Sabajle se zgadiv koga go procitav ova:
Плажите светски - градот селски!
Приказните дека море си е море, а езеро е алтернатива за сиромашни, е самопрезир типичен за балкански народ. Пола Австрија, Канада па и комшиската Америка, летува на езера, и тоа се смета за господски избор, насопроти печењето на радиоактивно сонце. Охрид, за жал, е на пола пат до туризам. Плажите стануваат светски, но останете околу нив, и држете се подалеку од градот Охрид
Има и добра и лоша вест од охридската разгледница. Со која да се почне? Да почнеме од лошата вест, па на крај да се релаксираме со добите абери.
Градот Охрид е сериозно загрозен. Кога ќе се погледне што се случува во Охрид, не е чудо што две години по ред УНЕСКО се заканува дека на Охрид ќе му ја земе лиценцата за светски заштитено културно место.
Главната улица, Туристичка, не е веќе Охрид. Таква калакурница од смешни згради, дивоградби, самозаградени балкони, има и по главните улици низ македонските паланки - од Крива Паланка, Пехчево или Валандово, па се до поголемите села од типот на Липково. Она што градските власти на Охрид го дозволиле со изградба на се и сешто по главната, Туристичка улица, е злосторство за оваа заштитена градска архитектура. Од објектите изградени последниве десетина години по централната охридска улица нема ниту еден кој е во согласност со стандардите - по квалитет, дизајн и намена да бидат во согласност со стилот на автентичната, охридска архитектура.
Напротив, селески фасади со прикрпени балкони, кич натписи за фирмите што ги граделе, дуќани за бофл роба во приземјето... грозно. Во многу случаи и мизерно. Оваа корупција со јавен, историски имот на овој историски град, градските власти со ниту еден затвор не можат да ја платат. Заедно со затворот за сторителите - тоа треба да се руши. Од корен. Се гледа дека градоначалникот е партиски другар на Бучковски и Заев. Оние, што за пари, даваа се што од нив ќе се побара.
Охридската гимназија, и како содржина, и како објект, е културен споменик. Кога ќе видите како пред неа се наредени што билборди, што диви билборди, од кои споменикот не може да се види, и дуќанчиња од отпаден лим... и Крива Паланка, и Пехчево за Охрид се - метрополи!
Сите улици од Туристичка кон езерото се неуредни, тревата не е искосена, ѓубре има околу зградите и дуќаните, се паркира на диво, смрдат скари по објектите, се давале дозволи за дуќани без оглед на станбената намена... што е ситуација слична и со кејот, на кој се продаваат неоданочени панаѓурски дрангулии, маици, гаќи... нема градски информатор, нема општонаменски туристички центар, нема музика под контрола да не им смета на другите... главната улица, Чаршијата, е прекриена со таканаречен мермер кој во лето се загрева до шеесет степени. По главната улица има дуќани во кои, речиси без исклучок, се продава фалсификувана турска роба. Гардероба усмрдена од магацински нафталин, со лажни марки на Версаче, Долче и Габана, Трусарди... кои се очигледен фалсификат. Има ли воопшто пазарна инспекција во Охрид?
Ни во очај во Охрид не купувајте гардероба, техника или храна што се продава на улица. Тоа е поголем ризик од птичји и свински грип, заедно.
Архитектурата, дуќаните, сообраќајните решенија во Охрид смрдат на тешка корупција. Тоа се гледа со голо око. Особено ако во Охрид сте оделе и порано, пред периодот од седум, осум години наназад.
Кога ќе се свртите околу плоштадот ситуацијата е уште поочајна. Мрак, евтини тезги со диви продавачи, пластична амбалажа собрана по кејот и околу кантите за ѓубре кои се веќе преполни, прескапи паркинзи на кои има повеќе таксисти отколку туристи. Од добриот, стар Охрид во центарот останата е познатата аптека, рестораните Далга и Момир, а Антико кој плаче барем за козметичка обнова... и толку. Се останато го има и во Крива Паланка, Пехчево и Липково. Просто е болно кога ќе се види како градските власти давале дозвола да се продаде, за кафана или дуќанче со турска роба, секое ќоше од Чаршијата и центарот. Го продале секое ќоше, и сега таму веќе нема град. Паланка останала.
Смрдеа, пластични тоалети, дивоградби, турска фалш стока... реклами, натписи на дуќани по извиткани лимови, неписмени информации, со рака и четка импровизирани реклами, без логика и правила... каде отиде Оној Охрид?!
И згора на се, дивите сместувачи што без данок и гаранција ви продаваат соба по станови и куќарки, со цена за десет евра, и нагоре, за една вечер.
Патот од Охрид до Свети Стефан е запуштен. Тревата е дива, растена по метро, полна со отпад и шут по патот. Дури и тревата помеѓу двете страни од таа прометна улица не е негувана. Таблите за хотели се поставувани без план, ред, естетика и стручен надзор. Тоа градските власти не смеат да го дозволат. За Охрид да биде историски Охрид, даваат пари и другите, а не само охриѓани.
И корупција, и свети корупција, ама сакаме да видиме дека во ова држава, особено во историскиот Охрид, има и друга власт, а не само локална.
И Свети Стефан, убедливо најсодржинска локација на Охриското Езеро, е под влијание на сељачаната, и корупцијата од градските власти. Некогашните, работнички одмаралишта како Жито Лукс, Интеримпекс, Бетон, Студентско... се приватизирани, но функционални со различен успех.
Смрдеата на сељачана, паланечки менталитет и корупција, која го полни Охрид, добацува и до Свети Стефан. Таму има тип, што има двоспратна куќа на која претенцизоно е закачена табле со дури четири ѕвезди, и натпис Хотел Свети Стефан. Ни помалку, ни повеќе. Куќата е на раскрсницата од главната улица кон езеро. На самата раскрсница истиот самоволно обележал шест места за свој паркинг. На просторот за улица! Типот, велат, работи во Управа за јавни приходи Охрид. Сам себе не се контролира, сигурно. Пред истата градба, кон плажа, типот закупил простор и малку му е сето тоа, забетонирал едно-два метра долж плажата, за да си постави маси од кафаната. Ужас.
Узурпирани бетонски површини има и на плажата пред хотел Орце Николов. Никој не реагира. Корупција до балчак. Свети Стефан врие од дивоградби, продавничиња од отпаден лим без ред, естетика. Дуќани со фалш стока. На крајот од најубавата плажа во Охрид, светистефанската, помеѓу плажата пред Застава и детскиот младински хотел, група локални охриѓани заградиле дворови веднаш до езерото. Насадиле пипер, патлиџан, меѓу крпеници од куќарчиња, стари аута како една пеглица... на плажата на Специјална детска болница, една од најубавите во Охрид, има повеќе отпадни пластични шишиња, отколку во сите околни контејнери - заедно. Над иљада! Корпција е и што со години Специјалната детска болница е затворена. Објектите руинираат. Даваме даноци деца да одат таму на летување и лекување, а не некоја охридска бараба да чека, и дочека, објектот да се приватизира и претвори во профитен панаѓаур.
Со ваков, паланечки Охрид, градските власти ќе асоцираат и привлекуваат сиромашни, и очајни туристи без пари, и без моќ да влијаат на развој на туризмот.
Но, Охрид има и шанса.
Една од најпродуктивните идеи на оваа Влада е да се дадат под закуп плажите во Охрид на приватни лица. Лагадин е навистина изменет на подобро, од корен. Лагадин, од почеток, па се до Пештани, има уредени плажи, добра музика, топ услуга... како во било кој добар италијански, или шпански туристички центар. Над стандардите, и нивото на грчките плажи. Слична, добра ситуација е и со целиот комплекс на Инекс Горица.
Плажите на Свети Стефан, од хотел Силекс, па до Славија и понатаму, се на истото високо, а во делот после Славија дури и луксузно ниво. Она што недостасува за комплетно уживање е плажите да имаат јавни тоалети, плутени обележја од кои натаму се плива на свој ризик, но зад кои никој не смее да доплови со чамец или, не дај Боже, со скутер. Најпосле, мораат да имаат и професионални спасувачи, и барем една медицинска екипа на неколку иљади капачи. Тоа не е многу пари, ама дава заокружување на целосната претстава.
Одлично е и во Градиште. Свети Наум, со потполна одговорност, едно од најубавите туристички места на Балканот, со квалитетот на Свети Стефан, Бодрум или грчките острови, мора да се земе и преорганизира од ново.
Военото одмаралиште е носечко за летувањето. Бара целосно нова организација, по можност од странска стручна институција, подигање на цените и нивото на услуги. Високо ниво има ресторанот на Островот пред, или под, манастирот Свети Наум кој веќе сега е на ниво над македонските критериуми.
Во Свети Наум не смее да има панаѓури, тезги со дрангулии, фалс маици и слична гардероба. На тоа место не му доликува таков третман. Не можете да одите во лулката на македонската писменост и култура, поиминувајќи низ шпалир од лажни сребрени ланчиња, бакарни икони и пластични школки, тезги со скара направена од месо кое никој, никогаш не го контрилирал. Хотелот во манастирот е добар но, плажата пред Свети Наум е во очајна состојба. Паланка, пар екселанс. Свети Наум или ќе го има, и ќе оди таму кој сака да ја види Македонија низ времето, или да го затвориме и целосно да го оставиме ливада за панаѓури.
Во Охрид вреди да се оди. Но заобиколете го градот. Тоа веќе и не е град. Со мали исклучоци, од Свети Стефан, Лагадин и Градиште ќе видите фајде во секое време. Во најголем дел има одлична понуда за уживање. Приказните дека за тие пари има добри места и во Грција, не се точни. Нема за тие пари такви добри места во Грција, во тоа можете да верувате на збор. А и приказните дека море си е море, а Охрид е сепак езеро, се паланачки. Прво, сте се прашале ли зошто богатите одат на летување во бањи, езера, па и на планини? Зошто местата околу канадските острови заработуваат повеќе од летувалиштата на морската Флорида? Не се луѓето глупави, ни сиромаси, да избираат езера наместо море.
Мал совет за подобриот дел од охридската понуда. Нема јавни тоалети, и паркинг. Прескапи ви се лежалките на плажа. Сто и педесет денари по човек е многу пари. Една фамилија треба секој ден, само за столови, да плати петсто денари. За тие петсто денари трите члена ќе седнат во првата кафетерија, и ќе имаат ем маса, ем пијачки цел ден, а столовите на плажа ќе ви останат празни.
Јас во Охрид ќе одам. Подалеку од градот, поблиску до езерото.