Разликата е тоа што велиш, во изборот. Тоа што на Запад изолирана група одлучила да бојкотира одредени брендови кои што прават тешки милијарди врз грбот на некој работник во Камбоџа, на пример, тоа е повеќе мотивирано од идеолошки причини, не толку заради немаштија или не знам што. Кај нас „немаштијата“ не остава простор за некој избор, затоа што кога живееш опкружен во немаштија не си баш во позиција да бираш што да јадеш, облекуваш, возиш, каде да шеташ...мораш да правиш компромиси, да кратиш од една ставка и да префрлаш на друга, а со тоа и да го редефинираш значењето и распоредот на твоите базични егзистенцијални приоритети, со цел да исполниш некакви си новокомпонирани општествени норми, кои што во многу случаеви не кореспондираат во целост со реалната социоекономска ситуација и нивото на примања од кои што се дефинира стандардот во државата и оној на поединецот.
Попластично земено, еден пример. Другар купува iPhone 12. Ја знаеме сите цената. Работи во ТИРЗ гулазите за нешто над минималец. Живее во карабина со дограма и ентериер од времето на бивша ЈУ, но на кафе излегува со најновиот модел на iPhone на кој што му става кредит од 100че и му „титка“ на овие што имаат „бесплатни“ за тие да му се јават.
Луѓе кратат на леб, но носат брендирана облека. Некој не го пушта детето на екскурзија а плаќа регистрација за две крнтии во дворот...и куп други примери за кои што ако почнам да ги редам постов ќе отиде во недоглед.
Ја копираме „луксузната“ шема од Запад затоа што три децении таков мит ни се продава, за беспрекорниот и совршен Запад каде што улиците се поплочени со злато а низ славините им тече мед и млеко. Ако кон тоа го додадеме и нашиот комплекс на „пониска вредност“ со вградена мисла на културолошка инфериорност, ќе ни стане јасно зошто ни се случува културолошка декаденција на сметка на туѓи културни влијанија за кои што се промовира мисла дека се супериорни во однос на нашата култура и начин на живот.