Правописот ќе се дополнува, нема да се менува
Приспособување на современите текови во правописните правила другите држави прават на пет до 10 години, а кај нас последен пат е направено од професори од кои повеќето се веќе починати.
Правописот на македонскиот стандарден јазик ќе претрпи дополнувања во употребата на големата буква, пишувањето запирка, бележење на скратениците,
транслитерирање, пренесување на зборовите од други јазици на македонски јазик и обратно. Ова се дел од точките за негово ревидирање и осовременување во кои лингвистите ќе интервенираат ако се усвои Предлог-националната стратегија за развој на културата за периодот 2012-2017, која в четврток ќе оди на јавна расправа. Во втората фаза ќе следува дополнување на Правописниот речник со нови термини кои денес се во широка употреба.
Предлогот доаѓа од Институтот за македонски јазик.
Од Советот за македонски јазик при Институтот нагласуваат дека ревидирањето на Правописот на македонскиот јазик во никој случај не значи негово целосно менување, туку дополнување врз зацртаните принципи на Блаже Kонески, Тодор Димитровски, Божидар Видоевски, Радмила Угринова-Скаловска и Kирил Kонески. За измените ќе бидат консултирани и тие.
Практика во светот
Последното осовременување на правописните правила и на Правописниот речник било пред безмалку 15 години.
Според Веселинка Лабровска, директорката на Институтот за македонски јазик и член на Советот за македонски јазик, евалуацијата и обновувањето на правописната норма се насушна потреба.
- Нема јазик што останал ист како што бил пред 100 години. Не станува збор за драстично менување, едноставно приспособување на современите текови. Тоа во другите држави се прави многу почесто, на пет до 10 години, а нашиот Правопис последен го правеле наши професори од кои повеќето се веќе починати. Осамостоени сме, имаме многу поширока сфера на употреба на стандардниот јазик отколку што имавме во поранешна Југославија. Сите тие работи придонесоа да има потреба да се допрецизираат делови од Правописот – вели Лабровска.
Таа нагласува дека јазикот е жива материја што секојдневно се менува и со промените во техничко-технолошкиот развој се зголемуваат потребите од новитети во самиот правопис.
- Има многу работи што кај нас се прават на два начина и сето тоа ги збунува корисниците што се задолжени да водат сметка за стандардниот јазик. Да не зборуваме за влијанието на англискиот јазик, што направи поприличен хаос, меѓу другото, и во текстовите во медиумите. Kаде да се употребува голема буква, дали да се пишуваат англиските називи во латиница, во оригинал или да бидат транскрибирани. Сега ќе биде пошироко елаборирано за да биде попрецизно за сите корисници на македонскиот стандарден јазик – објаснува Лабровска.
Предлози
Предлогот за измени и дополнувања се темели на неколку клучни точки од постојниот Правопис на македонскиот јазик од страна на Советот за македонски јазик. Освен за употребата на големата буква, дополнување треба да добие и поглавјето „Слеано и разделено пишување на зборовите“, да се заземе став како ќе се бележат кратенките, кои најчесто доаѓаат од англискиот јазик, т.е. дали англиските кратенки само ќе ги пренесуваме со кирилични букви, каков што е случајот со УНЕСKО, или ќе ги преведуваме, каков што е случајот со ООН.
- Во земјава коегзистираат две решенија за ова прашање: едното е она старо познато и официјализирано во Правописот, кој како таков е признаен од страна на ОН со една Резолуција од 1977, а другото посочува поранешна предлог-транскрипција направена за потребите на МВР при подготвување лични документи. Би можело да се направи дозбогатување со попис на сите населени места во земјава и со називите на нивните жители – информираат од Советот за македонски јазик.
Оттаму додаваат дека во поглавјето „Транскрипција на туѓите имиња“ особено е потребно дополнување за предавање на имињата од балканските јазици, како и тоа да се надминат недоследностите што постојат меѓу Правописот, од една страна, и Правописниот и Толковниот речник, од друга.
(преземено од dnevnik.mk)