Загрижени бидејќи им паѓа бројот на посетителите
Грција ја тужи Хрватска поради одличната туристичка сезона!
Тие побарале да се изврши оценка за законитоста на хрватските субвенции во туризмот одобрени во 2008, 2009 и во 2010 година
Грчкиот туризам западна во криза, па се одлучил да побара оценка за законитоста на хрватските субвенции во туризмот одобрени во 2008, 2009 и во 2010 година, пишува "Јутарњи лист" во текстот под наслов: "Загрижени поради падот на туризмот: Грција ја тужи Хрватска во Брисел поради одличната сезона". Оваа информација на весникот му е потврдена и во Агенцијата за заштита на пазарно натпреварување (АЗТН) и во Министерството за туризам.
"Јутарњи" дознава дека тоа било по барање на некои членки на ЕУ, пред се на Грција, кои се нашле погодени од добрите резултати на хрватскиот туризам кој само до август годинава забележа 8,7 милиони посетители, а приходите се проценуваат на околу 7,5 милијарди евра. Од друга страна, грчкиот туризам годинава бележи пад по сите основи - и по бројот на туристите, ноќевањата и заработувачката, пишува весникот.
Грците особено биле заинтересирани за стимулациите на туроператорите за кои годинава се потрошени 15 милиони евра, како и за авиодестинациите за чиј развој и одржување годинава се потрошени седум милиони евра. Во АЗТН се свесни дека хрватските стимулации се мали и дека нема да паднат под никаков удар на ЕУ, но во завиткана форма препорачуваат дека "треба да се биде внимателен за да не се налути конкуренцијата на туристичкиот пазар во Европската унија"!?
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=A307DC343295B34DAEA32D5CD9204411