Во ред е Владата по секоја цена да сака да ги продаде ЕМО и ОХИС на начин на кој и вработените ќе останат на работа и државата ќе заработи преку продажбата на акциите и инвеститорот ќе добие силни компании од кои ќе може да профитира. Но да не заборавиме живееме во реалноста а не во идеализиран свет. Значи кога секаде во светот настапува криза и големите коорпорации најавуваат загуби во работењето кои ги покриваат со отпуштање на вработени, кога на големо се очекува најголемата депресија по 1929-1930 година нереално е Владата на РМ да “вади од болвата лој“. Сепак продолжувањето со работа на гигантите кои имаат голем број на вработени треба да е во преден план. Наместо тоа за Владата нереално во преден план е продажната вредност на акциите. И повторно медиумите кажуваат еден факт а забораваат друг факт: Во ред владата конкретно за ОХИС ја намалува цената за една акција од 28 на 18 евра (ако добро разбрав), или на 10 евра (ако не разбрав добро) но сепак и тоа е за повеќе пати повисока цена од пазарната цена на акциите на ОХИС на МБ која изнесува околу 200 ден (3,5 евра).
Со овој потег Владата не покажува решителност во намерата за продавање на ЕМО и ОХИС на стратешки инвеститор туку намера да ја залажува јавноста со своите чекори од кои нема ништо да произлезе. Еве нека звучам и како пророк: по објавувањето на огласите во странските медиуми Владата ќе отвори тендерска постапка на која ниту за ОХИС ниту за ЕМО нема да има заинтересирани купувачи по што некаде пред Нова Година ќе овласти ревизорска куќа која некаде по изборите ќе заклучи дека е потребно Владата да покрие дел од долговите на двете компании (кои заради нерентабилното работење само се зголемуваат) по што Владата или ќе одлучи да поведе стечајна постапка или повторно ќе ги стави на продажба која најверојатно ќе има иста завршница како и претходните тогаш веќе 4 постапки за продажба. И тогаш пак ревизори и пак двоумење се додека не реши конечно да му стави крај на овој магичен круг и да ги ликвидира двете компании а новоформираните компании без никакви обврски да ги понуди на продажба. Ќе морам да кажам за жал тоа според мене е единствен излез за сите кои се инволвирани почнувајќи од вработените завршувајќи со малцинските акционери како во ОХИС така и во ЕМО.