НА ОСТРОВОТ АЛКАТРАЗ КАЈ САН ФРАНЦИСКО
Индијанците го прославија Денот на неблагодарноста
Островот Алкатраз станал место за индијанските собири во 1969 година, кога властите му ставиле клуч на затворскиот комплекс
Стотици домородци на островот Алкатраз кај Сан Франциско молејќи се го одржаа со векови стариот ритуал на кој се покајаа што нивните претци им помогнале на белите доселеници во САД. - Во Америка се слави Денот на благодарноста во спомен на помошта што доселениците ја добија од домородците да ја преживеат првата зима на новооткриениот континент. Но, за нас тој ден е најтажниот во историјата бидејќи помошта беше злоупотребена - изјавил Мечката Линколн, од племето Ваилики.
На таканаречениот Ден на неблагодарноста учествувале околу 3.000 жители на САД. Облечени во традиционална облека, со боја на лицата, околу развиорениот пламен домородците го одржале танцот на кој шаманите со извици и молитви изречени на мајчин јазик ги бркале лошите духови. Во знак на солидарност, на американските домородци им се придружила група луѓе од Њу Мексико, кои потекнуваат од античките Ацтеки, но и Јапонци, Африканци и Палестинци. А меѓу присутните имало и многу белци, жители на Сан Франциско.
- Ова е нивна земја. Им се придруживме и се солидаризираме со нивниот протест изразен преку танцот. Денеска и ние нема да јадеме печена мисирка, која во САД по традиција се служи за вечера на Денот на благодарноста - изјавила Ирма Пинедо, која допатувала од Њу Мексико.
Еден од редовните набљудувачи на индијанската манифестација е и 41-годишниот Ерин Александар, кој живее во Сан Франциско.
- Веќе дванаесетта година по ред доаѓам тука. Со мене ги носам и моите деца затоа што сакам да ја дознаат и другата страна на историјата на својата земја - вели Александар.
Двајца од организаторите на овогодишниот собир се и браќата Гери Шиао, чие индијанско име е Огнен волк и Ајзак Роско - Планинскиот лав, кои специјално за собирот направиле верни реплики на облеките што ги носеле нивните предци и племенски старешини.
- Овој ден не' потсетува на масакрот на нашите племиња. Доселениците се терористи уште од денот кога се истоварија со бродовите на Источниот брег во 1492 година, а истото го прават и денес во Ирак и во други земји. Со овој собир ги потсетуваме на нас. Дека се' уште сме тука. Дека преживеавме - обвинил 51-годишниот Линколн.
Островот Алкатраз, станал место за индијанските собири во 1969 година, кога властите му ставиле клуч на затворскиот комплекс. Тогаш неколку племенски водачи се повикале на договорите со владата и го присвоиле островот.
- Кога го зедовме островот беше радосен ден. Индијанците беа духовно мртви, но успеавме на него да ја продолжиме нашата традиција. Јас бев еден од индијанските лидери кои преговараа со владата. На првиот собир дојдоа околу 15.000 домородци - вели 86-годишниот Осамен патник, поглавар на племето Црни стапала.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=88F3C9B2A1985148ABD1E2D30A93D055