Највисоката зграда во Дубаи
Нејзиното отворање доаѓа во момент кога Дубаи се соочува со јавен долг поголем од 100 милијарди долари.
Според аналитичарите, „Бурж Дубаи“ би можел да биде последниот „фараонски“ проект по кој емиратот се прослави во светот.
Шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, 60-годишен владетел на градот-држава, се надева дека оваа градба и придружни објекти, за чија изградба се потрошени над 20 милијарди долари, ќе му помогне на Дубаи да ја врати репутацијата меѓу меѓународните инвеститори и имиџот на моќен финансиски центар.
- Економските циклуси се менуваат, кризата траеше премногу долго, над 20 месеци и сега се надѕира крајот, рече Мохамед Алабар, претседател и генерален директор на градежниот гигант Емар, кој „стои“ зад проектот на изградба на кулата.
Најголемата кула на светот, гигант од челик и стакло, висока над 800 метри, има 200 катови, од кои 160 се наменети за живеење и деловен простор, а споед Алабар, 90 отсто од зградата веќе е продадена.
Во нејзиниот состав се наоѓаат над илјада станови како и луксузниот хотел Армани со спа центар и повеќе ресторани кои ќе бидат отворени во март годинава.
Ова архитектонско чудо има и четири базени, како и највисокиот ресторан на светот, сместен на 122-от кат и паркинг со над 3.000 места.
Кулата, за чија изградба се потрошени 330.000 кубни метри бетон и 31.400 тони железни шипки, се гледа на оддалеченост од дури 95 километри.
Со своите над 800 метри, „Бурж Дубаи“ за неколку стотини метри го надминува досега највисокиот облакодер во светот, тајванскиот „Тајпеј 101“, кој е висок 508 метри.
Покрај тоа што е највисок изграден објект во светот, „Бурж Дубаи“ е и зграда со најмногу катови, а нејзината платформа за панорамско разгледување на околината се наоѓа на 124-от кат, со што станува панорама на најголема височина во светот.