Галерија: Експлозија го стресе Загреб
Регион | 23. јануари 2013 - 11:44
Нова експлозија во Загреб
Нова експлозија одекна рано утрово во Центарот на Загреб, во близина на споменикот на Бан Јелачиќ на истоимениот плоштад. Во инцидентот нема повредени. Експлозијата се случила ноќеска околу 2.25 часот, а освен што е оштетена една плоча од плоштадот каде што најверојатно била оставена бомбата, друга штета нема.
Полицијата врши увид на местото каде експлодирала направата, а се прегледуваат и безбедносните камери од дуќаните за да се види дали можеби е снимено кој ја оставил експлозивната направа на плоштадот.
Иако беше закажана прес конференција за новинарите таа е презакажана за подоцна. Како што неофицијално известуваат хрватските медиуми, на припадниците на хрватското МВР строго им било забрането да даваат каква било информација за експлозијата.
На почетокот на овој месец, во Загреб се случија две експлозии, една на железничка пруга, каде имаше оштетувања на пругата, на локомотивата и околните куќи. Во другата експлозија беше повреден еден човек, за кој полицијата смета дека ја поставил експлозивната направа, и тој се наоѓа во притвор.