Изведба на објект :
Член 25
(1) Изведувач е правно лице кое ја изведува, односно гради градбата или дел од градбата, врз основа на договор за градење склучен со инвеститорот.
(2) За извршување на работите од ставот (1) на овој член правното лице треба да е регистрирано во Централниот регистар за изведување на градежни и/или градежно-занаетчиски работи и да поседува лиценца за изведувач.
4.1. Лиценца за изведувач
Член 26
(1) За изведување на градби од прва категорија од членот 57 на овој закон правното лице треба да има лиценца А за изведувач, а за изведување на градби од втора категорија правното лице треба да има лиценца Б за изведувач.
(2) Со барањето за добивање на лиценца А за изведувач на овој закон, правното лице потребно е да достави:
- доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност и - доказ дека има вработено најмалку 20 лица од кои три лица со овластување А
за инженер за изведба и едно лице со овластување Б за инженер за изведба.
(3) Со барањето за добивање на лиценца Б за изведувач, правното лице потребно е да достави:
- доказ дека е регистрирано за вршење на соодветната дејност и - доказ дека има вработено најмалку пет лица од кои две лица со овластување Б за инженер за изведба.
Член 27
Изведувачот може изведувањето на одредени градежни работи да го довери на друго правно лице (подизведувач), кое ги исполнува условите за изведување на тие работи пропишани со овој закон, за што склучува договор.
Член 28
Изведување на градежни и други работи на градба која е запишана во Националниот регистар на културно наследство може да врши лице кое, покрај условите утврдени со овој закон, ги исполнува и условите утврдени со прописите од областа за заштита на културното наследство.
Член 29
(1) Изведувачот е должен:
- да изведува градежни работи во согласност со добиената лиценца,
- да изведува градежни работи согласно со одобрението за градење, ревидираниот основен и изведбениот проект,
- да води градежен дневник и градежна книга при изведувањето на градежните работи,
- да обезбеди докази за пропишан квалитет за вградените градежни производи,
- да спроведува мерки за заштита и сигурност на градилиштето во согласност со закон,
- да обезбеди докази за потекло на градежно-техничкиот камен, градежниот песок и чакал (договор за купопродажба, фактура, сметкопотврда и слично) и
- да обезбеди мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата во текот на изградбата и мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата по изградба на целиот конструктивен систем на градбата.
(2) Формата, содржината и начинот на водење на градежен дневник и градежната книга, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
п.с. Доколку не го почитуваш законот за градење се изложуваш на ризик утре некој да те пријави додека градиш па да ти помине инспекција да те провери и да установи дека не се држиш до законот па да ти изналупаат казни и да платиш сума за колку уште една куќа.