Конструктивна, вака ја оценуваат од Владата средбата на Црвенковски и Груевски во претседателскиот кабинет.
По прашањето за Косово и името и двајцата имале исти позиции, изјави Груевски, останува дополнително Владата да се изјасни по предлогот на Претседателот за амбасадорите, откако Црвенковски ги отфрлил двата владини, едниот претседателот да се откаже од Пендаровски и Бучковски, за возврат и тие да отстапат од оние кои се спорни за Претседателот и вториот да се повлечат сите амбасадори и да се назначат нови, согласно принципот на професионални дипломати според законот за надворешни.
„Тој сака да останат досегашните партиски, да си го завршат мандатот, а новите што ќе бидат да биле непартиски. Ние не одговоривме на неговата понуда, рековме дека откако ги одби овие два предлога, ќе ни требаат уште неколку дена, некаде до понеделник, да се изјасниме за предлогот за којшто тој инсистира“, изјави Никола Груевски, претседател на Влада на РМ.
Црвенковски, велат од неговиот кабинет, не прифатил по автоматизам да престане мандатот на актуелните амбасадори, бидејќи имало и такви кои добро ја вршеле функцијата. Го оценил предлогот како нерационален и би создал нови проблеми.
Црвенковски не се изјаснил за предлогот на Груевски околу докомплетирањето на Судскиот совет, затоа што не ги допирал ингеренциите на Претседателот.
Груевски изјави дека прашањето околу Советот ќе зависи од ставот на ДУИ и тоа ќе се дефинира на лидерската средба попладнево.
„Да го видиме нивниот став, па потоа да се изјаснуваме дали нешто е прифатливо или не е прифатливо, бидејќи од нив сега зависи во голема мера дали тоа ќе биде прифатен или неприфатен предлог. Инаку, се разбира, и ние имаме наши предлози во тој правец коишто попладнево ќе ги соопштиме“, рече Груевски.
На лидерската средба во Клубот на пратениците со лидерите на четирите големи партии ќе присуствува и Црвенковски.
Извор