Невидливи бомбардери ќе владеат со небото
Најголем адут на супербомбардерот ќе биде специјално дизајнираната обвивка на трупот која ќе ги впива сигналите што ги емитуваат радарските станици
Бомбардерот на иднината ќе ги поседува борбените способности на ловецот „Ф-22“ и ќе може самиот да се одбрани од непријателски ловци
„Боинг“ и „Локид“ индустриските гиганти за производство на авиони создаваат суперсоничен бомбардер за американската армија, кој освен што ќе биде невидлив за радарите, ќе биде вооружен и со ласери за уништување копнени цели.
- Невидливиот бомбардер „Б-2“, гордоста на американската воена воздухопловна флота старее. Новиот авион ќе треба да го замени бомбардерот, модел стар над 25 години. Целосно функционален прототип од новата генерација, на кој заеднички работаат „Боинг“ и „Локид“, очекуваме во 2018 година - изјави висок претставник на американската армија.
Иако Генералштабот не сакаше да ги соопшти спецификациите, домашните медиуми објавија дека супериорното летало ќе биде бомбардер што со едно полнење на резервоарот ќе може да прелета околу 3.200 километри. Суперсоничниот бомбардер, кој освен што ќе може да носи и до 12.000 килограми конвенционално оружје, ќе може да биде вооружен и со нуклеарни бомби.Според американските медиуми, изгледот на новиот бомбардер ќе биде идентичен на својот претходник „Б-2“.
Обликот на триаголник и можноста да ја менува формата на крилата во текот на летот ќе му овозможат на супербомбардерот успешно да се крие од радарите. Сепак, според дизајнерите најголем адут на супербомбардерот е невидливоста за радарите, која ќе ја овозможи специјално дизајнираната обвивка на трупот што ќе ги впива сигналите што ги емитуваат радарските станици.
За разлика од досегашните бомбардери кои имаат прецизна намена, благодарение на уникатниот дизајн и подвижноста, бомбардерот на иднината ќе ги поседува борбените способности на ловецот „Ф-22“ и ќе може самиот да се одбрани од непријателски оган.Проектилите „небо-небо“ и ласерите ќе го одбранат од воздухоплови, додека бомбите ќе уништуваат радарски станици и објекти на земјата. Воените експерти оценуваат дека невидливиот авион ќе биде многу корисен за напад во формацијата „волчја глутница“. Кога се навлегува длабоко во непријателска територија, за да се избегнат ловците-пресретнувачи и против - авионската одбрана, бомбардерот го чуваат неколку воени авиони што прават своевиден штит околу него.
Пред неколку месеци, специјализираниот магазин „Авиејшн вик“, пак, објави дека компанијата „Нортроп“ во рамки на категоријата тајни проекти развива бомбардер од новата генерација со кој ќе им конкурира на „Боинг“ и на „Локид“ за тендерот вреден десетици милијарди долари.Според „Авиејшн вик“, компанијата издвоила 2 милијарди долари за изработка на воздухоплов, кој по карактеристиките би бил идентичен со беспилотното летало „Х-47Б“. „Нортроп“ веќе и' го продаде на армијата моделот на беспилотно летало „Х-47Б“. Нема да биде изненадување, ако овој пат и понудат посериозен модел, кој освен за набљудување, ќе може да се користи и за напад на воздушни и копнени цели. Нова генерација на воен авион кој нема да биде управуван од пилот - пишува специјализираниот магазин.„Авиејшн вик“, цитира и експерти што сметаат дека новата генерација воени авиони нема да бидат управувани од човечки екипаж.
- За разлика од осумдесеттите години на минатиот век, кога беше произведен првиот модел на „Б-2“, денес истражувачките центри располагаат со софистицирани системи за комуникација и навигација. Ова овозможува далечинско управување на леталата од воените бази - наведуваат тие.Џон Пајк, од аналитичкиот центар „Глобал секјурити“ во Вирџинија, оценува дека иднината на воената авијација, е во беспилотните летала.
- Беспилотните бомбардери ќе бидат помали, поевтини и со поголем распон на дејствување. Управувани од комуникациските центри на воените бази, со денови ќе можат да патролираат над регионите во кои се извршуваат воените операции - вели Пајк.Тој додава дека интересот кај армијата за овие модели е зголемен по војната во Ирак.
- Во Ирак се употребени над 1.000 беспилотни летала, кои освен за набљудување, успешно беа користени и за воздушни напади врз непријателски цели - истакнуваат од „Глобал секјурити“.
во дневник го најдов изгледа доста моќно