II. Литература за деца
1. Роберт Луис Стивенсон - Островот со скриеното богатство
2. Браќата Грим - Сказни
3. Чарлс Дикенс - Оливер Твист
4. Хериет Стоув - Колибата на чичко Том
5. Џонатан Свифт - Гуливеровите патувања
6. Луис Керол - Алиса во земјата на чудата
7. Марк Твен - Авантурите на Том Соер
8. Марк Твен - Авантурите на Хаклбери Фин
9. Карло Колоди - Пинокио
10. Егзипери - Малиот принц
11. Жорж Санд - Малечката Фадета
12. Астрид Линдгрен - Пипи долгиот чорап
13. Астрид Линдгрен - Карлсон лета
14. Алан Александер Милн - Вини Пу
15. Елвин Брукс Вајт - Пајажината на Климентина (Шарлот)
16. Јохана Шпири - Хајди
17. Ханс Кристијан Андерсен - Бајки
18. Џејмс Метју Бари - Петар Пан
19. Мато Ловрак - Возот в снег
20. Бранко Чопиќ - Ранолетните орли
21. Памела Траверс - Мери Попинс
22. Ана Франк - Дневник
23. Џани Родари - Приказни по телефон
24. Џек Лондон - Повикот на дивината
25. Френк Баум - Волшебникот од Оз
26. Оливера Николова - Зоки Поки
27. Марко Цепенков - Силјан штркот
28. Видое Подгорец - Белото циганче
29. Славко Јаневски - Шеќерна приказна
30. Бошко Смаќоски - Големи и мали
1. Роберт Луис Стивенсон - Островот со скриеното богатство (рецензија -
@Ne_sum_ja )
Островот со скриеното богатство претставува една од најпознатите авантуристички книги во историјата на литературата.
Романот започнува во крчмата на родителите на Џим каде што наеднаш се појавува еден сомнителен морнар кој отседнува кај нив со месеци. При целиот сплет на настани и самата смрт на морнарот Бил, Џим открива во неговиот морнарски ковчег мапа на остров со означени места со Х за тоа каде се наоѓа богатството на некој остров во Карипското море. Џим ја споделува таа мапа со земјопоседникот Трилоуни и докторот Лејсви кои заедно решаваат да преземат експедиција од Бристол кон тој остров и да го пронајдат скриеното богатство. Од тука започнуваат нивните авантури.
Авторот во ова дело не случајно го одбрал за главен јунак и наратор на приказната младото момче Џим. Џим ќе видиме низ книгата ги поседува сите карактеристики на млад авантурист кој пред се сѐ одликува со љубопитност и храброст.
Стивенсон на мајсторски начин ја раскажува целата приказна и атмосфера со прекрасни описи на тој егзотичен карипски свет, уникатно опишани ликови и настани со што ја прави книгата вистинско уметничко дело.
Влијанието на оваа книга напишана пред безмалку 140 години врз нашата култура, книжевност и филмска индустрија е огромно. Оваа книга го поставува стандардот за авантура на море и пиратите. Содржините како што се мапи за богатство, тропски острови и лаѓи со пирати се популаризирани токму од оваа книга. Ликот на Силва опишан како брадест човек со една дрвена нога, паларија на главата и папагал на рамото е архетип на пират за кој ретко кој не слушнал, прочитал или не го видел на некој филм или цртан филм.
Малку се на број книгите кои успеале да создадат толку големо влијание во книжевноста и надвор од неа во многу други области.
2. Браќата Грим - Сказни (рецензија -
@Sussaro)
Браќата Вилхелм и Јаков Грим се најпознатите и најзаслужни преставници на делот од книжевноста посветен на сказните.
Времето во кое тие живееле се поклопува со периодот на роматизмот во Европа, период во кој на цена и популарност биле готиката, преданијата, легендите, битовите елементи, народните приказни и митовите. Браќата се посветиле на собирањето и запишувањето на тие сказни претежно од родната германска митологија.
Приказните говорат за фантазиски и имагинтивни настани прераскажувани од колено на колено, џинови, ѓаволи, животни кои зборуваат, змаеви, вештерки и останати непостоечки суштесва, предмети и амајлии со вонземска моќ, магии, клетви, патешествија и опасни авантури на главните ликови кои на крај со својата доблест, чесност и хероројство, неретко потпомогнати од добродетели кои ги среќаваат низ својот пат ги победуваат своите противници кои се олицетворение на злото. Светот на сказните на Браќата Грим е имагинативен и фантазиски но кракатеристичен е и по строгата линија на црно-бела боја во распределбата на ликовите без присуство на сива зона. На протагонистите им се дадени сите позитивни епитети: храброст, херојство, витешки нарав, чесност, истрајност, упорност, добрина, цврстина, праведност и згора на тоа и надворешна телесна убавина додека пак антихероите се секогаш злобни, малициозни, користољубиви, нечесни, алчни, себични и грди.
Дали приказните уште од памтивек не се одлика на човековата моќ на расудување? На луѓето од секогаш полесно за прифаќање и апсорбирање им биле предметите, појавите, процесите а особено луѓето доколку се тие кристално поларизирани добар човек-лош човек, убав-грд, работлив-мрзлив, чесен-измамник итн. Приказните се сепак измислени од луѓе кои со голема претпоставка кажано одбивајќи го отпорот на реалната комплексност на светот наоколу ги одбираат крајните контрасти како најлесен одговор на нималку простите прашања од светот на живеење. Дали и колку нашите умови ја перцепираат реалността токму како што е претставена во сказните на браќата Грим?
Од нивното прво појавување па сè до денес, Снежана и седумте џуџиња, Црвенкапа, Заспаната убавица, Пепелашка, Јованче и Марика, Принцот жаба и уште многу други раскази останале вечно популарни особено во литературата за деца, но и во културата воопшто. Сказните собирани од Вилхелм и Јаков се неброено пати издавани и реиздавни, анимирани, филмувани и застапени не само во уметността туку и во секојдневието од брендирањето на производи, преку поп-културата, па сѐ до шоу-бизнисот и понатаму. Ако на сето тоа го додадеме и фактот што се општоприфатени и сметани за крајно интересни и возбудливи за читање, добиваме неодоливи книжевни залаци за кои зборот класика е недоволно силен.
3. Чарлс Дикенс - Оливер Твист (рецензија -
@Mnemozina)
Дикенс го напишал еден од најпознатите романи во светската книжевност во кои главниот протагонист е дете. За жал, Оливер Твист, главниот јунак на оваа книга не ги ужива благодетите на среќното и безгрижно детство, напротив, во сиропиталиштето во кое поминува 9 години од својот живот во ужасна беда, сурово изгладнување и постојано малтретирање од страна на персоналот, нему ќе му се падне ждрепката да побара уште малку храна. Оценувајќи го овој чин со крајна згрозеност како крајна неблагодарност, челниците го вработуваат во погребалното претпријатие каде треба да спие меѓу мртовците и да ги јаде, заедно со песот, остатоците од храната на својот работодавач. Тука не завршуваат искушенијата на младиот Оливер, пребегнувајќи во Лондон, ќе се најде помеѓу членовите на една криминална група на крадци и подлеци, за кои дури и убиствата не се непознат акт.
Викторијанскиот Лондон, во екот на индустријализацијата, претставувал дом на хармонични домаќинства од високиот свет на најблагородните и најпрефинетите дами и џентлмени, но ги инфилтрирал во себе и најбедните квартови, највалканите улици, во кои ситните и крупни криминалци, проститутките и последниот олош се постојан декор. Во овој град бил на сила т.н. Закон за сиромашните, кој ги принудувал на работа најбедните слоеви, без изземање на децата. Дикенс вешто, со употреба на црн хумор и сатира, ги сервира вистините за недостатоците на општетството. Темата на романот е социјална, а она на што сака да го сврти посебно вниманието се животните околности на најнезаштитениот општествен слој – децата без родители, изложени на најсурова експлоатација, регрутација во криминални групи, неретко со фатален исход или прерана смрт на истите.
Оливер Твист, најпознатото сираче во литературата ќе ги открие своите корени и ќе успее низ цела таа валкана средина да ја задржи својата чиста и доблесна детска душа. А неговите авантури, често и такви кога самиот живот му е загрозен во буквалната смисла на зборот, би требало да ги проследи секој еден читач кој трага по убавината на делата кои се со право окарактеризирани како класика, кои преку различни интерпретации – театар, филм, мјузикал итн. и денес се актуелни на светската уметничка сцена.
4. Хериет Стоув - Колибата на чичко Том (рецензија -
@Mary Poppins)
Преведувана безброј пати и прочитана од стотина милиони читатели од целиот свет, Хериет Стоув не можела ни да претпостави дека нејзината книга не само што ќе го помине тестот на времето, туку и до ден денес оваа универзална приказна ќе живее во мислите на луѓето и ќе продолжи да ја пренесува хуманата порака во неа.
Приказната за добродушниот и обесправениот чичко Том буди симпатии и благородни чувства во секого. Настаните се врзани за еден проблем – ропството на црнците во Америка, трговијата со нив, инфериорноста во однос на белата раса...
Чичко Том ќе ја има таа среќа да живее мирен живот со своето семејство и колку толку да ја ужива почитта од неговиот бел господар. На оваа идила и доаѓа крајот кога Том ќе биде продаден на друг робовладетел поради тешката финансиска состојба на неговиот тогашен господар. И од одовде па натаму ја следиме тажната судбина на овој човек на кој единствена вина му е тоа што е црн. Отпорот на чичко Том против насилството во огромна мера потсеќа на Гандиевиот пасивен отпор. Можеш да удираш колку сакаш по неговото тело, но нема да успееш да ја извалкаш и неговата душа.
И покрај тоа што опишаниот настан веќе одамна е зад нас односно ропството на црнците во Америка е и со закон забрането, прашањето е колку навистина мислењата и ставовите на луѓето се променети во однос на тоа. Да, го нема ропството, но ја има расната дискриминација. Токму затоа оваа книга нема изгубено од својата актуелност. Злото во луѓето не е искоренето, во сите средини има обесправени и покажувањето сила сè уште е средство на помоќните за штитење и исполнување на своите цели.
5. Џонатан Свифт - Гуливеровите патувања (рецензија -
@Сабазиј)
Како што во една прилика напишал Борхес, погрешно е општо прифатеното мислење кај најголемиот број читатели дека „Гуливеровите патувања“ е книга за деца. Ваквиот став, според него, се должи на тоа што децата најчесто ја читаат првата половина од ремек-делото на прославениот мизантроп. Би додале дека повеќето од нив, за жал и во подоцнежните години потпирајќи се врз првичните, наедно и последни впечатоци, не го менуваат мислењето. Делото претставува сатиричен, неретко и саркастичен осврт кон општеството во кое живеел и создавал Џонатан Свифт (1667-1745). Фантастичниот патeпис не е лишен ни од утописки, односно дистописки елементи. Поради својата повеќеслојност „Гуливеровите патувања“ заслужуваат и повеќекратно внимание.
Низа незгоди при вршењето на морнарската должност (како лекар, и подоцна, како капетан) ќе го одвеат Лемјуел Гуливер низ различни краишта, населени со повеќе или помалку чудни жители.
Во првиот дел, со наслов Патувањето во Лилипут, Гуливер ќе заврши во земјата на малите луѓе. Ќе се запознае со животот и со обичаите на Лилипутанците, и ќе одигра пресудна улога во судирот меѓу државите Лилипут и Блефуск (исто така населена со народ кој не може да се пофали со својата големина). Поводот за војната е од верска и политичка природа.
Нешто поинаква, лилипутанска судбина ќе го снајде во наредниот дел, Патувањето во Бробдингнаг. Во земјата на џиновите, Гуливер ќе биде грешка на природата, предмет на љубопитна потсмешливост и на забава. На потсмев и презир ќе наидат и неговите описи на државното уредување на Британија, на славните воени подвизи и достигнувања. За големите луѓе историјата на Британија и на останатите европски држави, како и на нивното ситно население, не е ништо друго освен збир на сплетки, на предавства, војни и убиства.
Во третиот дел, насловен како Патувањето во Лапут, Гуливер ќе се соочи со расеаните и секогаш исплашени жители на летечкиот остров Лапут. Ќе му остават впечаток нивните крајно апстрактни согледби, смислата за естетика, архитектонскиот стил итн. Откако ќе се симне на земјата, во континенталните владенија на Лапут, ќе има можност да го посети главниот град Лагадо (кој е сличен на Скопје) и Академијата (која е слична на нашата МАНУ, само е нешто попродуктивна). Напуштајќи ја земјата, Гуливер ќе го посети Островот на Волшебниците (на некромантите) и ќе има прилика да размени по некоја мисла со дел од починатите ликови од светската историја, наука и филозофија и да ја слушне нивната страна на приказната. Дека бесмртноста и не е така забавна авантура ќе се увери некаде на крајот од овој дел, кога ќе отиде во Кралството Лугнаг.
Во последниот дел, Патување во земјата Хуинхм, Гуливер ќе биде примен со голема зачуденост и недоверба од тамошното население. Интелигентните жители на Хуинхм сите до еден се коњи. Тие се беспорочни, мудри и речиси совршени. Лишени се од човечката злоба. Наспроти нив, се луѓето, кои ги нарекуваат јаху. Тие живеат во дупки, плашливи се и многу подли. Хуинхм (коњите) ги употребуваат луѓето како стока. Гуливер ќе има можност да поднаучи нешто своите доблесни домаќини, и на чун обложен од кожи на јахуи, да го заврши последното од своите фантастични патувања.