Година: 5 Број:1304 Среда 11/3/2004
ДВАЈЦА БИВШИ ЧЛЕНОВИ НА ОНА ДВА МЕСЕЦА ПРЕДВРЕМЕ НА СЛОБОДА
Бранко помилува учки за да го ослободи Кондово
Јетмир Бејтула и Музафер Зеќири од групата на Изаир Самии - Баци, осудени на една година затвор, од минатата недела се на слобода "оти добро се однесувале во затвор и нивните семејства биле во тешка материјалн
Бившите припадници на ОНА Јетмир Бејтула и Музафер Зеќири се на слобода два месеца пред истекот на казните оти добро се однесувале во затвор и нивните семејства биле во тешка материјална состојба, објаснија вчера од кабинетот на шефот на државата Бранко Црвенковски, кој одлуката за помилување на експрипадниците на ОНА ја донел на почетокот на минатиот месец, а е објавена во "Службен весник" на 22 октомври. Осудениците издржувале едногодишни казни за поседување пиштол и куршуми.
Во соопштението што вчера го лиферуваше кабинетот на Црвенковски, се објаснува дека во случајов е постапено по молба на осудениците, процесуирана преку затворот во Идризово до Министерството за правда, која потоа со комплетна документација е доставена до комисијата за помилување на Претседателот на државата.
Според разузнавачки извори, помилувањето на експрипадниците на ОНА од групата на командант Баци било изнудено и е поврзано со блокадата на изворот Рашче и целосната контрола од косовски терористички групи на скопско Кондово, кое е под опсада речиси еден месец. Лидерот на ДУИ Али Ахмети добил порака од водачот на терористичката група во Кондово Агим Красниќи да ги ослободи неговите двајца другари, инаку ќе продолжи да прави зулуми пред референдумот. Предлогот бил тој да издејствува, преку Министерството за правда и министерот Мехмети, препорака за Претседателот на државата Бејтула и Зеќири да се солободат поради тешката социјална состојба во нивните семејства. "И така и двајцата имаат само уште два месеца до издржување на казната", го убедувал Красниќи лидерот на ДУИ. Ахмети не бил сигурен дека може да го контролира Косовецот, и затоа ја прифатил уцената.
Дипломатски извори, пак, коментираат дека ослободувањето на двајцата е предлог на ДУИ, затоа што дел од нивните членови имаат врски со Красниќи, иако, додаваат тие, овој засега не демонстрира никаква политичка заднина на неговото дејствување. Наводно, целиот дил бил направен оти дедото на Бејтула ги притискал луѓето од ДУИ за ослободување на неговиот внук, а како влијателен човек во Камењане и Боговиње, тоа ќе го трампал со изработување гласови на локалните избори за партијата. Она што го велат нашите извори е дека Красниќи тешко веројатно дека ќе си замине од Кондово дури и по референдумот. Образложението е што, наводно, во неговата група има луѓе не само од Косово туку и од Кондово и околните села. Се работи за претежно млади луѓе, велат дипломати, кои биле привлечени од парите со кои располага Красниќи, за кого нашите извори тврдат дека е криминалец. Според нив, пак, не се знае точно колку луѓе има Красниќи зад себе, зашто тој, наводно, тврди дека биле околу 150, додека информациите на населението и дипломатите биле дека ги има околу педесетина. Се знае само дека тие не носат униформи, туку во црни панталони и маици и со оружје на себе се шетаат по селото во кое нема полиција. Дипломатите велат и дека Красниќи тука, всушност, "го штити бизнисот", зашто преку Кондово и Радуша има рута преку која минува шверцот со "разни работи", и дека тешко оти ќе се откаже од профитот со заминување.
Бејтула и Зеќири беа уапсени на 11 ноември пред три години, кај тетовското село Требош, заедно со Изаир Самии - командант Баци, Нухи Мустафи - командант Солана, Арбен Јакупи и Шкодран Идризи, и сите заедно беа обвинети за здружување заради непријателска дејност, но поради немање докази за ова обвинување, беа ослободени. Тогаш, од безбедносни причини, Врховниот суд одлучи да им се суди во Основниот суд 1 во Скопје, место во Тетово. Баци и второобвинетиот Нухи за поседување оружје беа осудени на по две години затворска казна, а останатите на една година.
Судскиот процес го водеше судијката Мирјана Иванова - Бојаџиева, која е во групата на тројцата судии кои пред еден месец беа разрешени оти го пуштија Изаир Самии од затвор за да се лекува. Бојаџиева вчера не сакаше да ја коментира веста за помилувањето на Бејтула и Зеќири.
Помилуваните се поврзуваат со убиството на полицаец во полициската станица во селото Требош. Јетмир Бејтула е осомничен за масакрот во мотелот "Бриони" во Челопек кога беа масакрирани, а потоа дигнати во воздух двајца вработени во хотелот. Музафер Зекири, пак, кој за време на војната во 2001 се претставуваше како командант Веди, беше припадник на воената полиција на таканаречената ОНА.
Во текот на судскиот процес Бејтула пред Судот призна дека заедно со Зекири биле припадници на терористичката ОНА, но тој, како што изјави во текот на судењето, не пукал туку имал само членска книшка и бил обичен војник. Според нивното сведочење, тие биле примерни граѓани на државава која многу ја сакаат и никогаш не им паднало на памет да ја рушат. Тогаш контрадикторна беше изјавата на адвокатот на Бејтула Нуман Лимани кој пред Судот тврдеше дека Бејтула не бил припадник на ОНА или на АНА оти во тие организации не примале луѓе со завршено осмо одделение.
Еден од бранителите на осудениците беше Исени Шазивар, тогаш адвокат од Гостивар, а сега судија во Основниот суд 1 во Скопје. Во Судот сега тој е познат по тоа што обвинетите Албанци ги тера да зборуваат албански и кога знаат македонски.
Од шестемина осудени припадници на АНА уапсени кај Требош, во затвор се само уште Нухи Мустафи и Изаир Самии.
Шкодран Идризи, кој беше осомничен како еден од учесниците во измачувањето на киднапираните работници на ГП "Маврово", е на слобода оти беше амнестиран.
(К.М.)
***
Во помилувањето нема ништо спорно
Пратеникот Аднан Јашари, кој е член на комисијата за помилување на претседателот Брнако Црвенковски, тврди дека во случајот со помилувањето на Јетмир Бејтула и Музафер Зекири, осудени за нелегално поседување оружје, нема ништо спорно бидејќи во целост е почитувана процедурата пропишана со закон.
Пратеникот Јашари вели дека одбраната на осудените уредно има доставено барање за помилување до Министерството за правда. Потоа Министерството го разгледало предметот и изготвило предлог за помилување до комисијата на Претседателот, во кој објаснува зошто треба да се помилуваат осудените. "Во предлогот за помилување имаше наведено повеќе прични, а од тоа што се сеќавам беше дека помилувањето се бара од социјални причини. Осудените имаат малолетни деца за кои нема кој да се грижи дома, оти сопругите на осудените не се вработени. Друга причина на која се сеќавам беше дека тие првпат се осудени", објаснува Јашари.
Според него, комисијата за помилување расправала за предлогот за помилување на Бејтула и Зекири, доставен од Министерството за правда и имаше право само да му сугерира на Претседателот да ги помилува или не, но нивното мислење не е обврзувачко за него. "Комисијата може да го уважи барањето за помилување или да го одбие. Ние во случајот ги уваживме аргументите на одбраната и му предложивме на Претседателот да ги помилува", вели Јашари.
http://star.vest.com.mk/default.asp?id=86200&idg=5&idb=1304&rubrika=Makedonija