Св. Никола - чудотворецот

Член од
13 октомври 2005
Мислења
525
Поени од реакции
47
Св. Николај-Чудотворец
19 Декември

Денес целиот православен свет му принесува топли и искрени молитви на Господа Исуса Христа преку големиот заштитник на вистината евангелска, правдата помеѓу луѓето, кој беше дивен, меѓу светителите и угодниците-Св. Никола. Денес во секој православен дом гори кандило пред неговиот светол лик, како симбол на вечноста, величајќи го неговото свето и богоугодно дело, и молејќи му се да биде покровител и заштитник на нашите домови и чеда. Целиот негов живот беше посветен на Господа Исуса Христа и Неговата божествена љубов спрема малиот, бедниот и онеправдениот човек. Роден при крајот на 3 век во Патара во Ликија, од многу богати и угледни родители Теофан и Нона, син единец подарен од Бога, но родителите го посветуваат на Бога, на кого тој му служи како верен пастир, проповедник и ревносен исполнител. Богоугодните дела на следбениците Христови се плод на несебичната љубов спрема ближниот. Тие се украс на неговата душа и дар од небото. Затоа животот во Бога е извор на вистинска радост и слава за која пее псалмопевецот Давид: "Дивен Бог во свјатих своих". Наследеното богатство од своите родители тој го раздели на сиромаси и со тоа избриша солзи на многу сираци и вдовици и ги зарадува најбедните во родниот му град Патара, знаејќи дека со тоа стекнува вечно богатство кое "ни молец ни рѓа го упропастува" (Мат. 6,20). "Богатејќи се во Бога", неговиот живот беше посветен во служба на бедните, онеправдените и угнетените што се гледа од неговото енергично застапување и ослободувањето на тројца затвореници кои беа неправедно осудени на смрт од градоначалникот. Со неговите милосрдни дела тој беше прочуен насекаде, иако сето тоа го вршеше нечујно и тајно, како би ја исполнил заповедта на Господ Исус Христос: "Да не знае твојата левица што прави десницата твоја" (Мат.6,3). Поради богоугодниот живот беше удостоен да биде избран од Бога за архиепископ на Мир во Ликија со глас од небото: " Никола, оди на подвиг во народот, ако сакаш да бидеш од мене вечен". Избран по провидението Божјо, тој го води паството по спасителниот пат, го поучува, чува и духовно храни и спремен е "дишата да ја положи" за него како вистински пастир. Со својот живот беше светла ѕвезда во мрачната ноќ на човечката душа и сигурно пристаниште во бурното време на залутаните во немирното море на животот. Поради тоа неговото присуство им носеше на сите радост и утеха , мир и добра волја. Неговото лице светеше како сонце и паството го сметаше, уште во животот, за светец и го призиваше во молитвите за помош кога тој беше далеку од нив, и им помагаше. Како архиепископ беше мудар, милостив, ревносен и неустрашив. Па затоа беше затворен за време на незнабожечките цареви и жестоки гонители на христијаните Диоклецијан и Максимијан.
Исповедувајќи го неустрашиво словото Божјо, за него беа утеха и храброст зборовите на Господ Исус Христос да не се плашат Неговите следбеници кога ќе бидат во затвор заради Неговото име, што ќе одговорат пред судот, зашто Духот Божји ќе говори за нив. Затоа тој и во затвор не престана да го поучува стадото да оди по патот на вистината и правдата Божја. Служејќи неуморно на Бога и повереното му паство се упокои во Господа Христа на 6. декември 343 година. Свети Никола е вистински пример на вистински пастир, чија љубов кон ближниот е нешто примарно и свето и основа за едно ново во кое луѓето ќе се третираат како синови Божји, а тоа значи ползување еднакви права на земните блага. Неговата самопрегорна служба на Господа Христа и малиот човек го издигна високо и го овенча со вечна слава.
Делата на овој голем светител никогаш нема да згаснат. Тие вечно ќе живеат оти се изградени на вечната евангелска вистина. Тие ќе служат на сите следбеници Христови како жив пример за правда и хуманост-секогаш и за секого. Да се помолиме на св. Никола духот на љубовта Христова да завладее во нас и да бидеме удостоени да го следиме неговиот пат, кој преку добри дела води до вечност.
Името на Свети Никола се почитува и на источните и на западните страни. Земјите во кои Свети Никола никогаш не бил, го сметаат за свој застапник и покровител, му прибегнуваат оние што учат, мајќите му се молат за своите деца, болните ја бараат неговата помош.
Светителот на сите им се покажува како близок, достапен и брз помошник, пријател и застапник во несреќите.
Следниве редови зборуваат за неколку вистински чуда што се имаат случено во светогорскиот манастир Григоријат, во времиња нам блиски, чиј соборен храм е посветен на Св. Никола и каде Светиот Иерарх Мирликијски се покажува како вистински заштитник: ... Двајца монаси, отец Михаил и отец Хрисант имаа послушание да месат леб во манастирот. И овој пат, како и многу други пред тоа, го припремаа житото кое сакаа да го сомелат во воденицата. Го поминуваа низ една посебна машина, која го чистеше од сите туѓи тела. Но, не беа многу задоволни зошто житото завршуваше и беше тешко да се снабдат со друго. Помина тогаш покрај работилницата едно старче, ниско, ќелаво, со сиромашни облекла и со едно мало Евангелие во раката.
- Што правите, Оци? Како поминувате? - Добро. Слава на Бога. - Имате доста жито за вашите потреби? - Ова што гледаш, старче (дедо). Едвај стигнува за едно месење. А ние секоја недела треба да правиме по две месења. - Не се жалостите, Отци. Бог е голем. Потоа го благослови житото и си отиде. Двајцата монаси по малку време си рекоа: - Не направивме добро што го оставивме старчето да си оди. Да го викнеме да му дадеме нешто да јаде. Потрчаа да го стигнат, но никаде не го видоа. Чудна работа! Како да беше некој младич со крила на нозете за да може толку брзо да се оддалечи? Ги прашаа и другите монаси, но никој го немаше видено ниту знаеше нешто. Полека-полека се вообличуваше во нив идеата дека она старче беше Свети Никола. Постоеа, се разбира, и сомнежи кои со времето потполно се изгубија. Зашто се забележа нешто чудесно: Житото кое го благослови старчето, цели шест месеци не завршуваше. Чудото веќе беше очигледно. Верата дека Свети Никола ги надгледува со будна нежност потребите на манастирот се закрепна уште повеќе. Етичкото укрепување на Отците беше големо. А и благочестието кон нивниот светител заштитник се зголеми за превасходен степен. Тогаш постарите монаси изнесоа и други чуда кои им се случиле во минатото. Помладите не се наситуваа да ги слушаат овие свети раскажувања. Нема да биде бесцелно да ги проследиме и ние: Отец (Папа) Симеон, Старецот на Отец Атанасиј, имаше потполно поверение во заштитата на Свети Никола. Веруваше дека светителот се грижи за потребите на манастирот повеќе отколку било кој друг. Се приближуваше 6 Декември и сите Отци се наоѓаа во движење. Со божја помош сите припреми за славата одеа добро. Само готвачите беа вознемирени што уште не им имаа донесено риби. Ден пред славата, попладнето, отидоа кај Игуменот: - Геронда, му велат, можеби треба да размислиме за сушената риба. Ако треба, да ја ставиме уште сега во вода. - Не, Не! Не размислувајте за тоа. Ќе имаме свежи риби. Свети Никола ќе се погрижи. Во меѓувреме почна и бдението. Повечерие, Голема вечерина, Петолебие, Утрена, Шестопсалмие, Катизми, едното последуваше после другото. Вознемирените готвачи го наоѓаат пак Игуменот: - Сега веќе, Геронда, ниту сушена риба не можеме да имаме. Да ставиме грав? - Не, Не! ќе дојдат риби. Тоа беше нешто што не можеа да го разберат. Ма, како ќе дојдат рибите? И кога ќе дојдат? Еве, Утрената е веќе до средина! Од каде има таква сигурност Игуменот? Ова го мислеа и се вознемируваа, а певницата почна да ги пее хвалитните стехири. Тогаш некои радосни гласови се слушаа од авлијата (дворот). Беше монахот од пристаништето. Задишан и возбуден викаше: - Отци, слезете! Земете кошници и слезете. Светителот направи големо чудо! Што се беше случило? Еден устремувачки бран донесол и распрострел на брегот многубројни риби, одбрани и големи. Дар богоиспратен. Се живо, чудо на светителот. Сите останаа занемени. А најмногу готвачите, кои не знаеја на што попрво да се восхитат. На чудодејство на Светителот или на непоколебивата вера на Старецот. На ниедна друга слава се немаа принесено на трпеза толку свежи и вкусни риби. Духовниот и материјалниот благослов на светителот се резлеа овој пат изобилно. На една друга слава на Свети Никола, за време на игуменството на папа Симеон пак, се случи една друга чудесна случка. Тој пат, економот му напомена на Геронда дека не може да ги нагости со масло аскетите. (Имаше обичај тогаш да се дава како благослов една количина на масло на сиромашните аскети кои ќе земаат учество во славата). - Зошто е тешко? Праша Игуменот. - Немаше многу масло. Половина сад ни има останато. - Не пречи. Ти ќе дадеш, па ако треба нека заврши. Направи послушание. Делејки го маслото на аскетите, наспроти тие да благодарат, но самиот не се чубствуваше многу радосен. Беше што беше малку маслото. Сега ќе исчезнеше сосем. Овие мисли му ги наметнуваше логиката или подобро речено неговото маловерие. Но она што проследи и во кое тој прв си се увери, му ја оживеа верата во промислата и во силата Божја. Заштитникот Светител, полн со симпатии и сострадание, интервенираше пак. Се случи нешто чудесно. Нивото на маслото не се спушти воопшто, ниту еден сантиметар од неговата висина. Остана на неговото почетно рамниште. Така и пустинските оци беа дарувани, и Манастирот не претрпе загуба и маловерниот монах доби една добра лекција.
Ако некој има трпение да ѓи истражува многубројните книги на Манастирот ќе сретне многубројни чуда на Свети Никола. Колку пати ни го сочува Манастирот од сигурен пожар! Колку ли пати не спаси монаси кои паднаа во провалии! Колку ли пати не спаси кајчиња и бродови од сигурно потопување! Како да не се оддаде некој на славословие кога ја чувствува видно подршка на еден Светител!
Легенди за Св.Никола
Многу легенди настанале за личноста и делото на Св. Никола во касниот среден век. Според една легенда...во една гостилница дошле гладни ученици, но наместо да ги нагости, газдата ги убил и сакал да ги насоли. Се појавил Св. Никола кој ги оживеал и соодветно го казнил сторителот.
Според друга легенда....еден брод западнал во бура на море. Морнарите се молеле на Никола за помош и тој го смирил, па затоа тој се смета и за заштитник на морнарите и патниците.
Друга легенда.....еден осиромашен царски службеник кој живеел во близина на родителската куќа на Никола, сакал да ги омажи своите три керки, но немал пари за руба.Така ги испратил во јавна куќа, да би заработиле за сопствената руба. Кога дознал Св. Никола, вечерта низ нивниот прозорец им фрлил вреќичка со златници, со што ќерките достоинствено се омажиле.... Никола е прикажан на иконите како стар бискуп со закривен бастун / стап и бискупска капа и три златни топки на книгата чија симболика е легендата со трите керки во јавната куќа и вреќичите злато. Оваа легенда е исто така поврзана со дарувањето. Св. Никола е всушност тој кој пред Нова Година доаѓал и им подарувал на децата (ако биле добри) по нешто слатко од вреќата. Традиционални дарови се јаболка, лешници и бадеми.
 

Kajgana Shop

На врв Bottom