Умре во Измир, душата му остана во Битола
Далеку од родниот крај згасна животот на најпознатиот битолски текстописец, автор на најопеаната битолска песна „Битола мој роден крај“Каде и да заврши мојот животот, срцето секогаш ќе ми остане во Битола. Така велеше кутриот Ајри Демировски. Кога и да дојдеше пред татковата куќа во својот роден крај, ќе излееше едночудо солзи. Живееше во Турција, а душата му остана тука. Вака раскажува битолчанецот Никола Котевски, растревожен од веста за смртта на песнописецот Демировски, (83), авторот на антологиската песна „Битола мој роден крај“, кој почина пред два дена во Измир. Котевски денес живее на улицата Илинденска, во куќата што пред половина век била дом на најпознатиот битолски песнописец.
Во долниот кат од објектот се' уште ѕиркаат тесните одаи во кои Демировски ги поминал бессоните ноќи додека како бисери му се нижеле стиховите од незаборавните народни песни. Додека се провиравме крај старовремските креденчиња и тркалезната софра, се прашувавме која од 80-те песни ја напишал тука. Дали „За кого ти цути Дано лицето“ , „Доста, доста лично бре Стојне“ (инспирирана од една неостварена љубов) или „Мори моме Магде умирам за тебе“, зашто за „Битола мој роден крај“ се знае дека се родила додека учел графичка школа во Загреб (1944), а тагувал по Битола.
- Куќата ја купивме кога заминуваше за Турција во 1955 година, а во наследство ни остана тапијата на која како први наследници се пишани Ајри со своите браќа. По 28 години отсуство дојде во Битола и првата посета беше многу потресна. Тогаш и татко ми беше жив, се изгушкаа и двајцата почнаа да плачат. Кога да дојдеше, плачеше кутриот. Имам во наследство еден куп стари фотографии, од кои најверојатно дел се оставени од претходните станари - вели Котевски.
Токму во оваа маало Демировски го почувствувал космополитскиот дух на Битола, како што изјави во интервју за „Дневник“ додека беше жив. Кога умрел татко му, кој бил оџа, останала анката со три малолетни деца. Соседот бил поп и цела зима во текот на окупацијата, минувајќи од капиџикот што ги поврзувал двете куќи, му носел литургии.
„Ниту едно христијанче нема јадено литургии како јас, ако не беше тој, ќе умревме од глад“, имаше речено Демировски.
Веста за неговата смрт во Битола го затекна неговиот другар Фадиљ Месими. Тој деновиве дојде од Турција да го надгледува документарецот што продуцентската куќа И-ес-ер од Истанбул го снима за Демировски.
- Беше мој мајстор, бербер на Житни пазар, калфа, а јас бев чирак кај него. Такво семејство беа што одев кај нив дома да земам ручек, ставаја по две лајци и за мене да има. Без јас да јадам, тој не јадеше. Заедно во 1955 година заминавме во Турција, во ист вагон бевме, заминавме во два различни града, но комуникација имавме цело време - раскажува Фадиљ.
Документарецот за Демировски го финансира Министерството за култура на Турција, а промоцијата во 2010 година ќе биде во Битола.
- Две години трае снимањето. Во 2008 и 2009 година со Ајри снимивме повеќе репортажни емисии дома, на работно место во Измир и во Истанбул. Требаше годинава да биде со нас во Битола при снимањето, меѓутоа болеста го спречи. Пред да дојдиме ваму испрати срдечни поздрави до сите битолчани, бидејќи неговите сограѓани му лежеа во душата до крајот на животот - вели Јаасин Туркер, раководител на проектот.
Иако Турчин по етничка припадност, Демировски ги напишал најубавите народни песни на чист македонски јазик.
- Беше почесен граѓанин на Битола, а „Битола мој роден крај“, химна на градот, по неа не' препознаваат низ целиот свет. Тој е човек кој никогаш нема да умре и градскиот часовник во 12 часот со таа песна го означува пладнето во Битола - рече градоначалникот Владимир Талески.
Улица и спомен-биста за Демировски
Новинарот Менде Младеновски, директор на „Битолски весник“, е човекот кој во последните две години го носеше Демировски во Битола и се грижеше овде да ја добие потребната здравствена грижа, зашто беше на дијализа.
- Дојде лани и годинава во февруари. Иако беше тешко болен, лекарите не му препорачуваа да доаѓа, одеше на два дена на дијализа, имаше над 80 години и, замислете, во таква состојба да дојде со авион за само неколку дена да биде во Битола. Велеше, Битола ме лекува - вели Младеновски.
Во неколку наврати и Општина Битола му испратила финансиски средства за негово лекување. Сега има иницијатива по него да се наречи една од градските улици и да се подигне спомен-биста во Градскиот парк, каде што лани го засади дрвото на животот.