ПОНУДА ЗА НОВ ДОГОВОР ДО ШВЕДСКИОТ ГОЛГЕТЕР
Почнаа преговорите со Ибрахимовиќ
По повеќе од два месеци одложување, Јувентус вчера и официјално ги почна преговорите за нов договор со Златан Ибрахимовиќ.
Челниците на "Старата дама" долго време шпекулираа дека се наоѓаат пред договор со Швеѓанецот, што беше демантирано од страна на неговиот агент, Мино Раиола.
Дури вчера и двете страни потврдија дека преговорите конечно почнале, очигледно поради с$ почестите шпекулации дека Реал Мадрид е подготвен да плати 30 милиони евра за Ибрахимовиќ.
Шведскиот репрезентативец има договор со Јувентус до 2008 година со плата од околу три милиони евра по сезона, но Лучијано Моџи инсистира тој да ја продолжи верноста кон "Старата дама" најмалку до 2010 година.
"Добро е да се знае дека елитните клубови се интересираат за Ибрахимовиќ. Морам да кажам дека желба на фудбалерот е да остане во Јувентус и затоа Златан е пресреќен што Моџи и останатите директори ги почнаа преговорите за нов договор", изјави Раиола.
Сепак, првичните информации од Апенинскиот Полуостров говорат дека преговорите нема да течат без проблеми.
Првичната понуда на Јувентус изнесува петгодишен договор вреден четири милиони евра по сезона, што експресно било одбиено од страна на Ибрахимовиќ. Според "Газета дело Спорт", Лучијано Моџи јасно ставил до знаење дека годишна плата од пет милиони евра е максимумот што Златан би можел да го заработува на Деле Алпи, но Швеѓанецот инсистира на заработувачка од шест милиони евра годишно, колку што има и најголемото засилување на Јуве во летниот преоден рок, Патрик Виеира.
Како што стојат работите во моментов, многу лесно може да се случи преговорите експресно да бидат прекинати, и Ибрахимовиќ по завршувањето на сезонава да се пресели во редовите на Реал Мадрид.