Интересен осврт: Европа и нејзините антички копилиња

Член од
5 јуни 2007
Мислења
890
Поени од реакции
9
Се мислев дали да посочам само линк на некоја реплика или да отворам нова тема. Се одлучив за второто бидејќи текстов го доживеав како крик на објективен граѓанин (иако искрено немам читано претходни колумни од Трифуновски ниту пак знам кој е), еве имајќи предвид дека на форумов одамна се имам декларирано како подржувач на една опција во Рм но и како подржувач на евроатлантските интеграции на РМ (со тоа сакал нејќел заплеткан и во секојдневните политички препукувања на форумов) молам за внимание и мислење по текстов. Незнам, некако чудно го доживеав текстов како „разумен компромис“ за талку дијаметрално спротивните нагони на сите нас овде на форумов.. дали ваквиот пристап би бил решение на краток и среден рок, притоа да се зачува националниот предзнак а во исто време и развој на РМ, дали ваков осврт нуди основа за национално единство.. и слично навистина ме интересираат Вашите размислувања со оглед на фактот што коментарите кои се постираат на ваквите и слични текстови во весниците секогаш ги примам со резерва, дел поради филтерот на уредникот дел поради друго..

Европа и нејзините антички копилиња

Нема разлика помеѓу протерувањето и убивањето на Македонците од страна на диктаторот Метаксас и денешното барање на Атина да не постои македонска нација. Но, како Европа поддржува еден вака бирократски спакуван геноцид? Стариот континент, кога станува збор за неговата внатрешно-политичка организација, се' уште функционира според племенски принципи

Деновиве, додека се' уште се тестира пробниот балон „Северна Македонија“ некако суптилно се протура и идејата дека послабата страна треба да попушти во целиот спор, односно дека тоа би бил „разумниот компромис“ кој очигледните непријателски земји наеднаш би ги претворил во „партнери“. Таквата вештерска чорба зачинета со многу ветувања, но и отворени закани, сигурен сум дека ќе ни биде сервирана од многу лажни пријатели, придружени со понекој домашен келнер. Да бидеме реални, не е прв пат Балканот да се тресе поради нечие перверзно толкување на историските појави. Идејата за митолошка супериорност на една нација, на крвав и брутален начин ја растури поранешна Југославија оставајќи зад себе многу жртви, милиони трагични судбини, и невидени разурнувања. Ние, денес треба да бидеме свесни дека целокупната наша иднина и просперитет треба да зависат од комоцијата на некои луѓе, себеси да се идентификуваат како „прв“ или „одбран“ народ. Како избрана група на луѓе (најверојатно од Господ), од која наводно почнала целата цивилизација. Според истите тие луѓе, таквата нивна комоција е нарушена со нашето егзистирање како Македонци. Тоа е длабоката суштина на целиот спор!

Дора Бакојани неколкупати јасно стави до знаење дека нашето поимање на терминот Македонија, и грчкото поимање на терминот Македонија, мора да се разликуваат по сите прашања...по прашање на територија, народ, јазик, култура и се' останато. Според многу други нејзини изјави, јасно е посочено дека ние не смееме да имаме право на користење на додавката „македонски“, повторно потенцирајќи ги народот, јазикот и културата. Конечно, заменик-градоначалникот на Солун, инаку член на владејачката партија во Грција, во изјава за една од нашите приватни телевизии беше уште попрецизен. Според него, ниеден компромис меѓу земјите нема да биде валиден доколку ние продолжиме да се декларираме како Македонци.

Значи, овдешната нервоза околу одредени статуи и споменици, околу имињата на аеродромите и други витални објекти, се само политички дриблинзи во потрага по евтини политички поени. Зарем верува некој дека со преименувањето на објектите и со поместувањето на статуите и спомениците, Грција би била задоволна..? Во никој случај. Грција ќе биде задоволна само доколку го доврши геноцидот врз Македонците започнат во 20-тиот век. Според терминологијата прифатена од Советот за безбедност на ООН, ќе прочитате дека самиот термин ‘геноцид’ подразбира систематски планирана и изведена деструкција врз одредена група луѓе, поради нивната национална, верска, расна или друга припадност.Како поинаку би го нарекле одземањето на правото на идентитет, односно отворената желба за исчезнување на одреден идентитет? Значи, нема разлика помеѓу протерувањето и убивањето на Македонците од страна на диктаторот Јоанис Метаксас, и денешното отвореното барање на официјална Атина, според кое не може да постои македонска нација. И едната и другата идеја јасно го потврдуваат геноцидот како официјално прифатен инструмент за реализација на одредени цели. Но, како Европа поддржува еден вака бирократски спакуван геноцид..?

Стариот континент можеби на светот му подарил многу цивилизациски добра, но кога станува збор за неговата внатрешно-политичка организација, истиот се' уште функционира според племенски принципи. Старите големи држави и нивните помали сателити на Балканот негуваат сојузништво настанато уште во 19-тиот век. Таквите сојузништва јакнеле или слабееле низ сите крвави судири што беснееле на Континентот, а особено на Балканот. И без разлика што Континентот одамна ја има изгубено својата глобална моќ, племенските сојузништва останале негов најистакнат политички симбол. Таквиот културно-политички атавизам, за жал придонел Европа да остане регионално разединета дури и во 21-иот век, и истиот несомнено довел до појава на двојни стандарди, од кои една од жртвите сме токму ние. Европа можеше да направи притисок врз Австрија кога беше избран Хајдер, па дури и врз Франција кога Ле-Пен влезе во вториот круг на претседателските избори, а денес не можела да изврши притисок врз Грција, која евидентно прави проблем, злоупотребувајќи ги своите меѓународни позиции.

Таквата Европа, паралелно со се' уште високиот животен стандард, станува една суперкомплицирана бирократска мрежа од закони и регулативи, кои евидентно е дека не важат за секого еднакво. Таквата Европа тешко би прифатила новооткриени историски вистини, спротивни на племенските сојузништва. Конечно, таквото заткулисно уредување на Европа, очигледно е дека може да премине преку уште еден геноцид на својата почва. Особено, доколку истиот е вешто дипломатски изрежиран, и бирократски добро спакуван.

Што реално може да се направи..?

Од вавилонската проститутка ни е доволен само отворен пазар и визна либерализација. Сојузи градени низ племенски принципи, кои биле растурани или обновувани низ светски војни и безброј регионални кризи, од Европа направиле најголемо бојно поле во историјата, кон кое Македонија мора да приоѓа со голема резерва. Безбедносно, единствената опција која реално постои е САД, суперсила растоварена од националистички догми и традиционалистички хипотеки. Едноставно, енергијата која е вложена за членство во НАТО, сега треба да се насочи кон потпишување договор за стратегиско партнерство со САД, исто онакво какво што има и Израел. Доколку можело да се одработи членството, не гледам причина зошто не би се одработило стратегиското партнерство, и што на безбедносен план му фали на Израел со истото такво партнерство.

Гледано од наш агол, не постои голема сила во историјата која толку силно и јасно не' поддржала како што се тоа САД, особено со својот настап на самитот на НАТО во Букурешт. На крај уште еднаш за името. Не знам што на хартија ќе потпишат политичарите, ниту пак кога ќе се случи тоа. Но, она во што сум сигурен е дека таквиот потпис нема да стави крај ниту на грчкото негирање на нашиот идентитет, ниту пак на нашата одбрана од таквите геноцидни апетити.

Виктор Трифуновски
 

Kajgana Shop

На врв Bottom