Едиторијал
Колективен стечај
Велат со законот за личен стечај ќе сме се приспособеле кон европското законодавство. Тоа ќе беше добро ако претходно домашниот буџет на граѓаните го приближевме на европскиот. Потоа, лесно ќе беше да се воведуваат и стечаи и ригорозни казни за оние што не ги почитуваат договорите со банките и претерано се луксузираат. Кај нас граѓаните се задолжуваат за да преживеат. За да си купат фрижидер, шпорет или радијаторче на струја, оти не можат да ги платат сметките за парно.
Токму затоа, законот за личен стечај во домашната јавност не се сфаќа поинаку, освен како дополнителна казна за сиромашните. За тоа има повеќе причини, а сите тие се во сферата на механизмите што го кројат економскиот амбиент во земјава. Во услови кога не се донесени основните закони со кои на работниците ќе им се гарантира минимална заработувачка и кога не се изедначени пазарните услови под кои работат фирмите, чудно е што во хармонизацијата со европското законодавство сме тргнале по обратен редослед.
Да не се сфати погрешно, никој не е против нашето законодавство да личи на европското. Но, ако економски сме стотици светлосни километри далеку од Европа, чии примери ги користиме кога носиме ваков закон, редно е прво да размислиме за приоритетните законски проекти во економската сфера.
Во развиените земји законот за стечај се применува за оние што се задолжувале за луксуз. Кај нас граѓаните претежно се задолжуваат на картички или со кредит за да преживеат. Во Европа, законот за личен банкрот или стечај се сфаќа како олеснување за должникот, бидејќи стечајниот управник прво бара начини како да се врати долгот преку репрограмирање, а последен чекор што презема е да го продава имотот на должникот. Тој на некој начин повторно му дава шанса на должникот да се ослободи од долговите, да застане на здрави нозе и да почне нов бизнис. Кај нас со ваква деловна клима, тешко е да се почне нова работа и со здрави финансии, а камоли заглавен во долгови.
Ваква мерка функционира во држави со висок стандард, каде што одморот, школувањето на децата и отплатата на ратите за станот не се сфаќаат како луксуз, туку како неопходност.
Лаконското спроведување на оваа мерка кај нас може да предизвика многу несакани последици. Половина од младите брачни двојки живеат со родителите за да се прехранат од нивните пензии, затоа што се невработени. Нема пазар на трудот и поважни се партиските или роднинските врски отколку стручноста. Стапката на невработеност од над 32 проценти е рекордна. Статистиката вели дека просечната плата е 325 евра, но дури 70 отсто од вработените се под овој просек.
Ако законот за личниот стечај почне да се применува од утре, половина од граѓаните веднаш може да се прогласат за стечајци и да си назначат стечајни управници за да се справат со огромните банкарски камати.
Уставната дефиниција дека сме социјална држава не значи дека сите граѓани треба да станат социјални случаи. Банките и доверителите имаат одговорност да го оценат ризикот пред да позајмуваат пари. Државата треба да го олеснува и да го регулира животот на граѓаните, треба да се грижи да го полни буџетот, но не по цена да продуцира сиромаштија и бездомници, само за банките полесно да си ги наплатат побарувањата.
Александра Филиповска
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=D6DC14FC29277B4DB0CE7B52DAB83357