Отворен цитат:
- Европски извештај се пополнува само во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета, и го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода. Европскиот извештај не се пополнува и не се потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени лица, загинати лица и во сообраќајна незгода во која настанала голема материјална штета. Под „мала материјална штета во сообраќајна незгода“ се подразбира штета настаната на објекти и на возила на кои не им се оштетени виталните делови за управување и за запирање, а возилата можат самостојно да се движат по патот.
- Возачите учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, откако ќе го пополнат и ќе го потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода, се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот и да овозможат непречено одвивање на сообраќајот. Прекршочен платен налог во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот учесник во сообраќајна незгода кој постапува спротивно од наведената одредба.
- Возачите учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, кои пополниле и потпишале Европски извештај за сообраќајна незгода, не се должни да го известат Министерството за внатрешни работи за сообраќајната незгода.
- Европскиот извештај не претставува признавање вина и не значи дека меѓу возачите е постигната согласност за вината во сообраќајната незгода, ниту дека со потписот се признава вина, туку служи единствено за утврдување на фактичката состојба.
- Сопственикот на возилото е должен да го извести друштвото за осигурување со кое склучил договор за осигурување од автомобилска одговорност за настанувањето на сообраќајната незгода и да достави пополнет Европски извештај во рок од 30 дена од настанувањето на незгодата.
- Учесниците во сообраќајната незгода, на барање на одговорното друштво за осигурување, се должни опширно да известат за околностите под кои се случила сообраќајната незгода, во спротивно се должни да ја надоместат штетата настаната од неисполнување на обврската за известување.
- Во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета во која учествуваат две возила, се пополнува само еден комплет европски извештај. Доколку во незгодата учествуваат три возила, се пополнуваат два комплета, четири возила – три комплета итн. Притоа, воопшто не е важно чиј примерок се пополнува, ниту кој го пополнува.
- При пополнувањето на Европскиот извештај важно е да се користи хемиско пенкало, (а не е важно чии примерок е и кој го пополнува).
исклучок за сообраќајна несреќа со мала штета кога се повикува Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи:
- Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода (Европски извештај не се пополнува во сообраќајна незгода) во која е предизвикана мала материјална штета, ако тоа го бара едниот од учесниците во сообраќајната незгода, и тоа во случај кога: - едно од возилата нема регистарски таблици или не е осигурено; - кога едно од возилата има странска регистарска таблица; - кога е очигледно дека еден од возачите е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции; - кога еден од возачите не поседува возачка дозвола од соодветната категорија; - кога на еден од возачите му е запишана прекршочна санкција во возачката дозвола – забрана за управување со моторно возило; - кога еден од возачите одбива да даде свои лични податоци, односно податоци за возилото; - кога еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода; - ако возачот сам учествува во сообраќајна незгода.

за прашање 6 и 8 (внесете ги податоците од Вашата полиса или зелена карта)
за прашање 9 (внесете ги податоците од Вашата возачка дозвола)

за прашање 10 точно означете го местото на ударот

за прашање 12 (прецртајте ги варијантите (1-!7) кои се однесуваат на незгодата и наведете го вкупниот број на прецртани квадратчиња)
Извештајот треба да го потпишете и дадете на другиот возач за потпис. Еден примерок задржувате за себе, а другиот го давате на возачот учесник во незгодата.
Извештајот потпишан што побрзо предајте го во друштвото каде што е осигурено возилото со кое е предизвикана сообраќајната незгода.
Не заборавајте да наведете кога може да се изврши увид и процена на штетата на вашето возило од страна на вештакот.
Не вршете било каква измена на предната страна на Извештајот.
Наведете имиња и адреси доколку има очевидци. Доколку посредувала полиција наведете ги имињата на полицајците.“
1. Во точка 1 теба да наведете дата и час кога се случила сообраќајната незгода;
2. Во точка 2 треба да го наведете место каде се случила сообраќајната незгода (држава и град);
3. Во точка 3 треба да означите дали имало повредени лица во сообраќајната незгода;
4. Во точка 4 треба да означите дали е предизвикана материјална штета, на некое друго возило, или предмет освен возилата учесници во сообраќајната незгода;
5. Во точка 5 требa да наведете сведоци доколку ги имало за време на сообраќајната незгода.
Откако ќе ги пополните овие 5 точки ќе наидете на две колони, една со сина, а друга со жолта боја, истите се означени со ,,возило А” и ,,возило Б”. Помеѓу колоните наведени се прашања, а под прашањата постои празен простор за скица, и во овој дел од Европскиот извештај се опфатени преостанатите 10 точки.
6. Во точките 6, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за сопственикот на возилото по сообраќајна дозвола (име презиме за физичко лице или назив за правно лице, адреса на живеалиште/седиште на лицето и телефон за контакт);
7. Во точките 7, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за возилота кои учествувале во сообраќајната незгода (марка и тип, регистрација и место на регистрација);
8. Во точките 8, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за осигурителната компанија во која сте осигурени (назив на компанијата, број на полиса или зелениот картон доколку незгодата се случила во странство, важност на полисата);
9. Во точките 9, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за лицето кое управувало со возилото во моментот на сообраќајната незгода (име и презиме, дата на раѓање, живеалиште и број на возачка дозвола);
10. Во точките 10, за возилата ,,А” и ,,Б” се означува делот од возилото кој е оштетен поради настанатата сообраќајна незгода;
11. Во точките 11, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат оштетените делови на возилата;
12. Во точките 12, за возилата ,,А” и ,,Б” и двете страни учесници означуваат одреден број на прашања кои соодветсвуваат за сообраќајната незгода, а потоа во последното поле пишуваат колку полиња со прашања означиле;
13. Во точката 13, ќе наидете на простор каде потребно е да нацртате скица (гледано како од птичја перспектива) за тоа како се случила сообраќајната незгода. Тоа вклучува цртање на возилата и означување на истите со ,,А” и ,,Б” (во зависност кој од учесниците потполнувал во делот ,,А” односно ,,Б”) ;
14. Во точките 14, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат некои напомени кои би сакале да ги истакнете доколку ги имате и
15. Во точките 15, за возилата ,,А” и ,,Б” потребно е да се стави потпис од лицата кои го пополнуваат Европскиот извештај (секогаш го пополнуваат учесниците/возачите).
Една доста важна работа при пополнувањето на Европски извештај, а ова најповеќе од причина што често, во пракса, наидуваме на Европски извештаи каде што кај едно од возилата пишува ,,јас сум виновен”, е тоа што Европскиот извештај не претставува признавање на вина.
Со истиот страните не постигнуваат согласност за тоа ,,кој е крив”. Европскиот извештај служи исклучиво за утврдување на фактичката состојба за случената сообраќајна незгода.
Затворен цитат!


