Прекинатиот меч меѓу 11 Октомври и Ренова регистриран со службен резултат 3:0 за гостите
Миодраг Мицковиќ
Откако ги доби изјавите на службените лица на прекинатиот меч од осмото коло на Првата лига меѓу 11 Октомври и Ренова, комесарот за натпревари на Фудбалската федерација на Македонија, Миле Спиркоски, го суспендира теренот на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп. Домаќинот 11 Октомври и сите негови службени лица што учествуваа во физичкиот напад врз тројцата судии од Скопје се предадени на Дисциплинската комисија, која треба да ги одреди соодветните казни. Воедно, според пропозициите и Правилникот за натпревари на ФФМ, средбата е регистрирана со службен резултат 3:0 за Ренова. Во моментот на прекинот, во официјалниот записник пишува дека тој се случил во 82 минута, Ренова водеше со 1:0.
Поради физичкиот напад врз главниот судија Александар Ставрев и неговите помошници Марјан Кировски и Александар Димовски, кои биле тепани и на теренот, но и на влезот во тунелот и во соблекувалната, на 11 Октомври од му се заканува казна забрана на играње на теренот во Прилеп од два до 12 меча. Казната не се однесува за второлигашот Победа Јуниор, која своите натпревари ги игра на истиот терен.
Со оглед на тоа дека сите тројца судии во својот извештај за овој немил настан како главни виновници ги посочуваат членовите на Управниот одбор на 11 Октомври, и тоа Марјан Стојковски-Манта, потоа браќата Дарко и Сашо Ивановски, како и Петар Ристевски, и нив ги очекуваат строги казни. Тие се движат од привремена забрана за вршење должност во фудбалот до доживотна дисквалификација. Извесно е дека четворицата ќе се „одмораат“ од фудбалот најмалку една година.
Тешкиот инцидент што го предизвикаа најодговорните луѓе во новиот прволигаш остави црна дамка на прилепскиот фудбал, а може да има и потешки и далекусежни последици. Неофицијално дознаваме дека по прекинот и инцидентот Марјан Стојковски и Сашо Ивановски биле повикани во полиција да дадат изјави, но од МВР Прилеп не добивме потврдна информација. Едно е сигурно, поради повеќе повреди по телото и главата, двајцата помошни судии Кировски и Димовски на пат за Скопје, откако им се влошила состојбата, побарале лекарска помош во Медицинскиот центар во Кавадарци. Тие имаат и лекарски потврди за добиените повреди, кои се потешки кај Кировски кој како последица од тепањето добил и мал потрес на мозокот.
Делегатот Благоја Котларовски од Ресен, пак, поради големата мешаница околу помошниот судија Кировски, во својот извештај пишува дека не видел оти тој е удрен, но претпоставува, бидејќи се превиткувал. Котларовски немал можност да види што се случувало ни во тунелот ни во судиската соблекувална, поради што не бил во можност веднаш да влезе и да им помогне на судиите.