Гласот на Љубомир Николовски, за речиси сите љубители на кошарката во Македонија, стана синоним за НБА лигата на А1 телевизија. Затоа, многумина збунето ги проверуваа своите далечински управувачи на телевизорите, кога на почетокот од годинешниот плеј оф, го слушнаа како натпреварите ги коментира на Македонската телевизија - Како ја оценуваш тековната сезона во НБА, односно дали е амортизирано заминувањето на неколку мега-ѕвезди? - И порано, не само во НБА, туку општо во кошарката заминувале големи кошаркари и секогаш оние што живееле со таа генерација велеле дека такво нешто нема да се повтори. Но, секогаш се појавувале нови играчи и генерациии и, што е уште поинтересно, секогаш носеле, ако не нешто подобро, тогаш нешто поинтересно и повозбудливо. Мислам дека минатата сезона беше токму таква: возбудлива и интересна, односно репер за правецот во кој ќе оди НБА во наредните сезони. Кошаркари како Винс Картер, Ален Ајверсон, Латрел Спривел, Џејсон Кид, Тим Данкан, Коби Брајант и посебно Шекил О Нил се нешто што секој би посакал да го гледа. Дека станува збор за играчи на кои во играта најмалку им недостасува атракција потврди и фактот што НБА повторно на Ол стар викендот го врати турнирот во забивање. Овие што ги набројав се само најекспонираните, но има уште цела плејада кошаркари како Шариф Абдур Рахим, Стив Френсис, Џејсон Вилијамс, Елтон Бренд... кои многу брзо ќе бидат во позиција рамноправно да се носат со нив. - Што беше причина за твојот трансфер од А1 во МТВ? Според наши информации А1 не била подготвена да ги финансира преносите од годинешниот плеј оф. Зар тоа не можеше да се предвиди порано? - Во основа НБА беше единствената програма надвор од информативната што А1 ја покриваше финансиски. Веројатно такви беа желбите на луѓето што ја водат куќата. Имаше став дека тоа е имиџ на телевизијата што треба да се задржи. Се додека не видоа оти е тешко маркетиншки да се покрие тој проект. И тоа онаа програма што веќе ја имавме. А, моите амбиции беа уште поголеми - зголемување на обемот на преноси и емисии, и повеќе ексклузивна програма само за нашата територија која сакав да ја обезбедам преку контактите во САД. Заклучивме дека А1 не ќе може да го следи тоа што го наметнува интересот на гледачите за НБА програмата и оти во таква ситуација подобро би било да се оди на телевизија што има можности и услови за поамбициозен проект. Во основа јас никаде не гледам судир мегу НБА и А1, туку некаков логичен след на настани според интересите не само на НБА, туку и на А1. - Дали луѓето од НБА имаа забелешки на промената на телевизиската куќа, што ќе ги емитува нивните преноси? - Воопшто не. Првичниот мониторинг за овие месец и нешто на НБА на МТВ, вели дека интересот е огромен и оти одгласите се одлични. Тоа го знаат и во НБА. За тоа придонесе и зголемениот обем на натпревари што директно се пренесуваат на програмата (од два на три преноси неделно), квалитетот на сликата, но и атмосферата што се создаде за и околу овој трансфер. Јас лично знам дека сите во НБА без проблеми ја прифатија промената и оти се задоволни и со сите други параметри. - Има ли разлика во финансиските услови, што ти ги имаш сега, во однос на тие од А1? - Јас во А1 бев на плата, а сега работам на проект во кој мојот хонорар зависи од бројот на емисиите и преносите што се емитуваат на програмата. Отсекогаш мој мотив бил тоа што ќе го сторам, да биде добро и квалитетно. Во МТВ имам услови да им понудам квалитетен производ на гледачите. Имав и во А1, но овде секако се подобри. Од финансиските услови сум задоволен, а кога е човек задоволен, секако порелаксирано работи. - Ова е твое второ менување на куќата за која работиш. Седум години помина во Радио Скопје, а од 1991 до неодамна беше во А1. Кој од тие трансфери помина потешко? - Мислам дека потешка ми беше онаа прва промена. Кога од радио одев на телевизија се решавав за нешто што не ми беше многу познато. Промената е драстична. И не само како промена на медиумот, туку и како премин од државна во приватна институција. Неизвесноста беше максимална, а заврши со првиот пренос што го имав на А1. Овојпат преминувам само во друга ТВ куќа, но во ист вид медиум. Јасно е дека тука владеат други принципи на работа, но се надевам оти брзо ќе се прилагодам на нив. Првите впечатоци од луѓето со кои контактирам се извонредни. Искрено се надевам дека и тие се задоволни од мене, начинот на кој работам и комуницирам со нив и посебно, со програмата што оди на МТВ. - Дали договорот со МТВ е долгорочен или само за овој плеј оф? - Принципиелно сме договорени да соработуваме во наредните четири години. Моментно го очекувам договорот потпишан од НБА, кој ќе го официјализира тоа што ние го договоривме. Според тоа што го видов работејќи во МТВ, скоро два месеца, нема причини гледачите на подолг период да не ја следат НБА на МТВ. Договоривме соработка на обострано задоволство и мислам дека се задоволни сите три страни: НБА, МТВ и што е најважно, гледачите. - Какви се реакциите во А1 за преземањето на правата за пренос на НБА мечеви од страна на МТВ? - Па, не би можел да кажам. Верувам дека некому му е полесно вака, но и оти поголемиот дел од колегите би сакале НБА да се емитуваше и натаму на А1. Ако не поради друго, тогаш поради квалитетот на програмата што секако привлекуваше не мал број гледачи на таа телевизија. Искрено верувам дека по овој трансфер нашите односи воопшто не се заладени. Јас се уште кога одам во А1 се чувствувам како дома и така секогаш ќе биде. Ќе бев среќен ако и натаму продолжеше нашата соработка, но воопшто не сум несреќен и што е вака. МТВ е предизвик. Во МТВ работат голем број стручни луѓе со кои е задоволство да се соработува. Јас се радувам што го имам тоа искуство од работа во А1. И тоа од првиот ден на таа телевизија. Мислам дека тоа искуство е драгоцено за мојата натамошна работа на МТВ. Даниел С. Михајловски