Друга битна карактеристика на шверцот со цигари е што станува збор за регионален проблем. Кога се говори за тутунска афера во Македонија, мора да се знае дека таа има и свои “дувански”, т.е. српски аспект. Имаме чуено на една телевизиска емисија дека генералите на ЈНА се согласиле, без испукан куршум, да ја напуштат Македонија дури откако тогашниот државен врв им ветил оти српско-македонските тутунско-дувански врски ќе зајакнат, а џиновските профити од криумчарењето ќе ги користи и војската. За ова драгоцени податоци би можел да поседува Зоран Верушевски, кој сега од Рим внимателно следи како се развива италијанската кривична пријава против Мило Ѓукановиќ.
Деновиве во соседна Србија се случува вистински порој од написи за тамошната тутунска афера. Духовите се неверојатно возбудени, па се провлекуваат и грешки. Така, на пример, еден од најголемите познавачи на великосрпскиот мафијашки државен апарат, новинарот на белградско Време Милош Васиќ, неодамна напиша дека вдовицата на тобако-баронот Влада Ковачевиќ Треф (екс-ЈУ тркачки ас и фри-шоп партнер на синот на Слободан Милошевиќ), Бојана Бајрушевиќ, седела в кафеана во друштво со Александар Тијаниќ, директор на српската државна телевизија. Тоа во тамошните кругови веднаш било сфатено дека во криминогеното оро, кое го вијат Милошевиќ и неговата сопруга Мира Марковиќ, се наоѓа и српскиот премиер Воислав Коштуница, зашто е близок на спомнатиот директор на РТС, Тијаниќ. Меѓутоа, се покажа дека новинарот Милош Васиќ бил излажан! Брифер му бил ексминистерот за правда Владан Батиќ, еден од најблиските соработници на убиениот Зоран Ѓинѓиќ. И - ете повод во криминогеното “коло српских сестара” да се придодаде и покојниот Ѓинѓиќ, за кој Цане Суботиќ се фалел дека му е личен пријател. Патем, се шпекулира дека токму Цане бил организатор на прочуената белградска средба меѓу Зоран Ѓинѓиќ, од една, и Љубчо Георгиевски и Срѓан Керим, од друга страна, во 2000 г.
ДАНЧО И БЕБА Злонамерните сигурно ќе помислат оти со ваквиот меѓунаслов навестуваме дека ќе пишуваме за врските помеѓу тутунскиот “смуглер” Данаил Шутурков и неговата ќерка Беба Шутуркова, проректорка на Скопскиот универзитет, чиј сопруг Александар Анчевски со години беше на чело на Сеучилиштето “Св. Кирил и Методиј”. Ама се, излажале. Меѓунасловот е најава за релациите меѓу шверцувањето на македонскиот тутун, за што главен беше т.н. Шутурко, и српските воено-полициски структури, за што во комшиските медиуми често говори Беба Поповиќ, советник за медиуми на убиениот Зоран Ѓинѓиќ. Овој Беба неодамна повторно изби во прв план, откако го наклевети Ѓинѓиќевиот министер за внатрешни работи Душан Михајловиќ оти постојано се интересирал за врските помеѓу него (Беба) и Цане Суботиќ, инсистирајќи да се сретне со Цанета. Поповиќ изјавил: “Суботиќ го избегнуваше Михајловиќ, ама на моја молба се согласи да се види со министерот во ноември 2003; се сретнаа после полноќ, во просториите на Нова демократија, на ул. Мајка Јевросима”. Притоа, шефот на српската полиција побарал богатиот тобако-бос да ја финансира кампањата на неговата партија НД, која беше во коалиција со Демократската партија на ликвидираниот Ѓинѓиќ.
Зошто ве оптоваруваме со вакви, навидум, внатрешни работи на Република Србија? Прочитајте што му претходи на овој цитат во белградско Време, па сe` ќе се разјасни: “Фалсификуваните цигари претежно стигаа со брод во Бугарија, па потоа преку Македонија беа увезувани без царина и евиденција. Македонија така ја создаде својата шверцерска елита: Драган Даравелски, директор на царината во време на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ (сега е во Србија, стекна државјанство) беше на врска од бугарска страна со покојниот Иван Тодоров Докторот (го убија цигари од калашников), а во Македонија, пак, со Македонија табак, државна фирма на чие чело беше Страшо Нелковски (експретседател на скопскиот Градски совет од СДСМ, н.з.). Неговиот заменик Данчо Шутурков му беше главен оперативец; обајцата во најдобри односи со Мирко Вучуревиќ (имаа часовници нивада; Нелковски уште носи таков саат). Македонија табак беше главно средство за богатење на македонската политичка елита до 2001 г.,
Македонија табак беше исплатувана во готово од страна на Мирослав Пешиќ, познат во Скопје како Мики, сега притворен, за цигари кои се шверцувани во Србија. Денес македонските власти кажуваат дека предметот Мрежа не ги занима зашто 'времињата биле такви, што се плаќало само со кеш'. За само 4 години, покојниот Доктор Тодоров испрал во Македонија некои 50 милиони марки од шверц, а тоа не се разликува од просекот за 15 години на среќната соработка на српските, македонските и бугарските шверцери. За Мирко Вучуревиќ македонските извори велат бил врска преку Македонија кон Грција: покрај шверцот на чувствителна воена стока, странично се работени и цигари. Од Бургас и Солун, преку Романија, Крива Паланка, Драгоман и Калотина од 1993 г. до 1995 г. минале околу 1.000 контејнери цигари”.
Тоа е тој балкански круг со никотинска креда во чиј центар, се чини, е Македонија.
МИЛИЈАРДА МАРКИ Зошто е важен регионалниот контекст кога се разгледува тутунската мафија во Македонија? Затоа што, всушност, станува збор за еден интегриран балкански систем. Синџирот одел отприлика вака: цигари произведени во некој од македонските тутунски комбинати или доставени до бугарските пристаништа, се транспортираат во тогашната Сојузна Република Југославија. За трансфер преку источната српска граница велат била одговорна Мира Марковиќ и нејзината партија ЈУЛ, а за “јужната пруга” (кодното име на РМ во српските тајни служби) наводно бил надлежен Милошевиќ Јуниор и тандемот Влада Треф и Цане Суботиќ. Иако Лепи Цане прекрасно функционира со Хрватите, омилена “бавча” како да му била Македонија. Впрочем, што е тука чудно? Доказ оти хрватско-македонската “духанска” врска и ден-денес е сјајна, покажува Коста Јанковски. Сите што пушат ронхил треба да знаат дека тој е претставникот на Творница духана Ровињ и дека самите се заслужни за неговата ергела од ултраскапи автомобили.
Што се случувало по влезот на фалц-штеките со македонски марлборо во Србија? Се знае - правец Подгорица и Бар! Од црногорските пристаништа, како морски, така и воздушни, фалсификуваните боксови се товареле или на воздухоплови или на брзи глисери, а потоа се “извезувале” во западните земји. Плаќањето за лажните марлборо, винстон, ротманс или данхил било на лице место, во кеш. Во последниот број на НИН објавени се сумите кои одредени агенти на српските служби, преку Црна Гора, ги транспортирале во банките на Кипар. Според овој неделник, само некојси Душко Ранковиќ, од 13.2.1998 до 1.7.1999, од Подгорица на Кипар пренел фантастични 309.094.240 германски марки!!! Проценките на овој весник, кој важи за исклучително близок до српските безбедносни кругови, се дека само во периодот од 1997 г. до 2000 г. на Кипар е пренесена готовина од преку милијарда и 200 милиони марки!?! Во таа сума секако дека се “вградени” десетици и стотици милиони македонски девизи, кои домородните политичари ги ограбија од сопствената држава и од тутуноберачите.
МИЛИОНЧЕ НА ЉУБЧЕ Од друга страна, сигурно е дека Срѓан и неговата медиумска камарила нема да бидат единствените што ќе грицкаат нокти додека ќе трае очекуваниот судски процес против Цане, Мира и Марко Милошевиќ. Очигледно е дека целата таа постјугословенска Ал Каеда, кога е во прашање Република Македонија, опфаќала и покрупни риби кои, на ваков или онаков начин, учествувале во бизнисот со цигари. Во дневникот Време, на 20 јуни, беше објавено искажување на ексминистерот за внатрешни работи Павле Трајанов, коалициски партнер на Никола Груевски, во кое се спомна некаков таен состанок од 1992 г. во Лондон, на кој влијателни разузнавачки служби, придружени од ЦИА-шкиот Филип Морис, го убедиле Мило Ѓукановиќ да ја вклучи во шверцот неговата Црна Гора, а тој за возврат да работи против Слободан Милошевиќ (патем, агент на западните служби бил и поранешниот прв српски цариник Михаљ Кертес Брацика, Унгарец, ама Слобо не се посомневал во него, па сега токму тој е крунски сведок против Мира и Марко Милошевиќ).
Трајанов во статијата уште изјавува дека во 1999 г. Шутурков им платил милион марки на Љубе Бошковски, Пане Велев и Драган Даравелски. После тоа, овие тројца пулени на Љубчо Георгиевски го оставиле на раат ресенчанецот Данаил Шутурко да си го тера шверцот. Арно ама, наскоро самата тогашна влада се впуштила во матните бизниси, за што ДБК имала огромен доказен материјал: од фотографии до искажувањето на Трајанов, арчењето новинарска хартија за шверцот со цигари веќе е целосно депласирано. Постојат сите услови извршната власт да покрене кривична постапка, а и Собранието мора да формира анкетна комисија. Доколку двете гранки на власта не преземат никакви чекори, тогаш овој народ очигледно е засекогаш осуден да остане во канџите на тутунската мафија.