Првин претпоставувам дека последната реченица значи да пишувам за планови и проекти каде што парите од ЕУ фондовите не се повеќе опција?
ЕУ фондовите ( ИПА, Инвестициски фонд, План за раст) се околу 100-200 милиони евра на годишно ниво. Дали е мала сума, апсолутно не. Али дали е од пресудно значење дали ќе функционира државата или не, апсолутно не. Овие фондови се користат примарно како замена за отстварување на основни функционалности на државата додека корупцијата ги топи нашите пари од даноци. Школото го поправа ЕУ или УСАИД додека општината дава тендер од 150 000 евра за прередување на бекатонки.
Тие средства може да бидат надополнети назад со популарни одлуки како чистење на пензиски фонд, социјална помош и туѓа нега од луѓе кои ги злоупотребуваат во многу брз рок. А нема да имаме никакви политички последици тоа да го правиме зошто ние ги немаме полнето списоците со луѓе за да гласаат. Тоа се луѓе на СДС,ДПНЕ, ДУИ, ВРЕДИ и плетората на коалициони партнери.
Вистинскиот проблем и каменот кој би ни висел на врат се трговскиот дефицит и задолженоста ( поточно неможноста за понатамошно кредитирање). Трговскиот дефицит ни е скоро една милијарда евра ( со земени во предвид прилив на пари од дијаспора и извоз на услуги ). Истото важи и за буџетот, каде што приливот на пари веќе е одвај доволен за покривање на тековни оперативни трошоци.
Значи има три аспекта:
- зголемување на ефикасноста на државните институции ( кратење на непродуктивното трошење за да се отвори финансиски капитал за инвестиции)
- намалување на увозот на добра за да се зголеми независноста
- зголемување на извозот, со иницијален фокус на извозот на услуги/знаење / како и државен план за насочување на финансии од дијаспората кон нашата држава
За првиот аспект за зголемувањето на ефикасноста се истите флоскули кои сите ги знаеме и се ветуваат последните 30 години:
- Прочистување на списоците во пензискиот фонд, социјално и туѓа нега.
- Отстранување од листите на вработени лица кои воопшто не се во Македонија, како и постепено намалување на самиот државниот бирократки апарат, а зголемување на техничкиот/теренски.
- Реорганизација на државните јавни претпријатија и општините.
- Консолидација на бројот на општини.
- Македонски железници транспорт и инфраструктура ќе се вратат во едно претпријатие.
- Враќање на ЕСМ и МЕПСО во едно претпријатие, Електростопанство на Македонија.
- Намалување на бројот на министерства од 20 на 14.
- Воведување на строги критериуми под кои државните претпријатија ќе смеат да најмуваат подизведувачи, за да се спречи испумпување на парите од истите во приватни џепови за завршување на тривијални работи.
- Намалување на бирократијата, со посебен осврт на процедурите донесени во време на Греувски каде што државните институции и општини се приморани да најмуваат надворешни лица и компании за завршување на нивните ингеренции. Од аспект на правото овдека е најчистиот пример.
- Укинување на патарините и заменување со системот на вињетка.
Има тука уште многу работи али да се префрлиме на проектите.
Намалување на увозот:
Бензин/Дизел/Мазут - на ова на годишно ниво ни се одлеваат една милијарда евра.
- Укинување на сите царини и давачки за увоз на електрични возила. Моментално во Кина имате електрични возила од 7000 евра до 70 000 евра. Ова има повеќе аспекти:
- Намалување на увозот на бензин/дизел.
- Драстично подобрување на еколошката ситуација
- Користење на електричните возила во G2V-V2G конфигурација. Во моментов нашето инсталирање на обновливи извори на енергија е бесцелно се додека не се изгради Чебрене или батериски капацитет и со тоа нема начин како да се распредели произвдоството на енергија. Но електричните возила може да се користат како батерии за складирање на вишокот на енергија. Кој е принципот. Возилата додека се паркирани преку ден додека луѓето се на работа ги полнат батериите со ефтина струја, во текот на периодот од 17-24 часот кога е пикот на користење на електрична енергија, системот ги користи самите возила како батерии ( нормално со граници на искористување). Ова секако би било можно само за поскапите модели кои имаат 500+ километри опсег. Не за ефтините модели.
Електрична енергија/приороден гас - Овдека е делот каде што се планира да се искористат сите можни "врски", за обезбедување на кредит за воспоставување на енергетска независност преку неколку фази:
- Транзициони проекти:
- Реконструкција на пругата кон Грција преку Битола, правење на крак до ТЕЦ Битола, и увоз на високо калоричен јаглен кој би бил мешан со нашиот во сооднос 75%-25% за да се продолжи векот на домашните ископи кои се при крај, а крајната цена на производство би била или иста или незначително поголема. Од друга страна трошците за реновирање на пругата и изградба на кракот до ТЕЦ Битола ќе се вратат за 2 години ако се замени камионскиот со железнички сообраќај. Исто така не треба да се занемари и намалувањето на остатокот при согорување и колку ќе ја подобри еколошката состојба во Битола.
Повторно во употреба треба да се врати топлификациската мрежа во Битола, за да се намали користењето на електрична енергија за греење.
- Гасификација на ТЕЦ Неготино и Осломеј и префрлање на истите во со двојна намена електрична енергија - топлификација со изградба на топлификациска мрежа околу ТЕЦ Осломеј до Кичево, Осломеј и Зајас. Додека во случајот на ТЕЦ Неготино би било поврзано Неготино плус би имало поволни кредити за инвестирање во пластеници кои би се приклучиле на истото загревање. Поради малите количини на гас, доста лесно би можеле да обезбедиме "пријателски цени", кои се 40-60% пониски од пазарните ( барем на краток рок првите неколку години додека да застанеме на нозе ).
Истите би требало да чинат помеѓу 200-220 милиони евра и да бидат готови помеѓу 2-4 години. Со што ТЕЦ Неготино би била приоритетот.
- Паралелна изградба на десете проточните брани кои се дел од проектот Вардарска Долина ( проектирана цена од 400-450 милиони евра и завршување на сите 10 во рок од 4 години).
- Долгорочно решение:
- Изградбата на Чебрене и Галиште како и завршување на проектот Вардарска долина со ХЕЦ Велес и ХЕЦ Градец. Али проблемот се цените посебно на првите кои според проекциите се 1.1 милијарди евра и 800 милиони соодветно. За тоа кредити никој не ни дава во барем следните 5 години. Тука ќе мора да се бараат други начини за финансирање. Или државата ќе треба да е комплетно излезена од дупката во која е. Редоследот би бил ХЕЦ Чебрене -> ХЕЦ Галиште/Градец - ХЕЦ Велес.
По завршување на сите овие проекти, Македонија би можела или да извезува струја или да ја користиме за да привлечеме инвестиции со ниски цени на енергија.
Промовирање на извоз базиран на услуги - знаење:
Оформување на дигитални технолошко-развојни индустриски зони кои ќе бидат отворени за инвестиции како на странски компании така и на наши домашни инвеститори. Во истите ќе има обезбедено комплетна инфраструктура, градинки/основно образование до четврто оделение, маркети, примарно здравство. Вработените ќе плаќаат намален данок на приход на сите приходи направени за работа за странски компании до одредена сума ) после тоа би биле стандардните 10% ) + би имало опции за здравствено и пензиско осигурување. Со ова ќе проба да се официјализира една огромна сива економија во Македонија, но и да се направи концетрнација на талент со што би можеле да привлечеме странски инвеститори да отворат свои претставништва во Македонија за повеќе да не бидеме подизведувачи туку да работиме на главните проекти со што нормално финансиската надомест драстично би се зголемила.
Формирање на слободна економска зона Мариово како и неколку други локации, кои ќе бидат отворени за инвестиции примарно од нашата дијаспора, каде што нормално освен стандарните доаночни олеснувања би имало и пристап до екслузивно за тие зони финансиски услуги. Иницијално привлекувањето би одело преку романтизација на целиот концепт ( дивиот запад) и примарно би целело кон луѓе со подлабоки џепови и би функционирало како оф-шор територија.Али со време за Мариово на пример кога би започнала изградбата на Чебрене таму би имало и инвестиција во инфраструктура и привлекување на нашата дијаспора за повторно враќање назад во државата со нудење на висок стандард на живот преку паметно урбано планирање, добра транспортна мрежа и пристап до квалитетно образование и здравствена нега. Целта е да се привлечат иселениците кои можат да работат за странски компании и од Македонија а се иселија само зошто условите за живот се катастрофални.
Потоа од иницијалните проекти останува уште еден многу важен проект, по мене и најважниот. Индустриска зона за циркуларна економија, која би била централна локација во државата за складирање, селекција, рециклажа и согорување на отпад. Нереално е држава колку Македонија да има повеќе регионални центри за справување со отпадот, немаме средства за да ги направиме сите тие центри да бидат по стандард но уште поважно и да бидат профитабилни. А секако останува тука дека и квантитетот некогаш си има свој квалитет па така на големо цените секогаш се пониски. Транспортот на отпадот би била комбнација помеѓу железнички и камиони, има неколку локации на кои би можело да се гради. Единствено Охрид, Кичево, Струга, Крива Паланка, Дебар, Пехчево и Берово би останале иницијално неповрзани. али со ставање повторно во функција на пругата до Кичево и изградба на пругата до Крива Паланка, негде околу 80-90% од државата би била покриена, вклучително и руралните места.
Потоа има уште некој 5-10 проекти кои дел би биле отворени за домашни инвеститори - дијаспора, дел немаат многу финансиски побарување али за кои е потребно огромна ефикасност на државниот апарат и за дел би се барале странски инвестици. Али тоа се секундарни проекти.
Земјоделството ќе биде најголемиот проблем за средување. Тука се планира помош индиректна од државата преку:
- Враќање на противградната одбрана
- Реставрација на регионалните складишта на железница ( силоси, утворани/растоварни станици, складишта) но и изградба на ладилници како и центри за пакување.
- Увоз на вештачки ѓубре и зелена нафта по "пријателски цени"
- Повторно отворање на расадници за производство на семенски материјал како и расад.
- Пазарите повторно да станат места каде што производители продаваат а не прекупци.
- Со изградба на мрежата од ХЕЦ да се гради и пристап до системи за наводнување.
- Изградба на системи за наводнување на база на соларна и ветерна енергија.
- Изградба на мрежи за топла вода за пластеници околу термо централите.
- Строга контрола на квалитетот на увоз.
- Министерството за надворешни работи и трговија да почне да си ја работи работата и да бара пазари за извоз.
Доста е ова, иако има уште многу да се пишува. Генералната идеја е:
Многу мали зарези ( без драстични потези) за намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста на државните институции. Неколку клучни инвестиции како и доста мали проекти со кои би го намалиле увозот и би ја зголемиле независноста на земјата. Користење на извоз на знаење, туризам и привлекување на инвестиции од дијаспората за внес на девизи во државата за да го балансираме увозот и да почнеме да акумулираме финансиски капитал за инвестирање.
За крај морам да потенцирам дека приказните околу изолација од страна на ЕУ нема да се случат. Првин доста сме прагматични и нема да гледаме премногу да брцаме во очи. Ако они ни овозможат финансирање на некои од проективе секако ќе прифатиме. А и да тргнат во тотална војна и они имаат доста валкани алишта и имаат земено еден куп поткупи од нашите функционери и имаат влезено во еден куп криминални бизниси со нив. Можеме да почнеме да го переме нивниот веш јавно во замена за амнестија за нашиве домашни функционери и многу брзо ќе се смират страстите.