За пет години еден кубен метар раст
Дрвото лесно се приспособува на различни видови почва, издржува температури до -25°С и живее од 70 до 100 години, што го прави исклучок од другите брзорастечки видови.
Обновувањето на шумите со брзорастечки дрвја овозможува ревитализирање на нашите шумски богатства за многу кусо време. Ова го потенцира Ице Коцев од Струмица, сопственик на 50 декари приватна шума кој започна со одгледување на Пауловниа, дрво кое расте за многу кусо време.
„Овие дрвја во голема мера се отпорни на пожари со оглед на тоа што нивната температура на палење е околу 500 Целзиусови степени. Пауловниа е егзотично дрво, коешто е многу лековито. Таа брзо развива коренов систем и е исклучително погодна за парцели изложени на ризик од ерозија, како и за пошумување на изгорено шумско земјиште. Најмногу се одгледува во САД”, вели Коцев. Лесно се приспособува на разни видови на почвата, издржува температури до -25°С и живее од 70 до 100 години, што го прави исклучок од другите брзорастечки видови. При одгледувањето не е потребно пресадување, дури и при мало сечење младото дрво расте побрзо, бидејќи кореновиот систем на дрвото е веќе разработен.
„Голема круна, која расте многу брзо, дава длабока сенка на места за одмор, па парк со Пауловниа е убаво парче свежина меѓу топлината и правта од големите градови”, потенцира Коцев.
Видовите Пауловниа со својот раст од еден кубен метар за околу пет години се едно од најпознатите брзорастечки дрвја на планетата. Таа е погодна за добивање големи количества биомаса за кусо време, која е погодна за силажа. Целото растение се користи за разни намени, како материјал за алтернативни, обновливи извори на енергија, на пример, биоетанол.
Првото нешто што остава впечаток кога ќе го видиме дрвото Пауловниа е неговата извонредна леснотија. Тоа е причината поради која се користи за изработка на делови за кои малата тежина е од големо значење, како на пример, авијациски структури и делови за садови. Ова дрво се користи и како материјал за кутии, палети, производи подготвени за транспорт, бидејќи целата тежина на товарот се намалува, што води кон пониски потрошувачки на гориво и пониска цена на транспорт, што е крајната цел на секој кој се занимава со логистика. Овој вид на дрво во последно време се користи од страна автопроизводителите за внатрешни работи и решенија.