ТРИУМФ НА ТУТУНСКИ КОМБИНАТ БРЕНД ВО РАКОМЕТНИОТ КУП НА МАКЕДОНИЈА
Пехарот по големиот срам остана во Прилеп
Другата страна на финалето: дилетантизам на судиската двојка Арсенов-Јаневски, физички пресметки меѓу играчите во "жарот" на борбата, повлекувањето на пелистерци од паркетот, 15-минутен прекин, Мавровски и
Ракометарите на Тутунски комбинат Бренд со триумфот над Пелистер во финалето на Купот на Македонија го освоија првиот трофеј во својата клупска историја. Со овој успех на најубав можен начин е прославен златниот јубилеј 50 години организиран ракомет во Прилеп, но и 30 години спонзорство на АД "Тутунски комбинат". Тутунарите и целиот Прилеп искрено и заслужено му се израдуваа на првиот пехар во своите витрини, но поимот ракомет таа неделна вечер на паркетот во Универзалната сала во Прилеп загуби секоја смисла. Двочасовното финале прерасна во гладијаторска крволочна борба, во која целта на дефанзивните интервенции во најголем број случаи не беше топката, туку желбата да се тушира противникот. Како илустрација, тутунарот Славиша Стојковиќ на крајот мораше да биде пренесен во болница поради полесен потрес на мозокот, како последица на еден боречки зафат од Калајџиоски, но своја минута превиткување на паркетот имаа и Орде и Кристијан Илиоски, Шокоски, Темелков, Калајџиоски, Митков... Се на се, вкупно 40 минути се играше со ракометар помалку! Тензијата ја креваа и пелистерци, понекогаш претерувајќи во реакциите, иритирајќи ја публиката, а за што Секулиќ ќе си го "добиеше" одејќи кон соблекувалните на полувремето.
Работите излегоа од колосек. Скопската судиска двојка Арсенов-Јаневски се однесуваше како свирчето да им заталкало во рацете. Недораснати да се носат со тежината на ситуацијата, со својот дилетантизам, сами го подготвија теренот за инцидентните ситуации и за гневните реакции како на гледачите, така и на актерите на паркетот. А, откако во 39:44 минута еден нималку нежен прекршок на Шокоски врз Темелков при противнапад го оквалификуваа само како обична опструкција, за да во следниот момент му покажат две минути на голманот на битолчани Виктор Горбах поради наводна вербална провокација, на пелистерци им пукна филмот. Финалето на Купот се претвори во една од најголемите срамоти во историјата на македонскиот ракомет: претседателот на Пелистер, Спиро Мавровски, ја повлече својата екипа од паркетот и ја упати кон соблекувалните. Во меѓувреме, атмосферата на трибините ја достигна точката на вриење, па малубројните "чкембари" во придружба на полицијата беа изведени од салата. По преиспитувањето на својата крајно непопуларна постапка, очигледно свесни за можните последици и драконски казни, пелистерци по десет минути се вратија на паркетот. Но, на Мавровски како тешко да му падна кога забележа дека делот од трибините каде што седеа "чкембарите" е празен, па интервенираше кај полицијата да ги врати. По оправдано добиениот црвен картон за својата одлука да ја повлече екипата, на Мавровски му се влоши здравствената состојба. Беспоштедната борба на паркетот продолжи, додека истовремено се правеа обиди да му се нормализира состојбата на Мавровски, кој, сепак, мораше да замине во болница.
Целата таа мачна ситуација на 15-минутниот прекин тутунарите како да психички далеку подобро ја поднесоа. Битолчани при резултат 13:13 изведоа напад за водство, но потоа се беше во рацете на домаќините. Лесно стекнаа предност од три-четири гола, што со смирена и рутинирана игра успеаја да ја одржат и на крајот заслужено да му се радуваат на пехарот. Сепак, тутунарите беа тие кои од првата минута на средбата беа во водство, а во своите редови го имаа и извонредниот Брестовац, кој нареди 19 одбрани. Битолчани неколку пати успеваа да израмнат, но не и да направат целосен пресврт. На крајот ниту сребрените медали не сакаа да си ги земат, не му подадоа рака на победникот, ниту, пак, го потпишаа записникот по завршувањето на натпреварот.