Ирак, а кое никогаш не беше пронајдено.
Во Македонија, со таа т.н. спин-стратегија се соочуваме особено во врска со спорот со Грција за името, од што произлегува целта да се убедат граѓаните на Македонија дека нивната сопствена држава го малтретира јужниот сосед држејќи го прашањето отворено, а не обратно.
Оваа ситуација не е никаква новост кога е во прашање нашата земја. Поради тоа, во неколку продолженија, ќе се обидеме накратко да ви го претставиме нашиот избор на неколку клучни манипулации со македонското население во 20 и 21 век, кога, наспроти очигледната вистина, луѓето биле уверувани во нешто сосема друго.
За разлика од убиството на Гоце Делчев, Младотурската револуција од 1908 година не спаѓа во групата мистериозни настани, бидејќи нема поголеми непознати случувања во врска со неа. Но таа е класичен пример за манипулација со македонската јавност, кога еден крајно неповолен развој на настаните за Македонија се претставува како нешто што заслужува да се слави. Впрочем и децата во основните и во средните училишта за Младотурската револуција учат како за позитивен настан за Македонија.
Пред две години, Фондацијата на Велија Рамковски по повод 100-годишнината од Револуцијата организира патетични манифестации проследени со рекламни спотови, со кои ни се сугерираше дека Младотурската револуција е еден од настаните што воделе до денешната независност на Македонија. Почнало од Илинден 1903 година, продолжило со Револуцијата 1908-та, за преку Ченто и референдумот од 1991 година да се стигне до Џорџ Буш, до признавањето на Македонија од САД под нејзиното име и изјавата на тогашниот американски претседател дека во Букурешт Македонија ќе стане членка на НАТО.
На крајот, ресенчани му ја доделија и титулата почесен граѓанин на внукот на Нијази-бег, еден од водачите на Револуцијата. Титулата ќе имаше своја смисла ако Младотурската револуција навистина, на еден или на друг начин, е вградена во независноста на Македонија. Тогаш на човекот што прв се одметна од султанот во 1908 година, и тоа токму во македонски Ресен, нема друго освен да му се оддаде должна почит, па нека биде тоа и по 100 години и преку неговиот внук.
Меѓутоа, работите стојат многу поинаку. Целата приказна со Младотурската револуција и нејзината наводна поврзаност со создавањето македонска државност е катастрофално извртена. Тоа не би било чудно ако го правеа, на пример, Грците, Бугарите или Србите. Но кога самите Македонци ја фалсификуваат сопствената историја на своја штета, работите стануваат прилично сериозни.
Во сторијата за Младотурската револуција со која се заблудува македонскиот граѓанин, вистина е само дека Нијази-бег командувал со ресенската војска, дека имал сарај во градот и дека тој го почнал финалето на пресметката со султанот Абдул Хамид. Сé друго е обична конструкција.
Три ноќи за Македонија
Младотурската револуција долго се подготвувала. Но којзнае како ќе се одвивала таа доколку не била Македонија. Во деновите пред Нијази-бег со својата војска конечно да се одметне, во јуни 1908 година, во денешен Талин, Естонија, односно тогашен Ревал, била одржана средба на британскиот крал Едвард и рускиот цар Николај. Со оглед на тоа што информациите на двајцата монарси говореле дека во Македонија не се спроведуваат Мирцтегшките реформи воведени по Илинденското востание и дека се засилени аспирациите на Грција и Бугарија (и двете држави имале германски монарси на свое чело), Едвард и Николај заклучиле дека е најдобро ако на Македонија и се даде автономија во нејзините тогашни природни граници. Со тоа, сметале британскиот и рускиот цар, кои биле загрижени поради австриската и германската експанзија во Европа, ќе може да се стави брана на нивното продирање на Балканот и желбата да си обезбедат пристап до Солун.
Ревалската спогодба за Македонија, според А.Ф. Милер, значела англиско-руска контрола врз Македонија, а С. Тошев вели дека тоа неминовно ќе доведело до отцепување на европските територии од Османлиската Империја.
Веста од Ревал за автономија на Македонија, крајно го вознемирила Нијази бег. Во неговите спомени, проучувани од нашиот историчар д-р Јусуф Хамзаоглу, тој запишал: „Размислувајќи за последиците од тие одлуки, три дена и три ноќи не спиев, и три дена и три ноќи поминав во возбуди и треперења, и на крајот решив да се одметнам во планина и да го отворам знамето на востанието“.
Неговата цел е многу јасна - да ја спречи автономијата на Македонија, а со тоа и повлекувањето на Османлиската Империја од нејзиното последно европско упориште. Според Милер, ако Нијази-бег не се одметнел, во Македонија или ќе победела ВМРО или Македонија ќе паднела во рацете на големите држави, што повторно значело нејзина автономија, целовитост и на крајот независност.
Тоа би значело и сосема поинаков тек на историјата на Балканот: до Првата балканска војна не би дошло, зашто Турција веќе би била протерана, а Грција, Бугарија и Србија не би имале што да делат во Втората балканска војна. Со оглед на тоа што на Македонија би и била наменета британско-руска контрола, тоа би ја вброило во Првата светска војна на страната на победниците, со што нејзината целовитост и државност би биле дополнително потврдени, и тоа ни помалку, ни повеќе, туку во Версај, Франција, од каде што последниве години не доаѓаат многу поволни тонови за нас.
Спас во султанот
Младотурците не можеле да гледаат толку далеку, но едно знаеле - за да се спречи спогодбата од Ревал, мора да се кренат на оружје. Тоа и го сториле, а предводник бил токму Нијази-бег на 3 јули 1908 година, како командант на 3-от баталјон од 88-от полк стациониран во Ресен.
Со тоа, според проф. Хамзаоглу, Младотурците го отвориле и патот кон Првата балканска војна и поразот на Османлиската Империја во неа, бидејќи сериозно ја ослабиле нејзината воена сила. Тој пораз како што рековме водел кон Втората балканска војна во која, меѓу другото, првпат во историјата грчката војска стапнала на македонско тло, а последиците од тоа ги чувствуваме и денес. Тоа нé води кон една апсурдна ситуација: во 1908 година, за Македонија единствен спас бил султанот Абдул Хамид, човекот што токму на Македонија и нанел многу зло, пред сé за време на Илинденското востание и по него.
Во почетокот на Револуцијата, луѓето во Македонија навистина верувале дека од неа може да се изроди некое добро. Затоа излегувале на улиците, се бакнувале, а на патот кон Солун, тогашниот новинар на српска „Политика“, Бранислав Нушиќ имал и самиот можност да се увери во тоа. Но бргу сфатиле дека работите не одат на арно, особено откако Младотурците решиле од сите националности во империјата да создадат една нација - турска.
Како е можно тогаш, 100 години по таа револуција, во Македонија на неа да се гледа како на позитивен настан од македонската историја? Одговорот лежи во потребата од манипулацијата со луѓето или, што би рекле денес, со новоусвоениот модернистички речник - во потребата од спинување. Во почетокот веројатно изгледало премногу комплицирано да се објаснува како Младотурците што се бореле против омразениот султан, сега се негативна појава за Македонија, па нашата историја главно се ограничува на тоа дека по првиот полет, нашите предци доживеале разочарување. Згора на тоа, кон Младотурците се приклучил и Јане Сандански (особено со неговото влегување на коњ во Истанбул за да се спречи превратот на приврзаниците на султанот Абдул Хамид), а пиринскиот цар, во македонската црно-бела историја се наоѓа на страната на добрите. Наспроти тоа, вистината за Револуцијата би покажала дека Сандански во 1908 година всушност бил во заблуда и војувал против автономијата на Македонија. Веројатно постојат и други причини зошто Младотурската револуција ни е така претставена, но тоа не е ни толку битно: битно е дека ова е класичен пример како може вистина за една ситуација комплетно да се изврти и да се прикаже во нејзината спротивност. Нешто што подоцна станува класика за Македонија.
////////
МАНУ: Извонредно голем настан
Еве дел од извештајот на еден македонски медиум за научниот собир во МАНУ по повод 100-годишнината од Младотурската револуција: „По повод 100 години од прогласувањето на Младотурската револуција и нејзиното влијание на положбата во Македонија, денеска во МАНУ се одржа меѓународен научен собир“.
Претседателот на МАНУ, Георги Старделов, истакна дека во 1908 година се случил историски пресврт кога сите балкански народи мораа да стават црта и да го постават прашањето на една нова рекапитулација на историските процеси кај нас.
Тој посочи дека во 1908 година се случи крах на османлискиот деспотизам и раѓањето на една нова европска концепција за тоа како може да се развива Балканскиот Полуостров...
Академикот Иван Катарџиев во обраќањето пред присутните рече дека Младотурската револуција е извонредно голем настан во македонската и турската историја и оти таа е длабоко врежана во меморијата на македонскиот и на турскиот народ.
Објавувањето на Младотурската револуција во Македонија, дел од Османлиската Империја, истакна тој, предизвикало невиден изблик на радост и пред перспективата на слободата и братството, омразата и чемерот исчезнале во неповрат.
„Со првите чекори по објавувањето, Младотурската револуција отвори широк простор за културно-национално самоизразување на сите национални ентитети во државата...“, истакна Катарџиев