За да се одржува стабилна телесна тежина , потребно е енергетскиот внес да е еднаков со потрошувачката. Ако потрошувачката е поголема, доаѓа до слабеење, и обратно, ако внесот е поголем од потрошувачката, до здебелување.
Како да ослабам, без да го нарушам моето здравје?
Рационален одговор на прашањето како да се ослаби здраво е - повеќе да се вежба и да се зема храна која содржи помалку калории. За да обезбедите исхрана со помалку калории, не мора комплетно да ги измените вашите прехрамбени навики. Понекогаш помага, ако направите одредени промени во начинот и времето кога јадете. Фактори кои допринесуваат кон зголемување на тежината се:
- Jадење ноќе
- Различни социјални настани, придружени со јадење
- Jадење заради навика
- Јадење и истовремено пиење на алкохол.
Понекогаш е доволно само да го избегнете јадењето во овие околности. Нема потреба да се намалува бројот на регуларните оброци. Пожелно е, да јадете помалку при секој оброк и да ја зголемите количината на влакнести материи, јагленохидрати и незаситени масти. Познато е дека ако се консумираат обилни поединечни оброци, капацитетот на желудникот се зголемува. Со тоа се зголемува и количината на храна која треба да се изеде, за да се постигне чувство на ситост. Доколку се обидувате да ослабите, не се препорачува да прескокнувате оброци. Всушност, ако прескокнете оброк, вие потоа веројатно ќе изедете повеќе отколку што инаку би јаделе и тоа води до зголемување на капацитетот на стомакот.
Долготрајно гледано, брзите диети водат до повторно здебелување
- Повеќето луѓе кои треба да ослабат се обидуваат да држат некоја брза диета, што е всушност краткотрајно решение. На периодите на лишување или гладување , организмот одговара така, што го снижува метаболизмот. По престанување со диетата, организмот согорува дури помалку калории отколку претходно, бидејќи метаболизмот е помалку ефикасен.
- Покрај тоа, познато е дека губитокот на тежината во тек на строгите диети повеќе е резултат на губитокот на вода и мускулно ткиво, а не на масното ткиво. За да се согоруваат килоџулите потребнa е работа на мускулите. Секогаш кога држите таква диета, вие губите и одреден процент на мускулното ткиво, што значи дека вашиот организам не може да согори толку килоџули , колку што можел, пред држењето на диетата.
- Само еден циклус на повторно здебелување, по ваква ригорозна диета, го зголемува ризикот од коронарна болест, независно од нивото на мастите.
- Современите диети за слабеење во кои се препорачува висока содржина на протеини и ниска содржина на јаглени хидрати се ефикасни, но може да доведат до метаболички пореметувања.
- Спротивно, нискокалорични диети со висока содржина на овошје и зеленчук, интегрални житарки, легуминози и обезмастени продукти, се исто така ефикасни и со поголема шанса, тежината да се задржи по прекинување на диетата. Со овој тип на диета, се постигнува желудникот да е полн и чувство на ситост, а истовремено се намалува ризикот за хронични болести.
Зголемете ја физичката активност!
Иако традиционално, нашата земја има релативно здрава исхрана, бројот на дебели луѓе се зголемува секоја година. Тоа е затоа, што сме станале седечка нација. За повеќето од нас, физичката активност не е веќе природен дел од нашиот животен стил. Умерена физичка активност е доволна за да се забрза метаболизмот и загубата на тежината. Најдобро е, ако физичката активност се зголемува постепено. Умерена активност- како пешачење, работа во градината, возење точак или дури шишање на тревникот, може да помогнаат во намалувањето на масните наслаги. Откажете ја употребата на автомобилот секогаш кога е тоа можно. Шетајте куче. Користете скали наместо лифт. Одберете активности кои вам ви причинуваат задоволство, а не она што сметате дека е добро за вас.
Кои практични чекори да ги првземам за да ослабам, на здрав начин?
- Избегнувајте брзи диети.
- Јадете поголем број продукти, од сите хранителни групи.
- Земајте помалку храна во тек на секој оброк, но зголемето го бројот на оброци или ужинки во тек на денот.
- Намалете го внесот на високоенергетските хранителни продукти, кои се сиромашни во хранителни состојки- како слатки пијалоци и бомбони. Некои високоенергетски храни кои се богати во хранителни состојки, може да се земаат, но само мала количина –на пример црвено месо, ореви,нерафинирано маслиново масло.
- Исфрлете ги од исхраната заситените масти и алкохолот.
- Обидете се да јадете повеќе свежа храна и помалку процесирани продукти.
- Избегнувајте да јадете заради задоволство, тогаш кога сте загрижени или сте под стрес.
- Обидете се да запрете со јадењето- кога ќе почувствувате дека сте се најале.
Дали ви е потребна дополнителна помош?
- Ако повеќе пати, безуспешно сте се обидувале да ослабите со брзи диети, веројатно ви треба професионална помош, за да ве упатат во здравиот начин на исхрана.
- Ако сте дебели, а имате повеќе од 40 години , посоветувајте се со докторот пред да започнете со вежбање.