S
Shellshock nam67
Гостин
Најчесто во изнајмени домови живеат помлади луѓе, пред сѐ студенти, вработени и млади брачни двојки што имаат потреба да го решат својот престој определен период. Многу ретко постари лица се одлучуваат да изнајмат стан како привремено решение, истакнува Игор Панчевски, претставник на агенцијата за недвижности „Левел 7“
Според последниот попис 14.450 семејства живеат под кирија
ЗА РАЗЛИКА ОД ЗАПАД, ОВДЕ СИТЕ САКААТ СВОЈ ДОМ
Симона Тодоровска и нејзиното семејство се само една од многуте млади брачни двојки што се принудени од својот мал семеен буџет да одвојуваат за кирија. Немањето стабилна работа или доволно висока плата за кредитирање ги остава помладите генерации без решено станбено прашање.
- Веќе неколку години со сопругот и синот живееме под кирија, иако се обидуваме да купиме наш стан, планот не ни се остварува. И двајцата работиме, но не сме осигурени на подолг рок, како што бараат банките, и не ни одобруваат користење кредити - вели Тодоровска.
Таа додава дека низ годините смениле неколку локации и најголем проблем им претставуваат токму селењето и стекнување нови навики, како за себе така и за своето синче, на кое мора да му најде нова градинка.
Според податоците на Државниот завод за статистика од пописот во 2002 година, во нашата земја најмногубројни се сопствениците на домови. Од вкупно 564.296 домаќинства, 483.888 живеат во свој дом, додека 14.450 семејства живеат под кирија. Сепак, експертите истакнуваат дека бидејќи оваа статистика датира од последниот попис во 2002 година, не ја одразува вистинската слика за сегашната состојба. Во текот на последните години имаше вистински бум во градежништвото, особено во главниот град, каде што се изградени многу станови, поради што е создадена сосема поинаква демографска структура.
- Под кирија живеам десетина години. Прво додека студирав, и сега откако работам. Избор немам, бидејќи немам средства за купување стан. Досега имам сменето неколку локации, односно станови, но и цимерки. Не очекувам дека во скоро време ова ќе се промени, бидејќи поинакво решение за моето станбено прашање немам - вели Даниела Синадиновска од Штип, вработена во приватна компанија како сметководителка.
Немаштијата и борбата по доходна работа натераа многу млади луѓе да се селат во главниот град, каде што има најголема понуда и побарувачка на пазарот на трудот, поради што голем дел од нив по завршување на студиите се решаваат да останат во главниот град.
Привремено решение
Упатените во проблематиката со изнајмување и купување стан или куќа велат дека бројот на граѓани што живеат под кирија е многу поголем, за разлика од 2002 година, а ова, според нив, се должи на повеќе фактори, од кои најголемо влијание има економската состојба.
- Врз основа на сознанијата што ги имаме, може да констатираме дека во споредба со минатите неколку години е забележано одредено намалување на бројот на изнајмени станови во првото тримесечје. Но тие сепак не се во толкава мера за да предизвикаат негативно влијание на состојбите на пазарот на недвижности - вели Игор Панчевски од агенцијата за недвижности „Левел 7“.
Панчевски додава дека за изнајмување станови најчесто се решаваат граѓани што мораат да се сместат некаде одредено време.
- Најчесто тоа се помлади луѓе, пред сѐ студенти, вработени и млади брачни двојки што имаат потреба да го решат својот престој определен, најчесто пократок, период. Многу ретко постари лица се одлучуваат да изнајмат стан како привремено решение - истакнува Панчевски, додавајќи дека за разлика од пред неколку години, кога како закупци на станови доминирале странските државјани, денес состојбата е сосема спротивна и доминираат токму домашните.
Претставниците на агенции за недвижности истакнуваат дека има интерес и побарување и за купување и за изнајмување станови и дека тоа најчесто зависи од потребите на граѓаните. Според нив, споредба меѓу овие две категории клиенти е тешко да се направи, бидејќи на изнајмувањето стан се гледа како на привремено решение за престој, додека купувањето е инвестиција и трајно решение на станбеното прашање.
- Доколку ги анализираме претходните неколку месеци, тогаш може да констатираме дека граѓаните се повеќе заинтересирани за купување недвижност. Постојат повеќе причини за таквата појава, а како една од нив можеме да ја наведеме состојбата на еврото, односно стравот од негово исчезнување, која ги натера некои од граѓаните да ги вложат своите заштеди во купување недвижност како најсигурна инвестиција во вакви ситуации - додава Панчевски.
Според податоците на статистичката агенција на Европската Унија, „Евростат“, над една четвртина од населението во Унијата живее во изнајмени домови. Имено 13 отсто од Европејците живеат во дом за кој плаќаат пазарна цена за изнајмување, а 13,5 проценти се сместени во дом за кој плаќаат кирија по намалена цена. Додека три четвртини, или 73,6 отсто од граѓаните живеат во сопствен дом.
И Европејците живеат под кирија
Интересен е податокот дека во поразвиените земји процентот на граѓани што се сопственици на своите домови е помал, откако во помалку развиените.
Така, на пример, најмалку сопственици на домови има во Данска, каде што само 52,8 проценти од населението се сопственици на дом, па следуваат Шведска 56,8 отсто, Австрија 57,5, Холандија 59,2, Норвешка 61,3, Исланд 70,6, а на врвот е Романија, каде што дури 96,5 проценти од населението се сопственици на имотот.
Процентот на лица што живеат во изнајмени домови по пазарна цена во 2009 година бил под 10 проценти во 12 земји-членки на ЕУ. Додека во Исланд, Данска, Холандија, Шведска и во Австрија над една четвртина од населението живее во изнајмени домови по пазарни цени. Бројот на граѓани, пак, што живеат во стан со намалена цена за изнајмување е околу 20 проценти во речиси сите земји-членки на ЕУ, освен во Полска, каде што овој тип живеење го користат речиси 30 проценти од популацијата.
Младите во Македонија се зависни од родителите
Одлуката да се живее самостојно и притоа да се плаќа кирија или да се остане со родителите, според социолозите, се должи на многу фактори. Експертите сметаат дека споредбата меѓу европските или западните земји и Македонија не можат да се прави поради големите разлики во степенот на развиеност, образованието, културата на живеење и односот меѓу родителите и децата.
- Од една страна, останувањето во кругот на семејството им овозможува на младите комфор, кои во вакви ситуации не мислат на обврските. Но, од друга страна, животот во заедница носи напнатост. Младите ја немаат посакуваната слобода и стануваат зависни од родителите. Ваквата ситуација во Македонија е наметната од економската состојба, односно примањата се многу ниски и недоволни за поголеми инвестиции - вели социологот Илија Ацевски.
Според него, сите би сакале трајно да го решат станбеното прашање, но и таа и опцијата под кирија се доведени во прашање поради ниските примања што ги добиваат младите.
- Доколку младите нормално се вработуваат по завршување на нивното образование и притоа добиваат хонорар со кој можат да платат кирија и да имаат за живот, веројатно почесто би се одлучувале на самостоен живот. Но со несигурни работи и ниски примања тоа е неизводливо. Во Македонија речиси 70 отсто од младината се невработени, а тоа се одразува на нивниот начин на живот - истакнува Ацевски.
Спротивно на нас, во европските земји, според социолозите, родителите сами ги бркаат децата од домот, за да се осамостојат, да стекнат навика да се грижат за себе. Ацески истакнува дека кај нас е сосема поинаку, родителите не сакаат нивното дете да плаќа кирија и не го бркаат од домот. Но токму тој чекор младите го искористуваат, вели Ацевски, и ги користат сите бенефиции од животот.
- Од друга страна, не можеме да се споредуваме со западните земји, бидејќи кај нив има и поинаков начин на обезбедување на станбените прашања. Таму им се дава на граѓаните опција домот да го отплаќаат 30-40 години, и тоа за разумна сума, а не како кај нас - коментира Ацевски.
Но ефектот од ваквите економски и социолошки состојби според професорот допрва може да се почувствува.
- Цената или бумерангот од ваквиот начин на живот ќе го почувствуваат подоцна. Тие не се осамостојуваат и нема да можат да се грижат сами за себе.
Младите се приспособуваат на околностите, зошто да се грижат. Но тоа ги прави неспособни да функционираат подалеку од семејството. Не се грижат за себе - истакна Ацески.