Падна тиква за СДСМ
Педесетина члена беа револтирани што централата ги поништила претходните избори за претседател и што преку врски биле избрани нови делегати
Социјалдемократот Пано Митрев-Тиката падна на подот откако беше истуркан и два пати удрен при обид да влезе на изборната конференција на разгранокот на СДСМ во Кавадарци.
- Му се слоши од нервоза и му се качи притисокот - рекоа неговите сопартијци, кои го изнесоа од толпата и го однесоа дома, обидувајќи се да го скријат скандалот. Во турканиците, негова партиска колешка се здоби со повреди на раката. Двајцата беа дел од педесетина незадоволни социјалдемократи, кои се спротивставија на одлуката на врвот на СДСМ за поништување на изборите од 21 јули и за замена на старите делегати со нови. Незадоволните тврдат дека некои од новите делегати биле избрани преку врски, бидејќи не биле свикани состаноци во сите месни одбори.
Членот на СДСМ Јанаќи Тотовски беше крајно огорчен од постоењето на две струи меѓу кавадаречките социјалдемократи.
- Ќе ја фрлам партиската книшка иако во 2000 година кршев кутии во корист на СДСМ - коментираше револтирано тој.
Социјалдемократите што останаа надвор, беа решени и сосила да влезат во просторијата каде што се одржуваше изборната конференција. Тие со пцовки и викотници обвинија дека меѓу новите делегати има непотизам, бидејќи имало случаи од едно семејство да бидат избрани повеќе делегати.
Социјалдемократот Љупчо Мелов со себе носеше слика на која е фотографиран со Бранко Црвенковски.
- Кога ги изгубивме изборите и кога сите се плашеа, јас се сликав со тогашниот лидер на партијата. А сега не ме пуштаат внатре и не кажуваат како ги избрале новите делегати - рече Мелов.
Револтот не го криеше ни Здраве Ѓорчев, кој бил претседател на изборната единица 670.
- Седум автомобили и еден автобус обезбедив кога одевме во Скопје и сите ги платив од мојот џеб. А гледате ли сега што ми прават мене? Ме бркаат и не ме пуштаат да влезам. Имам писмо-покана за да присуствувам на изборната конференција. Го добив преку пошта. Не знам која од двете спротивставени страни ми го испратила. Печатот е оригинален, ама телохранителите не ме пуштаат. Велат: "Не може, ти не си на нашиот список". Сите сега ќе одиме кај Тито Петковски. Овие овде нека си прават СДСМ со пет луѓе. Поединци, своевремено блиски со ВМРО, со војводи и со други партии, ни ја растурија партијата - рече Ѓорчев.
Подоцна незадоволните беа пуштени да влезат во салата, каде што се одржуваа изборите. Дел од нив и таму го изразија своето незадоволство, а еден се откажа од кандидатурата за член во претседателството на партијата. Претседателството беше изгласано, а за нов претседател беше избран Димитар Мукаетов.
Неговиот противкандидат Ефремчо Николов, кој за својата кандидатура дознал непосредно пред конференцијата, се откажа од трката за претседателското место.
- Секој добронамерен ќе биде добредојден во партијата - рече Мукаетов, а својот несуден противкандидат го опиша како "квалитетен младиќ".
Локални социјалдемократи од поодамна тврдеа дека претседателското место е резервирано токму за Мукаетов, чија сестра е вработена во кабинетот на Бучковски. Според партиски извори, токму од тие причини Ефремчо Николов не сакал да биде марионета и жртвено јагне.
По завршувањето на изборната конференција, министерот за здравство Владо Димов на кавадаречките социјалдемократи им порача:
"Да се обединиме и да ги оставиме несогласувањата зад нас".
Ефремчо Николов, членови на партијата и советници од општината Кавадарци не отидоа на коктелот организиран по изборната конференција. Некои од нив рекоа дека "немаат време за коктел", но заедно седнаа во кафуле, далеку од славеничкиот коктел на новиот претседател на кавадаречката организација на СДСМ.