Грците ја одбиваат споредбата на Пелагонија со Пела
Грчките археолози не сакаат да соработуваат со македонските колеги на споредувањето на артефактите од гробниците на античките македонски кралеви од Пела и оние, слични на нив, откриени неодамна на локалитетот Бонче во Пелагонија, под планината Селечка. Сличностите меѓу гробниците на двата локалитети упатуваат на идејата дека веројатно во Пелагонија се наоѓа загубената античка македонска престолнина - градот Пелагонија - по кој се трага повеќе од 150 години. Во ваква ситуација, според домашните археолози, соработката со грчките стручњаци е логичен чекор. - Археолозите во Грција веќе ги објавија споредбите на коридорите на двете гробници, во Пела и во Пелагонија, во едно од научните списанија во нивната земја. Иако грчките колеги се генерално расположени за соработка, актуелната политика во нивната земја ги спречува во тоа - вели археологот Виктор Лилчиќ, раководител на истражувањата во Бонче. Во досегашните истражувачки работи на локалитетот Бонче во минатото е пронајдена цела некропола чии артефакти биле опљачкани уште во римско време.
Во годинешните открија на овој локалитет, пак, на кој периодично се ископува од далечната 1936 година, е пронајдена гробница од 4 век пр.н.е., која според начинот на обработка на каменот и според архитектонскиот стил личи на една од гробниците во Пела, една од четирите антички македонски престолнини која денес се наоѓа во северна Грција. - Очекувавме да ја најдеме фасадата на гробницата, според која полесно ќе утврдевме дали се работи за некропола на кралевите од античкиот град Пелагонија. Но, наидовме на коридорот кој водел до влезот на гробницата. Станува збор за две и полметарски кружни камени блокови со прецизно изделкани орнаменти. Најверојатно тоа е влез во гробница на владетел, но се уште не знаеме за кого станува збор - забележува Лилчиќ. Гробницата се наоѓа два километри под врвот Висока на планината Селечка, каде што се претпоставува дека се наоѓала престолнината на Пелагонците. Во минатото, на врвот Висока е откриена монументална камена порта за кој Лилчиќ смета дека е влезот на древномакедонскиот град Пелагонија. Поради непристапноста на теренот на планината Селечка, овој локалитет е константно запоставуван. Археологот Лилчиќ вели дека изградбата на пат до локалитетот ќе ја интензивира истражувачката работа и побргу ќе ги донесе одговорите. Тезата дека археолозите се блиску до лоцирањето на една од македонските антички престолнини ја подгрева и фактот што на истиот локалитет пред две години беа откриени три штита со сонцето од Вергина, заштитниот знак на македонските кралеви. Моментално парчињата од штитовите се наоѓаат во охридскиот музеј, во кој се реставрираат. Според историските податоци, во 4 век пр.н.е. Пелагонците имале крал, чие име се уште е непознато, кој добил почесна титула откако им помогнал на Атињаните во нивните воени походи. Во 2 век пр.н.е. Римјаните го поделиле македонското кралство на четири дела: Пела, Амфиполис, Тесалоника (кои денес се наоѓаат во Грција) и Пелагонија. Историјата вели дека во тој период Пелагонија бил главен центар на Македонија.