Читам и си викам, вакви мерки требаа да се направат уште многу одамна, НО никогаш не е доцна! Меѓутоа тогаш, некои беа повеќе заинтересирани во кратенки и менувања, отколку решавање проблеми...
Царинската управа вчера го запре влезот за сите стоки чија документација не го содржи уставното име на земјата. На граничните премини вчера останаа повеќе товарни возила што превезувале стока со документација што стана спорна за Царинската управа. Царинските службеници одбиле да ги прифатат документите на шпедитерите на кои било наведено ПЈРМ или Поранешна Југословенска Република Македонија.
- Овој потег за нас е шокантен затоа што дојде без никакво предупредување. Ни беа вратени сите документи на кои не е наведено името Република Македонија. Царинските службеници не' известија дека добиле писмена инструкција од директорот да не прифаќаат документација ако не е наведено името Република Македонија - велат вработени во една македонска шпедитерска фирма.
Наспроти тврдењата на шпедитерите дека се враќаат стоки и со декларации на кои е наведено името под кои сме примени во Обединетите нации „Поранешна Југословенска Република Македонија“, директорот на Царината Ванчо Каргов тврди дека се вратени само стоките со кратенката ПЈРМ.
- Кратенката ПЈРМ не постои никаде како име на нашата земја и не знам дали и досега било законски да се прифаќа стока со таква документација. Ќе се обидеме да најдеме техничко решение да се премости овој проблем. Документација на која е наведено ПЈРМ како име на земјата не е прифатлива за Царината - вели Каргов. Според неговите информации, неговата писмена инструкција не создала тешкотии во протекот на стоки.
- Нема многу камиони што чекаат, верувам дека проблемот наскоро ќе се реши - додаде Каргов.
Во Царината велат дека документација со скратеницата ПЈРМ, без, или со додаток „Скопје“, најчесто има на увезената стока од Грција.