Дома > Спорт
Алексов:Не припаѓам во федерација која ги мести натпреварите
Влатко Арсов
10.05.2010
Во некоја друга фудбалска година ваквиот понеделник ќе беше посветен на домашното првенство и новиот шампион на Македонија.
Но бидејќи сезонава фудбалот кај нас крвари од гревови, за некои е мајтап, а за некои пресилна мака да се спомнуваат матните игри во крпениот шампионат.
Челниците на федерацијата по своја мерка ги скроија судбините на неколку прволигаши, не дај боже и на фудбалската иднина во земјава.
Но групната совест не е имуна како индивидуалната, порано или подоцна ќе се појави дупка во договорот.
Градоначалникот на Штип, доктор Зоран Алексов, поднесе неотповиклива оставка во управниот одбор на ФФМ, објаснувајќи дека не сака да биде дел од федерација во која се местат работите и резултатите.
За оставката со СМС го информирал претседателот Харалампие Хаџиристески, а телефонски разговарал со генералниот секретар Игор Климпер.
„Наместо да се вложува и инвестира на секаков начин и кадровски и материјално во развој на спортовите во центрите повеќе се разговара за тоа кој натпревар да се намести, кој судија каде да се делегира. Едноставно тоа е стил на работа кој што јас како човек неможам да го прифатам“ изјави д-р. Зоран Алексов
Чашата ја преполниле случувањата на натпреварот во Штип од втората лига овој викенд, меѓу Брегалница и Напредок, на кој домаќините загубија со 3:2, а според Алексов биле видно оштетени.
„Не тврдам дека некаде се земани, се купувани утакмици и такви работи бидејќи за тоа едноставно нема доказ. Меѓутоа самата атмосфера на некакви должничко-доверителски односи помеѓу судии и помеѓу функционери и помеѓу клубови едноставно кажува дека во првенството има голема нерегуларност. Нека им е на оние кои што остануваат таму ако продолжат да работат на овој начин не му се пишува добро на фудбалот во Македонија“ додаде д-р. Зоран Алексов.