КЛИПОТ ШТО ЈА ШОКИРА ГРЦИЈА
Македонците што го дале Александар, не биле Грци
Цветин Чилиманов
Во дебатата за културното наследство на древната Македонија, изминативе денови на Интернет кружи снимка од документарен филм на кој американскиот археолог Јуџин Борза и грчката историчарка Стела Дрогу велат дека древните Македонци биле поинакви од древните Грци.
Во филмот, кој веројатно бил снимен некаде во 1970-тите години, пред националистичката хистерија во Грција, се потенцира дека древните Грци ги сметале древните Македонци за поинаков народ, на пониско ниво на развој, а дека атинскиот говорник Демостен сметал дека „воинствените и автократски“ Македонци не се достојни да бидат дури ни робови.
- Македонците, кои го дале Александар, воопшто не биле Грци - се вели во филмот. Според тврдењата на професорот Борза, древните Македонци имале високоразвиена цивилизација, но проблемот е во тоа што голем дел од тоа што е познато за Македонците доаѓа од грчки извори, и поради тоа е „извртено“.
- Грците живееле во градови-држави и сметале дека така треба да живее цивилизиран народ. Од друга страна, Македонците живееле во, според Грците, авторитарно и недемократско кралство, предводени од воинствени кралеви, поради што биле сметани за понискоразвиен народ - вели професорот Борза во филмот.
„Време“ стапи во контакт со професорот, кој предава на универзитетот Пенсилванија Стејт во САД и се смета за водечки експерт за античка Македонија. Тој ни изјави дека не го разбира денешниот спор околу името Македонија.
- Моја специјалност е древната историја, а не модерната. Од искуство знам дека кај вас, историјата тешко умира. Инаку, стојам зад се што сум кажал - изјави Борза.
Во снимањето на документарниот филм учествува и грчката историчарка Стела Дрогу, која исто така тврди дека Грците биле демократски организирано општество, додека Македонците биле кралство, при што древните Грци сакале да се одбранат од своите северни соседи. Дрогу работела на гробницата во Вергина, откриена во 1977 година од страна на Манолис Андроникос.
- Кога ја отворивме гробницата, тоа беше исклучително искуство за нас, како археолози, но и како човечки суштества. Престанавме да мислиме како научници, туку се почувствувавме како луѓе што ја почувствувале длабоката врска меѓу древните времиња и нашето - вели Дрогу во документарниот филм. Тие откриле соба преполна со богатства, со златен шлем, штит направен од злато и слонова коска, позлатени мечови, бронзени и сребрени садови… И секако, ковчегот од чисто злато кој го носел шеснаесеткракото сонце и круната со 313 златни ливчиња.
- Предметите што ги открија нашите колеги во Грција покажуваат извонредно чувство за уметност, кое укажува дека Македонците не биле варварска раса, како што тврделе Демостен и други Грци. Без оглед дали тие биле изработени од македонски мајстори, или од грчки или други мајстори донесени од друго место, никаде во древниот свет не може да се најде нешто слично - смета Борза и додава дека вистински херој на македонското минато не е Александар, туку неговиот татко Филип, кој покрај воен, бил и дипломатски и политички водач. Филмот бил снимен во време кога Македонија се уште била во рамките на Југославија, поради што грчките власти полесно можеле да дозволат да се работи на ваков проект.