Св. Валентин се исели од Иран
Св. Валентин се исели од Иран
20.01.2011 | Живот
Властите во Иран го забранија производството и дистрибуцијата на подароците за Св. Валентин, како и било каква друга промоција на 14. февруари како Ден на вљубените.
На овој чекор властите се одлучиле за да го спречат ширењето на западната култура на својата територија, особено затоа што според исламските закони било каква нежност меѓу луѓето кои не се во брак е строго забранета.
Празникот во последните неколку години стана многу популарен во Иран, земја во која 70% од луѓето се помлади од 30 години, пишува Reuters.
Според новите правила на игра, официјално е забрането печатењето и произведувањето на било какви продукти поврзани со Св. Валентин, вклучувајќи ги и постерите, брошурите, писменцата и кутиите со срца, полу-срца, црвени ружи, како и било какви други активности поврзани со промоцијата на овој ден. Овие инструкции стојат во официјалното соопштение од властите, кои предупредуваат дека секој кој ќе ги прекрши новите правила ќе биде казнет.
„Славењето на странски празници е ширење на западната култура, а ние сме древна цивилизација и не ја славиме љубовта и приврзаноста на овој ден“, се вели уште во соопштението по повод новата анти-Св. Валентин регулатива.
http://kajgana.com/zivot/sv-valentin-se-iseli-od-iran