Бундестагот потврди дека уапсените на Косово биле агенти на БНД
Тројцата Германци уапсени на Косово, осомничени дека фрлиле експлозив врз канцеларијата на Европската унија, биле вработени во германската разузнавачка служба БНД.
Ова го соопштила германската Влада, на барање на парламентарната комисија за надзор на разузнавачките операции.
Германците се уапсени минатиот четврток, а по испрашувањето од страна на судијата на приштинскиот суд, одреден им е притвор до 22. декември.
Германците се уапсени откако го проверувале местото на нападот и се задржувале во зградата од каде бил извршен нападот на ЕУЛЕКС, а по апсењето се правдале дека вршеле увид на местото на нападот.
Сите тројца се вработени во компанијата „Лоџистик Асесментс”, што се занимава со консалтинг услуги за германските инвеститори при инвестирање во Косово, а вистинска цел им била формирање база на германската разузнавачка служба, поради што извесно време биле надгледувани од косовските власти.
-----------------------------------
Вкупно 37 познати новинари на Бугарската национална телевизија биле агенти на тајната полиција за време на комунистичкиот режим во Бугарија, покажуваат податоците на бугарската парламентарна Комисија за лустрација.
Во извештајот на Комисијата, формирана од страна на бугарското Собрание со задача да го испита минато на јавните личности кои работеле во различни сектори, се наведува дека била извршена проверка на вкупно 484 вработени во БНТ.
При тоа е утврдено дека 37 новинари до 1989 година биле соработници на полициската служба за Државна безбедност.
Меѓу посочените полициска агенти се и поранешните генерални директори на БНТ Иван Гранитски, Огњан Сапарев, Хачо Бојаџиев и Иван Токачиев, како и познатите бугарски телевизиски новинари Кеворк Кеворкјан, Иван Гарелов и Димитриј Иванов.
Комисијата најави дека наскоро ќе ги објави и имињата на соработниците на тајната полиција вработени во Бугарското национално радио.