Хумористична репортажа од весникот „Остен“ од 1960-тите, кога Вардар изгубил од Жељо. Според иницијалите во потписот, автор најверојатно е писателот за деца Бошко Смаќоски. Повеќе е обид за хумор отколку што е смешно, ама треба да се има предвид времето кога е пишувано ова. Интересно, денес немаме ни нормално спортско новинарство, а некогаш правеле пародии на репортажи...
ВАРДАР ПОТЕЧЕН ВО САРАЕВО
Сараево — Спроти натпреварот со Железничар, играчите и водството на Вардар беа расположени... во хотелот во кој одседнаа. Стручниот штаб на Вардар ноќе, по месечина, отиде да ја разгледа Грбавица и дојде до заклучок дека е навистина грбава, но тоа не им го кажа на своите пулени за да не замижат пред време.
Натпреварот на Грбавица започна грбаво, бидејќи играчите на Вардар беа дојдени по еден единствен бод, па макар и грбав. Но Грбавица е со два грба и Вардаровиот бод се наоѓаше меѓу двата грба. Само голманот на Вардар Мутибариќ не знаеше дека брани на Грбавица, па затоа многу право играше.
Пред крајот на првото полувреме во играта влезе Осим и веќе во второто полувреме постигна гол. Играчите на Вардар не се предадоа, туку, напротив, продолжија да го играат „тешкото“.
— Вардар подобар е и од Танец! — се воодушевуваше сараевската публика и му ракоплескаше на Осим.
Најпосле судијата даде знак дека играта е завршена. Играчите на Вардар радосно се стрчаа кон него и му ја целиваа свирката.
— Не треба, — се правеше скромен судијата. — Не треба, бидејќи вие ем игравте, ем во исто време бевте подобри свирачи и од мене.
Во соблекувалната на Вардар нашиот дописник од водачот на патот успеа да ја земе следната изјава:
— Ние сме морални победници. Сутјеска изгуби од Динамо, а Челик од Вележ.
Б. См.
Остен, 5 октомври 1966