Русите го криват Пакистан и велат дека Пакистан е “живо зло’’:.
ПО ТЕРОРИСТИЧКИТЕ АКЦИИ ВО МУМБАЈ
Индија бара од Пакистан испорака на терорости
Индија му предаде на Пакистан листа со околу 20 имиња на терористи за кои бара веднаш да и бидат предадени и побара силна акција против вмешаните во нападите во Мумбај минатата недела. Истовремено, Исламабад е под силен притисок и на САД колку што може повеќе да соработува во истрагата за нападите. Потегот доаѓа во момент кога индиската влада се соочува со се посилни обвинувања за пропусти во безбедноста и во разузнавањето. Неименувани владини функционери за индиските медиуми изјавиле дека индиската Агенција за странско разузнавање уште во септември добила информации дека терористи со база во Пакистан се подготвуваат за големи терористички акции во Мумбај. Таа информација им била доставена на службите за домашна безбедност. На листата со барани лица, која му беше предадена на високиот претставник на Пакистан во Индија, Шахид Малик, се наоѓаат и имињата на Давуд Ибрахим, моќен гангстер обвинет дека стои зад бомбашките напади во Мумбај во 1993 година и Масуд Ажар, осомничен терорист кој во 1999 година беше ослободен од индиски затвор во замена за заложниците од киднапираниот авион на „Индиан ерлајнс“. На високиот пакистански претставник, исто така, му било речено дека сите информации говорат за вмешаност на „елементи од Пакистан“ во нападите и дека од Владата во Исламабад се очекува „да преземе силни мерки против тие елементи“. Засега и двете држави се воздржуваат од пожестока реторика, која лесно може да доведе до воен судир меѓу двете нуклеарни сили, кои од своето основање во 1947 година војувале четири пати. Пакистанскиот претседател Асиф али Зардари, чија сопруга Беназир Буто минатата година беше убиена од страна на исламски екстремисти, апелираше до Индија да не ја казнува неговата земја за терористичките напади. Тој истакна дека милитантните „недржавни елементи“, како и многупати досега, се обидуваат да предизвикаат регионална војна, која би го тргнала меѓународниот притисок од нивните бази во Пакистан и во Авганистан. - Дури и ако терористите биле поврзани со Лашкар е Таиба (терористичка група базирана во Пакистан), што мислите вие, против кого се бориме толку години? - ги запраша индиските власти претседателот Зардари. Тој нагласи дека Пакистан веќе презема мерки да ги заузда милитантите на својата територија. Во обид да се намалат тензиите меѓу двата соседа, во посета на регионот допатува и американската државна секретарка, Кондолиза Рајс.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=6&tabid=1&EditionID=1566&ArticleID=103338