Може да си правиме какви сакаме филмови, да морализираме, глумиме револуции, да се натпреваруваме со патетични статуси за “државичево“, оправуваме систем, но во Македонија работите се доста едноставни.
На крај, изборот е сведен на две групи, кои што донекаде имаат и ист корен, но и покрај општо прифатеното мислење, не спроведуваат целосно исти политики.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се само главните партиски крила на тие групи. Иако има е преминување од една во друга, мислам на бизнисмени, луѓе од безбедносен сектор, новинари, активисти, професори и да не редам се што е активно во нашата држава.
Така да “новите“ кои ќе го “срушат системот“ и што демек ќе изградат нов, не мора да дојдат на власт како СДСМ, може да бидат овие 5 до 12 или како и да се викаат, каде Димче го прати Амар, може да формираат некое ново движење од некоја нова шарена револуција (што делува како веројатно сценарио), но структурата на новата власт и политиките ќе се тие.
Кои се тие експерти, млади бунтовници, професори, “чесните професионалци во институциите“, активисти, а да не се дел од една од овие групи? Да не биле вработени од нив, земале фондови, напредувале и сл.?
Сите овие културњаци што се бунат денес, во сите тие културни институции се влезени не затоа што биле најдобри, туку затоа што некој средил да го добијат тоа место, а некој друг место нив да си го бара чарето надвор од институциите. Дури и некои да биле најдобри, не верувам дека сите толку отскокнувале во однос на другиот. Во спротивно би значело дека во Македонија постои мерит систем, а нели сите велиме дека не е така?!
Така ви е секаде, од градинките, училиштата до факултитетие, од богатите НВО до државни службеници и бизнисмени.
Па, ако едните ги рушите, доаѓат другите, со се нивните политики.
И во ред е тоа, ако некој е уверен дека со промена ќе биде подобро, зошто да не, сите сме виделе неколку промени на власт, само здравје па да се нагледаме ушто повеќе. Но да не се правиме мутави дека не знаеме што ќе биде, кои ќе дојдат, какви политики ќе спроведуваат, затоа што се знае, освен за крајно политички неписмени.
Ова особено важи за нашите големи патриоти, националисти, кои секогаш се подготвени да ја играат улогата на “корисни идиоти“, а потоа плачат, кукаат, паѓаат во депресија, па повоторно секој им е виновен, освен тие, кои што се морални грамади и најголеми православци, па не можеле да прифатат компромиси и така повторно ќе одработуваат за политики против кои што се.
Навистина некој мисли дека со следна промена, ќе дојде некоја попатриотска, понационлана влада, која ќе спроведува политики какви што тие сакаат кон соседите, Албанците и не знам каква надворешна политика со Трети Римови, Кини, Персии?!