Црква во центарот на Скопје

  • Креатор на темата Креатор на темата concrete
  • Време на започнување Време на започнување
Статус
Затворена за нови мислења.
Факти против аргументите за црква


Деновиве во медиумите осамна едно јавно обраќање од страна на ВМРО-ДПМНЕ, во вид на образложение за возобновување на православниот храм „Св. Константин и Елена“. Образложението е структурирано во девет спорни ставови:

„Станува збор за возобновување на православниот храм ’Св. Константин и Елена’, кој непотребно е урнат по земјотресот со одлука на тогашната режимска власт, која цели 45 години владееше без демократски избори и со репресивни мерки ги казнуваше неистомислениците“. Вака гласи првиот став од образложението на ВМРО ДПМНЕ. Во него се прави обид да се доведат во релација уривањето на црквата и режимската власт од тоа време, која, наводно, била виновна за невозобновувањето на црквата веднаш по земјотресот. Се оди дури дотаму што сето тоа на некаков начин се доведува во однос со владеење без демократски избори и казнување неистомисленици! Претпоставувам дека со тоа ДПМНЕ сака да каже дека власта во тоа време била нетолерантна спрема верниците. Да потсетиме: МПЦ најпрво се здоби со автономност, на 17 јуни 1959 година (значи, пред земјотресот), а потоа и со автокефалност, на 17 јули 1967 година (ова е документирано и на сајтот на МПЦ - www.mpc.org.mk/MPC/istorija), во еден режим кој, наводно, ги казнувал неистомислениците. Фактите говорат дека режимот кој, наводно, казнувал неистомисленици (тоа претпоставувам се верниците, според убедувањето на ДПМНЕ) овозможил (или барем дозволил) создавање Македонска православна црква. Поправете ме, но мислам дека ниту една друга „комунистичка“ држава нема направено нешто слично, бидејќи православните цркви во другите „комунистички“ држави постоеле пред воведувањето „режимска власт“. Значи, во првиот став се работи за груба невистина и манипулација! Доколку навистина сакаме да говориме за казнување неистомисленици, тогаш не треба тоа да го бараме таму каде што најмалку може да се забележи. Се' што треба да сториме е само да се навратиме еден месец наназад. На протестите од 28 март 2009 година, најубедливо можеше да се забележи што им се случува на неистомислениците ДЕНЕС.

Во вториот став од образложението се вели: „Поголемиот број главни и големи градови во Европа и светот имаат црква или катедрала на централниот плоштад“. Аналогијата е кревок доказ. Плоштадите во тие градови се конципирани така што гравитираат околу споменатите верски храмови. Во нив, тие не се дополнително „залепени“. Кога „лепите“ црква на плоштад кој урбанистички е веќе 46 години конципиран во модернистички стил, тогаш се соочувате со неизбежна опасност од архитектонско-урбанистичка деконтекстуелизација. Тоа значи стилска недефинираност и уништување на модернистичката компактност на плоштадот.

Во четвртиот став, ДПМНЕ го правда проектот, наведувајќи го податокот дека „во општина Центар, 99 отсто од граѓаните се христијани и природно беше Советот на оваа општина да поддржи ваков објект“. Во тесното централно градско подрачје, веќе постојат три големи православни цркви. Нели е тоа сосем доволно за 99 отсто од центарците? Она што, исто така, е нејасно е тоа што во самиот почеток на соопштението до јавноста се вели дека во партиската програма на изборите во 2008 година ВМРО-ДПМНЕ јавно објави дека ќе изгради православен храм на плоштадот во Скопје. Второ прашање за 1.000 денари: дали црквата ќе се гради за 99 проценти од граѓаните на општината Центар или, пак, за изгледот на скопскиот плоштад одлучуваат граѓаните на цела Македонија? Дали, притоа, точно се знае дека граѓаните гласале токму за тоа предизборно ветување? Најпосле, дали граѓаните од цела Македонија се доволно стручни да знаат кое е најдоброто решение за изгледот на централното градско подрачје во Скопје или, пак, за тоа треба да се одлучува преку јавна расправа со стручните лица?

Петти став: „Се работи за објект кој ќе го разубави централниот плоштад во државата…“ Да! Доколку целта ни е од Скопје да направиме балкански Лас Вегас, тогаш разубавувањето е неоспорно. Меѓутоа, Лас Вегас е светската престолнина на архитектонскиот кич, бидејќи беше изграден како град кој би понудил лесна забава, евтин гламур и лажна надеж за оние кои сакаат брзо да се збогатат. Имајќи ги предвид и другите најавени згради, скулптури и споменици на плоштадот Македонија (при што, какофонијата од стилови ќе биде неизбежна), се чини дека сме на добар пат да го претвориме Скопје во бледа балканска варијанта на Лас Вегас.

Шести став: „Црквата е урната од државата, па останува обврска на државата да ја возобнови“. Јас, пак, си мислев дека државата има обврска да се грижи ако не за благосостојбата, тогаш барем за поднослив живот на граѓаните, особено во услови на криза, кога сите разумни влади максимално ги намалуваат своите трошоци. Ребалансот на буџетот претставуваше одлична можност Владата елегантно да се ослободи од ова бреме што го обеси на себе (поточно, на грбот на граѓаните), меѓутоа, очигледно, ниту очајната состојба на економијата ниту масовната сиромаштија на луѓето не претставуваат доволна причина таа да се откаже од овој проект.

Бидејќи не наоѓам ништо спорно во седмиот и во осмиот став од образложението (што не значи дека тие претставуваат доволни аргументи за возобновување), останува уште последниот: „МПЦ застана зад овој проект, а ниту една друга верска заедница не е против“. Се разбира дека МПЦ застана зад тој проект, бидејќи и' е поважен сопствениот експанзионизам (тука треба да се спомене и нејзиниот предаторски однос кон веронауката) отколку градење еден личносен однос со бога. Но, за тоа повеќе во мојата утрешна колумна, во неделникот „Глобус“.

Очекувам аргументиран одговор на овие забелешки, бидејќи сериозно ја доведуваат во прашање потребата и смислата на возобновување на црквата.

(Авторот е магистер по филозофски науки)

Линк
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom