Влатко Стефановски со биста, со нова гитара и со концерт во Софија
Влатко Стефановски со биста, со нова гитара и со концерт во Софија
Легендарниот македонски гитарист Влатко Стефановски по септемвриските настапи во Санкт Петесбург и Москва, и октомврискиот концерт во Пловдив (на 7. октомври), каде настапи соло, во рамките на тамошниот
jazz фестивал, на 8. ноември заедно со своето
Трио ќе има концерт во бугарската престолнина Софија. Но, тоа не е единствената новост кај Влатко.
Имено, како што неодамна веќе пишувавме, скулпторот Григориј Потоцкиј, по концертниот настап на Влатко Стефановски во Москва, го покани македонскиот маестро на гитарата за да му направи биста. Гала-концертот во Москва заврши некаде пред полноќ, а скулпторот Потоцкиј оттаму директно го однесе Влатко во своето ателје и до два по полноќ бистата со неговиот лик била готова, спремна за лиење. Потоцкиј на Влатко му ја подарува бистата, а ќе ја му ја прати во Скопје, во многу брзо време, откако таа ќе биде излиена во бронза.
Бев страшно изненаден кога овој познат скулптор по концертот ми рече дека има мерак да ми направи биста. Го прашав зошто ме избра баш мене од толку уметници од Македонија што настапија на гала-концертот, а тој ми одговори дека токму во мене ја почувствувал енергијата - вели Влатко Стефановски.
Тој додава дека е страшно чудно чувството да имаш скулптура на живо, а уште пострашно кога ќе си го видиш твојот лик како те посматра од карши...
Не е исто, вели Влатко,
како кога се гледаш во огледало. Овде си во трета димензија и е страшно, си го гледаш дури и темето. Потоцкиј му рекол на Влатко дека е убава работа да имаш биста на живо, затоа што злите сили и мисли наместо кај него, ќе оделе во бистата...
Освен бистата, од неодамна Влатко ја збогати и својата колекција на гитари, со најновиот модел
Leo Skala VS-1, дело на американскиот градител на гитари Лео Скала, кој изрази желба на Стефановски да му подари еден инструмент по мерка. Сега, откако гитарата е во Скопје, Влатко е воодушевен од нејзиниот раскошен тон, кој ги фасцинираше и присутните на неодамнешниот
jazz фестивал во Пловдив. Тој за својот најнов инструмент вели:
Вратот на гитарата е изработен од боливиско ружино дрво, самиот фингерборд е од бразилско ружино дрво, телото е од махагони од Хондурас, а предната плоча на телото е од пламен јавор. Магнетите се EMG, а вибраторот е Floyd –
Rose Lo-pro. Штимачите се Spitzel, а на шестата чивија се изгравирани иницијалите ВС. Инаку, целата гитара е рачно изработена, па дури и потенциометрите се од дрво со бисерни детали...
Навистина голема награда за мојата долгогодишна гитаристичка одисеја...
Веруваме дека новата гитара ќе биде дополнителна инспирација за Влатко Стефановски во создавањето на најубавата музика.