Обрадовиќ не го сака Гарнет
Најтрофејниот тренер во Евролигата, Жељко Обрадовиќ, ги запре преговорите со кошаркарот на Бостон Селтикс, Кевин Гарнет за кого постоеше можност да се пресели во Панатинаикос. Српскиот стручњак остана доследен на својата одлука дека нема да носи играчи кои по завршувањето на локаутот би се вратиле во НБА, па со оглед дека во договорот беше предвидена клаузула за кам-бек, тој категорично ја отфрли ваквата можност.
"Ако еден клуб сака да направи победнички проект, мора да создаде стабилна екипа. Јас не сакам играчи кои ќе си заминат на половина од сезоната во мојот тим", рече Обрадовиќ.
Поради ова Гарнет ќе мора да побара нова средина во Европа за што, веројатно, најголем проблем ќе бидат финансиите. Претстојната сезона во НБА треба да биде последна од неговиот договор со Бостон Селтикс и нему му се загарантирани 15 милиони евра. Нормално дека ниеден клуб од Европа не може да понуди толку во овој момент, но во исто време Гарнет нема да се согласи да игра некаде за малку пари иако има 35 години.