Кајганџиски книжевен предизвик за 2024 година

Колку книги сметате дека може да прочитате во 2024?

  • Extremely Easy Level - 1 книга

  • Very Easy Level - 3 книги

  • Easy Level - 5 книги

  • Medium Level - 10 книги

  • One Per Month Level - 12 книги

  • Major Level - 15 книги

  • Hard Level - 20 книги

  • Very Hard Level - 30 книги

  • Extremely Hard Level - 40 книги

  • Ultimate Level - 50 книги


Резултатите може да се погледнат само после гласање.
Член од
17 октомври 2011
Мислења
13.796
Поени од реакции
33.612
05. Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка - Блаже Миневски (Матица македонска, 2023)
1712944172958.png

Влегов со сосема поинакви очекувања во книгата, а добив нешто сосема поинакво од она што се сугерира во насловот и поднасловот. Многу сакав да ми остави силен впечаток и да ја сакам, но едноставно не се пронајдовме на иста бранова должина.

Во поднасловот стои: „Фасцинантен роман за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче напишан со вонсериски усет за динамика, брилијантна наративна леснотија и раскошна лексика“. Од оваа реченица можам да се согласам само за раскошната лексика: Миневски е мајстор при ракување со јазикот. Но се останато - јас не го најдов тука. Ова не е роман за љубовта меѓу Гоце и Јанка, туку роман за еден новинар кој за време на пандемијата пишува фељтон за љубовта меѓу Гоце и Јанка. Притоа, дали едвај една четвртина од него е за Гоце и Јанка, дури и тоа е многу преувеличено. Во него има се, само љубовта меѓу Гоце и Јанка не. Тој е и апологија на љубовта, во него има пасуси за љубовта на Достоевски, Толстој, Есенин, Никола Карев... за кого уште не. Но за Гоце и Јанка - најмалку. Се базира на еден завет кој Гоце пред неговото убиство му го дал на својот пријател Михаел Герџиков, парафразирано: „ако умрам, чувај ја Јанка. Ако меѓу вас се родат некакви чувства, сакајте се.“ Така и биднало - се родиле чувства, Михаел и Јанка оформиле семејство, имале ќерка, таа ќерка своја ќерка, а нејзината ќерка Маја му праќа документи на Блаже за овој да ги објави во фељтонот кој го пишува. Притоа, повеќе од документите се за чувствата, за љубовта, за психологијата, емоциите, занесот и што уште не, само најмалку за тоа за што треба да бидат. Како таков, ова е навистина исклучителен постмодернистички автореференцијален роман со многу метатекстуалност, историска фикција, психолошки опсревации и што уште не. Но јас не го зедов за да читам се тоа, туку за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче. Дури и да беше целосно фикционален, па и alternate history, и Гоце да не загинеше во Баница во него - ќе ми се допаднеше повеќе отколку вака. Вака се трудев да го сакам, сакав да ми се допадне, но едноставно или тој беше преголем залак за мене, или некаде јас скршнав од патот читајќи го, па не можев да се вратам во колосек до сам крај. Само 3/5 од мене.
 
Член од
5 февруари 2007
Мислења
10.648
Поени од реакции
13.112
Убаво ми почна месецов јануари.
1. Hercule Poirot's Christmas - Agatha Christie 3.5/5
2. Appointment with death - Agatha Christie 4/5
3. Мали нешта како овие - Клер Киган 4.5/5 (Откритие на годината - за сега)
4. The pianist - Wladislaw Szpilman 5/5 (исто како и филмот)
5. Се` уште можам нешто да сторам 5*/5- Фросина Пармаковска (фаворит за сега)
Ау од февруари тука не сум апдејтирал статус на предизвиков.
6. Измеѓу - Кристина Гавран (Антолог) 4.5/5 Хумористичен приказ на животот на мигранти од Балкан во западна европа. Шармантна е Гавран.
7. Американа - Нгози Чимаманда Адичи (Арт-Конект). Немав сомнеж (по многуте препораки) дека ќе наидам на еден одличен роман за животот на мигрантите од Африка во САД во поновово време. Она што ние источно-европејците малку површно го гледаме и се палиме на евтиниот расизам што ни се пласира од двете екстреми. Романов нуди слоевит опис на животот на еден црнец роден во(н) американските граници. 5/5 - Една од фаворитите за прочитан роман на годината.
8. Зелениот дворец - Сибо (Арс Либрис). Симпатично книже, но се гледа дека му е едно од првенчињата на писателот. Сепак е на добар пат да се надогради. 4/5
9. Before coffee gets cold - tales from the cafe - Toshikazu Kawaguchi. 4/5 Позитивно книже, продолжение на кецот. Интерсен концепт
10. Чиракот на Архитектот - Елиф Шафак. Кога ја почнав очекував дека ќе ја завлечкам можеби месец ако не и јаче, испадна за неполни 10тина дена ја завршам со оглед на нејзината масивност. Шафак умее да раскаже историска фикција, се приметува нејзината посветеност колку црпела трудови и истражувала за историјата на отоманците во 16ти и 17ти век. По мене, рамо под рамо со големиот Памук. Прекрасна, навистина прекрасна книга. 5/5
 
Член од
11 октомври 2010
Мислења
6.546
Поени од реакции
21.524
4) Печалбари - Антон Панов

Немам многу што да коментирам за "Печалбари" од Антон Панов. Краток драмски текст кој веќе го имам прочитано како лектира во основно ама добро беше да се освежи меморија.
 
Член од
17 октомври 2011
Мислења
13.796
Поени од реакции
33.612
06. Кобајаши Мару - Анде Јанков (Антолог, 2024)
1714152096171.png

Морам да почнам со - не сакам и не читам трилери! Причината за тоа е што секогаш кога сум се обидел и од тоа малку што сум прочитал, ми сметала клишеизираноста на дејството до крајности, стереотипизираните ликови и ултимативно - секогаш среќниот крај што ги прави неоригинални и предвидливи. Да не бидам погрешно сфатен - во „Кобајаши Мару“ авторот Анде Јанков не измислува топла вода и не прави нешто што премногу отстапува од оваа моја претстава за трилерот во книжевноста, но сепак, дури и на мое лично изненадување - ми се допадна и тоа многу. Причини има повеќе. Прво: „Кобајаши Мару“ не е само трилер, туку многу повеќе од тоа. Анде успешно ги инкорпорира трилер-елементите во една посериозна приказна која говори за многу нешта: од семејството, татковството, животот, изборите на поединецот кои секојдневно ги правиме и прашањето кое се раѓа потоа: „дали правилно постапивме“; моралот, честа, образот, вистината, правдата; па се до трулоста на општеството во кое живееме во кое најверојатно вистински криминалци не се оние кои се извршители на криминалните активности, туку некои, некаде, седнати во некоја фотелја, кои си играат со нашите животи како марионети. Второ: можеби чудно, но на трилерот во „Кобајаши Мару“ јас му верував! Кај трилерите го имам и тој проблем - постапките на ликовите ми делуваат нереалистично. Во реалноста така никој не би постапил, во најголем дел од случаите. Но тука, искрено, помалку реалистични ми беа пасажите на разговорот на Даниел и Андреа за книжевноста и начинот на кој треба да се изгради еден добар роман, отколку трилер - елементите. Трето: ми се допадна вештата употреба на елементи од поп културата (музика, филм, телевизија, книжевност, медиуми...) во речиси секоја глава. Истото ми изгледаше проникливо и можеби придонесе кон целата таа реалистичност за која зборував претходно. Четврто: одлично се инкорпорирани и елементи од реалноста во која денес живееме како на пример војната во Украина, доделувањето на наградата „Роман на годината“, некои политички и други актуелни случувања кај нас од изминативе години и сл. Ми се допадна и (најчесто) предавањето на дијалогот на англиски во оригинал, преведен во фуснота. И последно, особено ми се допадна тој bittersweet крај на романот кој не го очекував. Зашто ова не е роман кој завршува тогаш кога ќе се реши злосторството, што е често клише кај трилерите, туку со еден интересен plot-twist Анде го заокружува во сосема поинаква насока која уште повеќе придонесе кон неговата реалистичност, ме натера да му верувам и заради која уште повеќе ми се допадна.

Реков - не сакам и не читам трилери. Имам прочитано навистина малку од овој жанр што веројатно ќе се смени по „Кобајаши Мару“, кој од тоа малку што го имам прочитано, несомнено е еден од најдобрите, ако не и најдобриот роман. По ова, морам да ги ѕирнам и претходните три романи од серијалот за Виктор Николов, а зошто да не и некој друг трилер од некој друг наш автор. 5/5
 

Kajgana Shop

На врв Bottom