„Гаранции“ за нацијата, јазикот...
Во јавноста се појавуваат авторитативни „процени“ дека можеме да си го смениме името (на државата) и да си го сочуваме идентитетот (на народот). Нé уверуваат дека северните идеи на Нимиц биле прифатливи.
Ама, додаваат, истовремено требало да се бараат гаранции од Советот за безбедност на ООН! Значи, што друго туку со резолуција, да ни „гарантираат“ дека сме Македонци, дека зборуваме македонски јазик!?! Ако навистина се добри последните идеи, и ако со промена на името не го проблематизираме идентитетот на нацијата, што ќе ни се гаранции? Идеите, или ја преминуваат црвената линија, или не. Сепак, како изгледа, некои се спремни да го жртвуваат националниот идентитет, за „доброто“ на македонскиот народ и неговата држава. Без тоа, сé личи на бугарското: т’зи дупка не е дупка!
Овие „процени“, за жал, најдоа плодно поле кај опозицијата. Дали е таа свесна дека се тие подметнати кукавички јајца, и не е најбитно. Битно е, меѓутоа, дека „процените“ отвораат многу прашања.
Прво, дали има дилеми дека името е само покритие, а се работи за обид, еднаш за секогаш, да се затвори македонското национално прашање? Евидентно е како.
Второ, дали е јасно дека македонската држава името го добила од македонскиот народ, а не од регионот Македонија? После вековна борба за слобода и држава, и со многу жртви, народот само така и можел, според себе, да си ја именува државата. Ако е тоа така, а така е, не може промената на името на државата директно да не се рефлектира на идентитетот на нејзиниот народ. Тоа се сврзани садови.
Трето, зарем е можно да не се разбира директната врска на името со идентитетот (нема разлика, во суштината, дали се работи за личност или за народ)? Дека името е фактички единствена дефиниција на идентитетот кој, точно заради тоа, легално може да се промени само преку промена на името? (Тоа е всушност и целта на Грција. Нивниот максимум). Затоа, да се тврди дека ќе го смениме името, ама ќе си го задржиме идентитетот, или ќе ни го гарантираат, е (најмалку) – неодговорно.
Четврто, дали се сфаќа дека, со прифаќање на име за меѓународна употреба, фактички се согласуваме едно да сме дома, а нешто друго надвор? Би биле народ со два, значи, фактички – без прав идентитет! (Точно тоа сака да го докаже Атина). Меѓутоа, после ваквите „гаранции“, ние повеќе нема да бидеме информбировско откритие или титова измислица. Ќе бидеме творба на СБ на ООН. За некои, тоа сигурно ќе значи – зајакнување на идентитетот!
Петто, како може некои умни луѓе да не гледаат дека борбата околу нашето име не е кој народ ќе бидеме дома (тоа е одамна апсолвирано), туку дали како таков (народ) ќе бидеме прифатени надвор од државата? Ако македонскиот национален идентитет остане игнориран надвор од нашите граници – војната е изгубена. Дефинитивно. Клучниот чекор на разнебитување, ќе биде направен. Остатокот е чиста техника и прашање на време. (Со тоа, грчката максимална цел е апсолутно постигната).
Шесто, помислува ли некој дека, со промената на нашето име, Грција имплицитно добива ексклузивно право да го користи ова име како израз на „национален“ идентитет?!? Ние ќе бидеме Македонци за по дома, а тие - за светот. Таму веќе „испилија“ 2,5 милиони (измислени) Македонци!
Седмо, зар има резерви дека името за по надвор, неизбежно, многу брзо, ќе се прошири и за по дома. И, де факто, ќе мора да се промени и Уставот. Тоа име ќе мора да се користи во царинските документи, во пасошите, на спортските дресови, ќе мора да се смени кодот МКД за сé што оди во странство, ќе мора да го користиме тоа име. Дури, и ако не бидеме обврзани со „компромисот“, тоа ќе се наметне како нужност: ако сакаме да патуваме надвор, да извезуваме, да се натпреваруваме. Тоа е систем кој функционира: не треба, ама мораш! Инаку!
Осмо, согледува ли некој дека барањето (некакви) гаранции за нацијата и јазикот е обична – бесмислица? Таков случај ниту имало, ниту ќе има. Замислете, некој треба да ни гарантира дека сме тоа што сме! А, за кого ќе ни гарантира? За сите тие што стојат зад разнебитувањето, или само за Грците (и Бугарите)? Ако е само за нив, нема потреба: никакви гаранции нема да ги премислат дека Македонци, сепак - има. Дури и за по дома. Впрочем, „гаранциите“, и без тоа не вредат ни пет пари. Сите резолуции, договори, повелби, конвенции, кодекси, узанси се прекршуваат. Од страна на (по)силните, се разбира, и на сметка на помалите и послабите. Како нас. Тоа се случува (скоро) секојдневно. Нам ќе ни се гарантира нешто што објективно и логично – никој не може да го направи. А што, ако се покаже дека и овие „гаранции“ не се почитуваат? ќе имаме ли право на жалба? Потпишавме и Привремена спогодба и, истите што ја смислија – не ја почитуваат. И никому ништо: пак нешто додатно (ќе) се бара од нас! Впрочем, единствени ефикасни гаранции се за пегли, бојлери.
Ако навистина побараме некакви „гаранции“ дека сме Македонци, дека зборуваме македонски јазик - ќе биде историски срам. Коле Чашуле со право прашува: кај ни е простумот што не одржал? Во „Тешкото“, Конески вели:
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат над пустош и крв?!
Крајната интерпункција (?!) е негова. Не случајно.
Авторот е поранешен амбасадор
Автор: Ристо Никовски
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=612942343702&id=13&prilog=0&setIzdanie=21710
Одлична анализа!