Нов тендер за набавка на 302 автобуси
Коментари (44)
03.02.2009 14:32
Завршена е постапката за евалуација на единствениот понудувач
Пропадна владиниот тендер за набавка на 302 двокатни автобуси. Само словачката компанија ПРЕ-ОС ја доставила комплетната документација, но и таа испаднала затоа што не ги исполниле условите за технички и функционални карактеристики, а не задоволувал ниту изгледот на автобусите.
Останатите три фирми не дале и банкарски гаранции и затоа нивните понуди воопшто не се разгледувале.
Од македонската компанија „Санос“ велат дека доставиле најквалитетна и најдобра понуда, но обвинуваат дека на тендерот се фаворизирале странски компании. Не добиле банкарска гаранција заради тоа што сите банки во земјава имале лимит од 5 милиони евра, а во случајов ако го добиеле тендерот, гаранцијата би изнесувала 10 милиони евра.
„Ако е направен тендер на кој ние порано укажавме дека домашните компании нема да можат да одговорат поради големината на банките кои ги има во Македонија, тоа значи дека тендерот е нерамноправен“, рече Славе Распашковски, „Санос“.
Распашковски: Наместо да се вработат 500 нови луѓе, и сегашните остануваат без работа
И Стопанската комора ја повика Владата да им даде предноста на домашните компании при тендерите.
Наместо да се отворат нови работни места и да се активираат околу 80 македонски компании кои ќе произведуваат делови за автобусите, сопственикот на „Санос“ ја затвора фабриката.
„Сите очекувавме дека ние ќе бидеме победници, од едноставна причина што разликата во нашата понуда беше толку многу поголема од останатите, да веќе сите се спремавме на големо и почнавме со нашите и со странските кооперанти да комуницираме за работа, но фабриката ќе биде затворена веќе од утре и наместо да се вработат 500 нови луѓе, и сегашните остануваат без работа“, вели Распашковски.
Словаците на тендерот побараа 111 милиони евра, кинеската компанија ЈУ ТОНГ 60,4 милиони евра, „Санос“ 65,9 милиони евра, а бугарската компанија КИНГ ЛОНГ 64,9 милиони евра.
Со оглед на тоа дека сега главните конкуренти си ги знаат понудите до детали, прашање е колку и новиот тендер може да биде регуларен. Ова е трет тендер за набавка на автобуси кој пропадна.